„Приватизацијата треба да допринесе за развој, за зголемување на капитализацијата на нашиот сопствен берзански пазар, а не да работи во корист на странските финансиски пазари“, изјави неодамна претседателот на Русија, Владимир Путин, поставувајќи го одамна очекуваното прашање - каде е најдобро да се продаваат акциите од државните компании.
Во 2013 година државата планира да спроведе минимум три големи приватизации: продажба на 10-25% од ВТБ, 7-14% од „Апроси“ и 25-50% од „Совкомфлот“. Прва по ред за приватизација ќе стане ВТБ. Кон крајот на минатата година, претседателот на ВТБ, Андреј Костин, изјави дека оваа државна банка е подготвена да послужи како пример за новата приватизација во Русија. Меѓу крупните продажби треба да помине време, така што, продажбата на „Апроси“ и „Совкомфлот“, најверојатно ќе бидат продадени во втората половина од оваа година.
Се поставува прашањето - дали да се стават акциите на берзата во Русија? Експертите ги вознемирува тоа што Русија, според нив, сѐ уште не е готова за големи берзански трансакции, како што тоа го прават Лондон или Њујорк. Проблемот е во тоа што странските инвеститори речиси ништо не знаат за финансискиот пазар во Русија, а особено лошо е позната Русија во Америка, кажува соработникот на Link Capital, Тарас Важнов. „Шефовите на најголемите хеџ-фондови со неколку десетици милијарди долари поставуваа прашања, како „Можат ли руските компании да плаќаат дивиденди на странските акционери?“ или „Има ли во Русија ревизори од големата четворка?“, кажува експертот.
Непопуларноста на руската берза е условена од внатрешни проблеми. Еден од тие проблеми - е недостигот на внатрешни долгорочни инвеститори. Кон крајот на ноември, минатата година, на Московската берза имало регистрирано околу 1 милион клиенти - физички лица, од кои само околу 70.000 биле активни - извршувале повеќе од една зделка месечно. Само за споредба: во САД има 90 милиони индивидуални инвеститори, во Кина - 94 милиони, во Бразил - 20 милиони.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче