Московското метро слави роденден

Московското метро денес полни 78 години.

Московското метро денес полни 78 години. На 15 мај 1935 година во 7 часот наутро започна регуларното движење на возовите по првата линија со должина од 11,2 километра од станицата „Соколники“ до станицата „Паркот на културата“. За патниците биле отворени 13 станици.

Празникот по повод јубилејот ќе трае неколку дена со одржување на неколку манифестации во паркот Соколники во Москва.

Денес московското метро претставува ремек дело на уметноста и инженерството. Нема да се претера ако се каже дека е најубавото метро во светот. „Музеј под земја“, би рекле сите кои го посетиле московското метро.

За развој на московското метро до 2020 година московските власти изделија повеќе од 24 милијарди евра (некаде околу 10 македонски буџети). Планирано е да се изградат дополнителни 150 километри линии, како и 67 станици. Вкупната должина на метро линиите до 2020 година ќе се зголеми до 451 километар, а бројот на станици - до 252.

Интересно за московското метро е дека објавувањето на станиците на звучниците додека возовите се движат на линиите кон центарот на Москва - е со машки глас, додека движењето од центарот кон периферијата на градот - со женски глас, додека на единствената линија „Кољцеваја“ (која прави круг околу центарот на Москва), движењето на возовите по стрелките на часовникот го објавува машки глас, додека спротивно од стрелките на часовникот - женски глас. Ова е направено за да се поедностави ориентацијата на патниците кои имаат послаб вид. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња