Сноуден може да каже наскоро: „Јас сакам да останам овде, во Русија“, кажува Фјодор Лукјанов, искусен експерт и уредник на списанието „Русија во глобалната политика“. „А зошто да не? Тој може да каже: ’Јас не им верувам на Кубанците, на граѓаните на Венецуела, јас ѝ верувам на Русија’. И што после тоа?“
Ако се случи тоа, Сноуден повторно ќе треба да поднесува барање за политички азил, од кој, демек се откажа поради зборовите на Владимир Путин дека може да остане во Русија само ако прекине да издава тајни за американските разузнавачки служби.
Барањето азил е почетокот на долгата „главоболка“ за Русија, која Путин, судејќи по сè, сака да ја избегне. Ако Сноуден претпочита да остане во Москва, Путин ќе треба да направи избор: или да го предаде Сноуден на САД, ризикувајќи да се покаже пред руските граѓани како слаб лидер, или ад му даде азил на Сноуден, нарушувајќи ги уште повеќе и така расипаните односи со Вашингтон.
Бидејќи таа варијанта е лоша за сите страни, тоа го тера Путин да се запраша за трета варијанта – да се преправа дека Сноуден не е во Русија, и да се надева дека тој ќе си замине што е можно побрзо, барем до септември, кога претседателот Обама треба да дојде во Москва на самитот на Г-20.
„Тешко дека Сноуден ќе има топол прием“, изјави Алексеј Пушков, парламентарец кој е близок до Путин. Тој дури напомна на својот Твитер дека Венецуела би бил добар избор за Сноуден: односите на оваа држава со Вашингтон се толку лоши, што присуството на Сноуден во Венецуела не може да ги направи работите полоши.
Во друг негов твит се кажува: „Венецуела го чека одговорот на Сноуден. Тоа можеби е неговата последна шанса да добие политички азил“.
Откако Сноуден дојде во московскиот аеродром Шереметјево на 23 јуни, него го држат во силно заштитен и изолиран дел од хотелот во аеродромот. Познато е дека таа територија е дипломатска и „неутрална зона“ за транзитните патници кои немаат визи. Неа ја опишуваат како удобен, но недостапен „полузатвор“ каде Сноуден треба да бара дозвола за азил.
Ако како иден дом го избере Каракас, нему ќе му требаат документи за да ја помине границата – засега тој има само анулиран американски пасош. Сепак, тоа прашање може да биде решено со средби меѓу чиновниците на Русија и Венецуела.
Тој исто така ќе треба да одбере маршрута која ќе го заобиколи американскиот и европскиот воздушен простор – инаку неговиот авион можат да го „спуштат“, како што се случи со претседателот на Боливија Ево Моралес во Виена.
„Ако тој остане овде поради некакви причини – политички, технички, бирократски, јас не знам... Секако, тоа ќе биде сериозен проблем кој ќе треба да се решава пред сите останати“, изјави Лукјанов.
Сноуден беше „невидлив“ во последниве две недели. Сепак, можеби наскоро повторно ќе стане „видлив“ за Путин – светскиот лидер, кој сè повеќе сака Сноуден да замине.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче