Во четвртокот претседателот и сопругата присуствуваа на балетот „Есмералда“ во Државниот дворец во Кремљ. После балетот тие дадоа интервју на кореспондент од каналот „Русија 24“. Одговарајќи на прашање на новинарот дали брачниот пар ќе се разведе, Људмила Путина одговорила: „Да, може да се каже дека ова е цивилизиран развод“.
Претседателот на Русија соопшти дека решението за развод го донеле со Људмила заедно.
Владимир Путин го објаснува разводот со тоа што не се сите подготвени за високиот степен на јавен живот, што и го бара улогата на првата дама во општеството.
„Сета моја дејност, сета моја работа е поврзана со јавната сфера. Некому не му се допаѓа, но има луѓе кои се целосно некомпатибилни со улогата на јавни личности“, изјави Путин.
Претседателот изјави дека со сопругата после разводот ќе останат блиски пријатели. Људмила Путина изјави: „Ние имаме добри односи, и јас сум среќна што тој постојано ме поддржува, исто како и децата. Тој се грижи за децата, и децата секогаш тоа го чувствуваат“.
„Нашиот брак е готов поради тоа што ние практично и не се гледаме. Владимир Владимирович е целосно ангажиран и задлабочен во својата работа“, додаде Људмила Путина.
Портпаролот на претседателот, Дмитриј Песков, изјави дека Владимир и Људмила засега немаат поднесено официјално барање за анулирање на нивниот брак.
Политикологот Евгениј Минченко вака го коментира разводот: „Тоа е лична работа на Владимир Путин. Ако изјавата за разводот некако влијае на неговиот рејтинг, тоа ќе биде само во позитивна насока, бидејќи Русија е напредна држава, со висок степен на стрпливост и прифаќање на промените, а и разводите кај нас се честа појава, многумина поминале низ тоа“.
Политикологот Дмитриј Абзалов: „Личниот живот има мал удел во рејтингот на претседателот. Сосема малку тоа ќе влијае во кариерата на Владимир Путин“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче