Северниот морски пат - златната жила на Русија

Русија активно работи на развојот на Арктикот, каде најважниот чекор во овој правец би можел да стане развојот на северниот морски пат.

Русија активно работи на развојот на Арктикот, каде најважниот чекор во овој правец би можел да стане развојот на северниот морски пат. Реализацијата на овој крупен проект одговара на економските, политичките и воените интереси на Русија. Почетните чекори веќе се направени - се работи на изградба на три големи и моќни атомски мразокршачи кои ќе ги следат трговските бродови во текот на целото патување.

За освојување на Северот, пред сѐ неопходен е пат - едногласно се согласуваат експертите на конференцијата „Нафтата и Арктикот“ во норвешкиот град Ставангер. Северниот морски пат е златна жила на Русија и е важен за сите. Неговите предности се јасни и очигледни - тој ги намалува трошоците. Но, она што е можеби најважно, е фактот дека движењето по овој пат ја исклучува можноста за напад на трговските бродови од страна на пиратите.

Руските атомски мразокршачи ќе можат да кршат лед дебел 3 метра. Со ова практично се отвора можноста за користење на Северниот морски пат во текот на целата година. Изградбата на 3 вакви атомски мразокршачи ќе ја чини Русија 1 милијарда долари. Првиот од нив ќе се појави во 2017, вториот во 2019, а третиот во 2021 година.

„За да биде Северниот морски пат ефикасен, неопходно е да се изградат не само мразокршачи, туку и целосна инфраструктура - да се модернизираат пристаништата, да се подготват специјалисти за работа во сложени арктички услови“, изјави раководителот на проектот за меѓународни односи при Рускиот универзитет за нафта и гас, Анатолиј Золотухин.

Идејата за создавање на Северен морски пат како алтернативна морска маршрута постои уште од 16 век. Во 20 век, до распадот на СССР, таа маршрута беше активна. Дојде време Русија повторно да ја обнови оваа стратешка маршрута. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња