Објавените цифри од Росстат (руското биро за статистика) не оставаат сомнежи дека Русија полега навлегува во фаза на рецесија, а можно и во фаза на долготрајна криза. Според статистичките податоци, во државата се чувствува ситуација, блиска на онаа во 2008 година. Тогаш рускиот БДП падна за 10%. Истовремено, не треба да се заборава дека големиот раст во последниве 10 години беше, во суштина, само обид да се врати Русија кон почетните успеси, и истиот не се одрази на животните услови на обичните граѓани. За да се развива понатаму, руската економија треба да го задржи темпото на раст што го имаат Кина, Турција или Бразил, каде има раст од 7 до 10% и покрај кризата во светот. Ако растот на рускиот БДП во 2013 година не надмине 2%, тоа ќе значи дека Русија не само што не се развива, туку сè уште не излегла од претходната фаза на кризата.
Во контекст на овие податоци посебно внимание предизвикува спокојството на руските чиновници кои не се занимаваат со стегање на појасите, туку обратно – со воплотување во реалност на своите монструозни (според вредноста) проекти како Олимпијадата или светското фудбалско првенство.
Русија личи на огромен брод кој со полна пареа се движи кон сантата мраз која ја претставува економската криза. Имајќи го предвид слабото здравје на неговите патници, може да се очекува дека судирот ќе заврши катастрофално. Наместо да се обидуваат да го спречат ваквиот развој на случките, капетанот се смешка, а првиот помошник трча по палубата и ги брка потчинетите, а морнарите бегаат на сите страни, криејќи по џебовите златни лажички, украдени во кралевските одаи.
Претставниците на власта го успокојуваат населението, надевајќи се дека цените на нафтата ќе растат, а во меѓувреме сите големи држави се обидуваат да најдат и разработат начини за добивање алтернативна енергија.
Експертите предупредуваат дека Русија ја чека тежок период: во 2014 и 2015 година буџетот ќе има дупка од 1,6 трилиони рубљи (околу 38 милијарди евра). Тоа значи дека указот на Путин да се елиминира дупката во буџетот не само што нема да биде исполнет, туку ситуацијата и понатаму ќе се влошува.
Русија наскоро ќе треба да се справува со своите проблеми самостојно: поради долгата економска криза, светските финансиски институти немаат средства за поддршка на рускиот раст, насочувајќи ги сите резерви на поприоритетни цели.
Што ќе се случи потоа? Се чини дека разгалената власт во Москва постојано ќе се труди да го одложи давањето одговор на оваа тема. Кога се распадна СССР, Михаил Горбачов беше зафатен со избор на лустер за новата вила во Форос, исто како што сегашната власт во Русија е зафатена со игри за возрасни: изградба на комплекси за скијање и фудбалски стадиони.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче