Русија ја прошири црната листа на државјани на САД кои ќе сносат санкции воведени после усвојувањето на „Законот Магнитски“ во американскиот Конгрес. На т.н. „Листа Гвантанамо“ засега се наоѓаат 60 луѓе. Тоа го изјави претседателот на Комитетот за меѓународни работи во Думата на Русија, Алексеј Пушков.
Тој исто така изјави дека сите тие лица, според податоците со кои располага руската страна, се вмешани во најгруби кршења на човековите права во воената база Гвантанамо, како и во тајни специјални затвори на CIA во Европа во кои се мачени затвореници.
Лицата кои се додадени во списокот може да се поделат во три категории. Во првата влегуваат судиите, истражните судии, членовите на Министерството за правда и агентите на специјалните служби кои учествуваат во кривичното гонење и осудување на руски државјани на долги затворски казни. Во втората категорија спаѓаат американските конгресмени кои го иницираа носењето на „Законот Магнитски“. Третата категорија ја сочинуваат американските родители кои се виновни за злоставување и смрт на усвоени деца од Русија, судии кои донеле неадекватни пресуди во таквите случаи и психијатари кои тврделе дека децата, наводно, имале вродени мани и сериозни аномалии во развојот кои довеле до нивната смрт.
Во декември 2011 Русија одби да му даде виза на контраадмиралот на Воената морнарица на САД, Џефри Хербесон, поранешен раководител на затворот во Гвантанамо.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче