Демографските показатели во Русија сега се подобри отколку во Балтичките држави

Експертите на Западот кажуваат дека доколку Русите погледнат во огледало и ги средат сметките со Сталин, Гулазите и КГБ - тие ќе можат да водат поздрав, подолг и продуктивен живот.

Од странските експерти за Русија може да се слушне дека ужасната демографска ситуација во државата не е само резултат на 80-годишно безумие под јаремот на социјализмот, туку и на јавната морална неспособност на руското аристократско раководство „да погледне в лице“ на многуте неправди кои се направени при изградбата на комунизмот. Експертите на Западот кажуваат дека доколку Русите погледнат во огледало и ги средат сметките со Сталин, Гулазите и КГБ - тие ќе можат да водат поздрав, подолг и продуктивен живот.

Основната идеја која ја повторува широк спектар аналитичари - левичари, десничари и центристи во Русија и вон неа - се состои во тоа што реалниот излез од руската „демографска криза“ - е спроведување на либерални политички реформи и поагресивна декомунизација. Се претпоставува дека ако се зголеми отвореноста на руската влада, граѓаните во државата послободно ќе учествуваат во општествениот живот, и Русија ќе ги осознае неправдите од советските времиња, а Русите ќе живеат поздраво и поплодовито.

Таа теорија изгледа убедливо, иако е тешко да се согледа врската меѓу декомунизацијата и демографијата. Пред да се прифати идејата дека демократизацијата повлекува и подобрување на демографијата, тогаш истата треба детално да се провери, како и секоја друга теорија. За среќа, сега може да се погледне на искуството на неколку други држави кои беа во составот на СССР, но, за разлика од Русија, успешно се интегрираа во западниот свет и станаа полноправни членови на Европската Унија, НАТО и други здруженија. Не е тешко да се претпостави дека станува збор за Балтичките држави. Естонија, Летонија и Литванија го започнаа процесот на декомунизација одамна. Тоа е разбирливо, бидејќи тие никогаш не го гледале комунизмот како нешто свое, туку како нешто донесено однадвор, и, како резултат на тоа, антикомунистичкото движење овде беше далеку посилно. Денеска овие земји ги фалат од Европа за добрите мерки за штедење, а Летонија ја сметаат за „најбрзо растечка економија“ во Европа. 

Што се однесува до демографијата на двете земји, можат да се забележат две сосема различни тенденции. Русија долго време заостануваше од соседите. Сепак, од 2005 година наваму ситуацијата почна нагло да се менува, за сметка на сѐ полошата демографска ситуација во Балтичките држави. Притоа, руската демографија почна да се подобрува кога системот стана уште позатворен и конкурентен, а рејтинзите во државата за демократијата паѓаа. Во меѓувреме, Балтичките држави влегоа во Европската Унија и од нив започна масовна емиграција кон другите, побогати земји на Европската Унија. Русија, пак, во континуитет е заплисната со бранови емигранти од другите земји од поранешниот СССР. Наталитетот во Балтичките држави после 2008 година е 20% понизок отколку во Русија. Со ова не сакаме да покажеме дека Балтичките држави треба да го следат примерот на Русија, и не сакаме да покажеме дека автократијата води кон демографска стабилност. Едноставно сакаме да укажеме дека демографијата не зависи од состојбата на политичките институти или од видот на режимот. Постојат држави со силна демократија и слаба демографија (Балтичките држави), држави со демократија и силна демографија (Индија), држави со авторитарни институти и силна демографија (Саудиска Арабија) и држави со авторитарни институти и слаба демографија (Белорусија).

За среќа, или за несреќа, демократијата нема никаква врска со демографијата и не може да служи како лекарство за демографските проблеми кои сега сѐ повеќе се среќаваат во Источна Европа. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.