Кремљ не се плаши од твитер-револуции

Експертите не ја преувеличуваат улогата на твитер-револуцијата: социјалните мрежи не се мотор на протестите, но нивното блокирање во секој случај предизвикува незадоволство.

Експертите во Кремљ повикуваат да не се преувеличува улогата на твитер-револуциите. Фондот за развој на граѓанското општество под раководство на Константин Костин подготви извештај во кој тој на социјалните мрежи им даде второстепена улога во однос на традиционалните медиуми.

Во извештајот се анализира улогата на социјалните медиуми во револуционерните и масовните собири против авторитарните режими во последниве години, а особено во 2009 година во Молдавија и неостварената „зелена револуција“ во Иран. Како што утврдуваат авторите на извештајот, основната координација на учесниците на протестите е направена преку масовно праќање на СМС пораки, додека во Молдавија таа улога ја презеде социјалната мрежа „Одноклассники“.

Освен тоа, меѓу оние кои активно ги следеле случувањата во Кишинев, најзабележливи биле микроблогерите кои не учествувале директно во акциите - туку романските новинари и граѓани на Молдавија кои живееле во странство. Како резултат на тоа Твитер не се користел за координација и мобилизација, туку за привлекување на надворешното внимание.

Во случајот со Иран во 2009 година ситуацијата била слична: луѓето се мобилизирале по пат на СМС пораки, а активистите кои зеле учество во протестите и кои тоа го пишувале во микроблоговите - биле 100-на на број. Поради посилниот притисок и контрола врз Интернетот во Иран, активистите биле принудени да ги користат потрадиционалните форми за комуникација.

Во Египет, пак, биле блокирани сајтовите на опозициските весници, а кога граѓанскиот судир со режимот на Хосни Мубарак почнал да се засилува, бил забранет пристапот кон Фејсбук и Твитер, а од 27 јануари до 6 февруари во Египет била прекината и мобилната врска.

Како резултат на тоа, дејствата на властите ги отежнале комуникациите меѓу протестирачите, а забраната за мобилна врска само го зголемил бројот на луѓе кои протестирале. На тој начин забраната на властите дејствувала како катализатор за зголемување на бројот на поддржувачи на револуцијата.

„Ние сметаме дека улогата на социјалните мрежи во револуциите во последниве неколку години е преувеличена и дека политичките сили и традиционалните медиуми играат позначителна улога во она што се случува на терен. Социјалните медиуми можат да го зголемат незадоволството, но тоа е само инструмент за конкретен играч во популаризацијата на својата позиција“, ги коментира Костин заклучоците на својот фонд. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.