Времеплов: на денешен ден во историјата на Русија

Вселенската станица „Мир“

На 19 февруари 1986 година беше лансирана руската орбитална станица од третата генерација - „Мир“.

Идејата за создавање на орбитална вселенска станица беше предложена уште во 1976 година, а во август 1978 беа завршени нацртите за идната вселенска орбитална станица. Во 1979 година започнала работата околу создавањето на станицата - биле создадени основните модули, научната опрема, но поради трансфер на средствата за програмата за рускиот вселенски шатл „Буран“, од 1984 работата околу оваа станица била замрзната, но наскоро, на XVII конгрес на Комунистичката партија било решено да се продолжи работата над оваа вселенска станица.

Во создавањето на оваа вселенска станица биле вклучени над 280 организации. Основниот блок бил пуштен во употреба на 20 февруари 1986 година, а во текот на следните десет години биле споени и другите шест модули.

Од 1995 година станицата почнаа да ја посетуваат и странски екипажи. На вселенската станица имало 15 експедиции, од кои 14 - меѓународни, со учество на космонаути од Сирија, Бугарија, Авганистан, Франција, Јапонија, Велика Британија, Австрија, Германија, Словачка, Канада и САД.

Кон крајот на 90-те години, на станицата почнале да се појавуваат многубројни проблеми поради постојаните дефекти на различни системи. Поради тоа, владата на Руската Федерација, поради големите трошоци за одржување, решила да ја потопи станицата. Тоа било направено на 23 март 2001 година.

Иако било предвидено да функционира само 5 години, станицата три пати подолго била на служба на науката и истражувањето на вселената (направени се 23.000 експерименти). Вкупниот број на космонаути кои работеле на станицата изнесува 102, а еден од нив (Валериј Полјаков) се задржал на станицата 438 дена. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња