Росијскаја газета: За Македонија ќе има крак од „Јужен тек“

Балканската држава сериозно е заинтересирана да има свој дел од „Јужен тек“. Сега „Гаспром“ продава во Македонија најскап гас во Европа. После приклучувањето кон заедничкиот гасовод, државата со сигурност ќе добие поевтино гориво.

За изградба на гасоводот ќе се појави заедничко претпријатие, пишува во договорот кој Владата на Македонија и Русија го потпишаа. Договорот за соработка за создавање на крак од гасоводот „Јужен тек“ веќе е објавен на интернет-страницата на руската влада.

Ако анализата покаже дека е исплатлива изградбата на крак за Македонија, Македонија и Русија ќе создадат заедничко претпријатие со сопственост 50%-50%. Другите конкретни услови и рокови на испораката на гасот ќе бидат утврдени со идните договори меѓу „Гаспром“ и „Македонски енергетски ресурси“.

Правата за користење на гасоводот ќе останат кај рускиот монопол. Македонија ќе биде обврзана да воведе царински и даночни олеснувања и да не воведува никакви ограничувања во однос на руските инвестиции на територијата на републиката.

Преговорите на Москва и Скопје за „Јужен тек“ започнаа пред неколку години. Од самиот почеток македонската страна покажува вонреден интерес за овој проект. Рускиот гас Македонија го добива од 1997 година. Според некои прогнози, побарувачката на гас во републиката после 2030 година ќе се зголеми до 2,5 милијарди кубни метри годишно.

Засега побарувачката за гас во Македонија е повеќе од скромна – во 2011 година „Гаспром“ испорачал во Македонија 0,13 милијарди кубни метри гас. Најверојатно како кочница за зголемувањето на потрошувачката е цената. Претходно беше соопштено дека цените за гас во Македонија се највисоки во Европа. Босна, Чешка и Бугарија исто така се најдоа меѓу државите кои му плаќаат на „Гаспром“ повеќе од 500 долари за илјада кубни метри гас. Тоа се случува поради недостатокот од алтернативи за снабдување со гас во тие земји, како и поради малите количини гас кои се продаваат од „Гаспром“ во тие земји. Најевтин гас „Гаспром“ продава во Велика Британија (360 долари за 1000 кубни метри гас).

Експертите сметаат дека после активирањето на „Јужен тек“, државите на југот на Европа ќе плаќаат помалку за гас. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.