Секретарот во Советот за Безбедност, Николај Патрушев, замина во Вашингтон со порака за Обама од Владимир Путин. Тоа писмо е одговор на писмото кое го доби Путин од Обама на 15 април. Во него најверојатно е даден предлог за активирање на соработката околу ПВО, како и размена на информации од таа сфера.
„Ние не сме целосно задоволни од американските предлози“, изјави шефот на меѓународниот комитет во Думата, Алексеј Пушков. „Во суштина, нам ни предлагаа создавање на информативно биро за ПВО. Но сите податоци за американските планови ние ги добиваме и по други патишта. На Москва ѝ се потребни правни гаранции дека системот за ПВО нема да биде насочен кон Русија, или па договор за развој на заеднички систем за противракетна одбрана“.
Против иницијативата на Обама, но поради други причини, го дигнаа гласот и републиканците во американскиот конгрес, кои го користат секој повод за да го стават претседателот во тесно. Сега тие се обидуваат да ги блокираат предлозите на претседателот за соработка со Русија, внесувајќи предлог-закон со кој се предвидува забрана за давање било какви информации на руската страна за системот за ПВО.
Републиканците уште од времето на Реган го сметаат системот за ПВО за еден од најважните национални тајни и секогаш се противеле да соработуваат со Русија во таа сфера.
Русија и САД денес се држави со најразвиени системи за противракетна одбрана. Двете држави имаат како тактички, така и стратешки системи за противракетна одбрана. Последниве години Америка активно ги инсталира своите делови од системот за ПВО во различни региони во светот, вклучувајќи ги и регионите недалеку од руските граници, што силно ја вознемирува Москва.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче