Од денеска до среда во Руската Федерација ќе престојува министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски.
За време на преговорите меѓу министрите за надворешни работи, планирано е да се разговара за широк спектар на прашања од руско-македонската соработка и актуелни проблеми од европската и светската политика, како и ситуацијата на Балканот.
Полека но сигурно се развива билатералниот политички дијалог. Во јуни 2012 година,во рамките на XVI Петербуршки меѓународен економски форум, се одржа средба на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, со премиерот на Република Македонија, Никола Груевски. Од 31 октомври до 2 ноември 2012 година, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го посети Меѓународниот форум „Светот и спортот“ во Сочи. Контактите на највисоко ниво ја одразуваат заедничката намера да се даде нова динамика во односите меѓу Русија и Македонија.
Посебно внимание, вклучително и во рамките на Меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, се посветува на зголемувањето на трговијата и економската соработка. Притоа, вкупниот обем на руските инвестиции во македонската економија надмина 310.000.000 долари.
Се проведуваат договори за развојот на македонската гасна мрежа врз основа на Меморандумот за соработка во изградбата на идниот систем за дистрибуција на гас во Македонија преку клириншкиот долг кој Русија го има кон Македонија. Од македонска страна е изразен интерес за приклучување кон „Јужен тек“.
На меѓународната арена, Москва и Скопје се залагаат за засилување на централната улога на ООН како главен и универзален инструмент за поддршка на мирот и безбедноста. Меѓу главните теми на дијалогот меѓу двете земји се и прашањата за европската безбедност, како и решавање на проблемите во Западен Балкан.
За време на посетата на Никола Попоски се очекува потпишување на Договор меѓу Владата на Руската Федерација и Владата на Република Македонија за основање и услови на дејност на културните центри, како и План за консултации меѓу Министерството за надворешни работи на Руската Федерација и Министерството за надворешни работи на Република Македонија во 2013 и 2014 година.
Оваа посета во Москва треба да го асфалтира патот за понатамошно зголемување на соработката во различни сектори меѓу Русија и Македонија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче