Москва преминува во дипломатска контраофанзива на Блискиот Исток

Русија се обидува да ги врати своите позиции во регионот, загубени после „арапската пролет“.

Во Москва на 20 февруари се одржа првата сесија на Руско-арапскиот форум за соработка. Оваа средба е обид на Москва да ги врати своите позиции на Блискиот Исток, изгубени после „арапската пролет“. Освен напорите за активирање на дијалогот меѓу сириската опозиција и режимот на Башар Асад, Русија се обидува да го реанимира палестинско-израелскиот дијалог и да повика одржување на конференција за ненуклеарна зона на Блискиот Исток. Сепак, експертите оценуваат дека шансите за успех на овие планови се ниски.

Средбите со претставниците на арапскиот свет во Москва се очекувани веќе три години. Отварајќи ја првата сесија на Руско-арапскиот форум за соработка на министерско ниво, шефот на МНР на Русија, Сергеј Лавров, напомни за клучните проблеми во регионот.

Според него, иницијативите на Москва досега се одбивани во арапскиот свет (како во случајот со сириската криза), или се кочени од Израел.

Обраќајќи се до арапските министри, Лавров им дал до знаење: „Москва нема да седи настрана, слушајќи ги обвинувањата за поддршка на режимот на Асад, туку ќе премине во дипломатска контраофанзива“.

Сириската криза стана една од темите во телефонскиот разговор меѓу Сергеј Лавров и државниот секретар на САД, Џон Кери.

Позициите на САД и Русија и така доста се оддалечија во последниве години, така што Москва и Вашингтон сега се приморани да најдат точки за зближување. Како поинаку, ако не преку сирискиот проблем. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.