Бугарите гласаа за изградба на атомска централа

Жителите на Бугарија гласаа во корист на нуклеарната енергија.

Жителите на Бугарија гласаа во корист на нуклеарната енергија. Ова го кажуваат резултатите од националниот референдум за изградба на нови атомски централи во државата, кој се одржа на 27 јануари. Бугарите беа прашани: „Го поддржувате ли развојот на нуклеарната енергетика преку изградба на новата атомска централа?“. Гласале „ЗА“ 61%, а „ПРОТИВ“ - 35%. Притоа одзивот не бил многу висок (само 21,8%), но е над минималната граница. Ова означува дека сега прашањето за изградба на атомска централа ќе биде дадено на разгледување во парламентот.

Референдумот беше инициран од опозицијата - Бугарската социјалистичка партија. Првоначално прашањето било планирано да се постави поконкретно, и да се праша за изградбата имено на атомската централа „Белене“.

Тендерот за изградба на бугарската атомска централа „Белене“ беше објавен во 2005 година. Победник на овој тендер беше руската компанија „Росатом“. Во 2007 година рускиот проект беше признат за соодветен на европските стандарди за изградба на таков вид реактори од новата генерација, и на 18 јануари 2008 година беше потпишан договор за изградба на атомската централа.

Сепак, во последно време плановите на бугарската страна се изменија. Сега на местото каде се врши изградбата на „Белене“ се планира да се изгради термоцентрала која ќе работи на гас. Бугарските власти имаат намера да го пренесат речиси готовиот руски реактор од централата „Белене“ во „Козлодуј“, и на таков начин да се зголеми бројот на енергетски блокови на единствената функционална атомска централа во земјата до три.

Денес во Бугарија функционираат петтиот и шестиот енергетски блок на АЦ „Козлодуј“. Тие реактори ќе работат до 2017, односно 2019 година. Како што неодамна изјави министерот за економија, енергетика и туризам, Делјан Добрев, работата на двата блока на единствената атомска централа во Бугарија (изградена во 1974 година), може да биде продолжена до 2030 или дури до 2040 година. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.