„Тенденцијата за економска, социјална и политичка модернизација на Русија ќе биде продолжена“, изјави премиерот Дмитриј Медведев во својот говор на Гајдаровиот форум во Москва, одржан во Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација.
Медведев исто така нагласи дека владата во блиска иднина ќе има задача да осигури стабилен раст на бруто домашниот производ од најмалку 5% на годишно ниво. Медведев, притоа, ќе се заложи за понатамошна децентрализација на економијата. Според мислењето на премиерот, државните корпорации ја одиграа својата улога во консолидирањето на поединечните активи, и сега треба да се фокусира кон стимулирањето на приватното претприемништво.
Економскиот форум го носи името на рускиот економист Егор Гајдар. Тој беше еден од главните носители на економските реформи на почетокот на 90-те во Русија. Оваа година форумот се одржува под слоганот „Русија и светот: предизвици на интеграцијата“. Овој форум не е главна случка во светот на финансиите, но традиционално го посетуваат претставници на светската економска елита. Овој пат во рускиот главен град допатува и добитникот на Нобеловата награда за економија во 1999 година, Роберт Мундел, претседателот на Светската банка, Отавиано Кануто, како и министрите за финансии на Бугарија, Индија и Белорусија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче