The National Interest: Плашете се од сојузот меѓу Кина и Русија

Идниот сојуз меѓу Кина и Русија ќе влијае на светската геополитика.

После последната посета во Москва во март, новиот претседател на Кина му соопшти на Владимир Путин дека Пекинг и Москва „треба да се поддржуваат еден со друг во нивните напори за заштита на националниот суверенитет, безбедност и интересите“. Тој исто така вети „тесна соработка во меѓународните и регионалните работи“. Путин во одговор на тоа изјави дека „стратешкото партнерство меѓу нас има огромно значење, како на билатерален, така и на меѓународен план.“ Соодветно, Американците треба внимателно да ги анализираат руско-кинеските односи и нивните последици за САД.

Самитот меѓу Владимир Путин и Кси Џинпин не привлече посебно внимание во САД и во медиумите, но таквата небрежност може скапо ја ги чини САД. Денес во Москва и Пекинг постои простор за маневри, како и основа која може да се искористи за да се нанесе штета на американските интереси.

Ако се зборува конкретно што можат двете страни да направат – може да се зборува за два курса. Првиот – создавање и поддржување на неофицијален сојуз со цел да се спротивстават на американското влијание, во кое тие гледаат опасност за најважните нивни интереси. Вториот – двете држави можат да создадат „дипломатски триаголник“, сличен на стратегијата на Никсон/Кисинџер од 70-те години. Со тоа сценарио Москва и Пекинг можат да му се заканат на Вашингтон со создавање на билатерална унија или склучување на некој привремен договор за соработка за да се направи притисок врз САД и да се стават Американците „во ќоше“.

Изненадува тоа што некои европски држави, неспособни да направат барем колку-толку здрава економска политика и ефективно да ги интегрираат во своите заедници емигрантите – создадоа огромен стремеж да ја рекламираат Европа пред остатокот од светот како пример кој треба да се подражава – ако, се разбира, САД им ги обезбедат потребните „мускули“.

Општоприфатената гледна точка на САД практично не дозволува можност за глобално прегрупирање на силите, што веќе е активирано од страна на Кина и Русија, кои чувствуваат дека американската и европската политика е закана за нив. Какви и да се шансите за создавање на цврст сојуз меѓу двете држави врз основа на нивните стратешки интереси, дури и привремен договор од тактичен карактер може да изврши огромно и долговремено влијание врз светската политика. Спомнете си за кратковремениот пакт Молотов-Рибентроп, кој за помалку од две години активираше такви драматични сценарија, за кои Западот воопшто не беше подготвен. Тешко дека Лондон и Париз денес можат да си претстават како ќе влијае некој таков сличен сојуз.

Секако, на овој руско-кинески сојуз му пречат доста нешта: долгогодишната заемна недоверба; кинеското чувство за доминација и руската носталгија по империјата; намалувањата на кинеските потреби од руска технологија; стравовите од Русија околу суштествените кинески капитални вложувања во Сибир; фактот дека на Кина и на Русија далеку повеќе им требаат САД и ЕУ, отколку што си требаат еден на друг.

Сепак, кинеските и руските раководители ќе ги „испеглаат“ тие недоразбирања, земајќи ги предвид заедничките интереси на Москва и Пекинг. Посебно тоа е засилено со фактот дека со распадот на СССР, Западот не заврши со обидите да ја сруши советската империја, трудејќи се денес да ја трансформира и современа Русија, односно што повеќе да ја ослаби и стави во „менгеме“, поддржувајќи ги НАТО интеграциите на поранешните земји од СССР. Но истото се случува и со Кина. САД активно ги поддржуваат соседите на Кина кои имаат спорови со оваа држава, вклучувајќи ги и територијалните. Иако стегата на САД врз Азија е слава, сепак, таа ја мотивира Кина да се чувствува дека се наоѓа опколена.

Кина и Русија сакаат да се ослободат од политиката на „двојно задрживање“, како што ја гледаат двете држави, и на нејзино место да изградат светски политички и економски систем, сличен на оној создаден од САД и Западот заради сопствена корист.

Што се однесува до Иран, претставете си ситуација коа Кина и Русија после американскиот и израелскиот напад на таа држава ќе му предложат на Техеран гаранции за безбедност или повторна изградба на нуклеарната инфраструктура. Во Сирија веќе гледаме резултати од тоа како Русија застана на спротивната страна, а Кина е на „стенд-бај“. Или, претставете си како Кинезите им помагаат на партизаните на Филипините, а Кремљ ги мотивира руските малцинства во Литванија и Естонија. Ако односите на САД со Кина и Русија се влошат, таквите кошмари не треба да се исклучат.

Русија и Кина веќе стабилно и уверено го зголемуваат и модернизираат својот воен потенцијал. Засега Вашингтон се однесува воздржано и претпазливо, за да не создаде впечаток дека прекумерно реагира. Но, претставете си само што може да се случи ако армиите на двете држави и понатаму јакнат, имаат вежби низ целиот свет, посебно ако тоа го прават заедно. Тешко дека меѓу Западот и Кина и Русија ќе има војна. Она што е сигурно е дека ќе се има поголем притисок на глобалната арена, како и конфликтни ситуации, слични како оние во Сирија. Надежите на САД за процветување се ставени под знак прашалник.

Светот во кој функционира руско-кинески сојуз, или дури дипломатски триаголник не е неизбежност. Но таквиот ризик постои, и Западот треба добро да го разбере тоа. А за да се намали веројатноста од таква ситуација, не треба да се оди на капитулација, туку на примирување. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.