Како што изјави директорот на Федералната служба за миграција (ФМС на Русија), Константин Ромодановски, неговиот ресор во моментов активно работи на голем проект за иселување на 3 милиони нелегални емигранти од Русија, кои најчесто доаѓаат од поранешните советски републики.
Според тврдењата на Ромодановски, системот за електронска регистрација на секој емигрант кој сака да дојде во Русија практично е подготвен за воведување, а од 2015 година ќе биде заострен режимот за влез на државјаните од тие републики во земјата: во Русија ќе се влегува само со пасош, а не со документите за внатрешна употреба во матичната република, како што е случај денес. Тие кои ќе го прекршат ова правило ќе бидат сместени во специјални центри, од кои понатаму ќе бидат депортирани во татковината, а влезот во Русија ќе им биде забранет.
„Тие луѓе, воглавно млади, не се прилагодени на животот во нашата земја и се однесуваат како што сакаат, што доведува до оправдан револт од страна на нашите граѓани. Ние мораме да воведеме ред во таа област и не смееме да ги повторуваме грешките на западноевропските држави“, изјави функционерот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.