Ирина Звјагељскаја, професор на МГИМО, главен научен соработник на Институтот за ориенталистика на РАН, смета дека руската операција, која ги зацврсти позициите на Асад и неговата армија, ја поттикна меѓународната заедница на преговори. „Руската интервенција помогна да се промени рамнотежата на силите и токму благодарение на таа промена беше отворен патот кон преговори", изјави Звјагељскаја за „Руска реч на македонски". „Преговорите одат тешко, но единствено по руската интервенција тие станаа во принцип возможни".
Звјагељскаја исто така истакнува дека вмешувањето на Русија во сирискиот конфликт покажа дека Русија и САД, без оглед на сложените односи, можат да соработуваат и да дојдат до заедничко разбирање на ситуацијата при разгледување на принципиелни прашања. Како пример за ова може да послужи резолуцијата на Советот за Безбедност бр. 2254, подготвена со активно учество на двете држави и која предвидува општо мировно регулирање. Уште едно постигнување, според мислењето на експертот, е тоа што Русија успеа да спречи насилно соборување на сирискиот режим, кое можеше да ја втурне земјата во целосен хаос, како што се случи со Либија.
Со Звјагељскаја се согласува арабистот Леонид Исаев, виш предавач на катедрата за политологија на Националниот истражувачки институт „Висока школа за економија". Тој истакнува уште еден позитивен привремен резултат од руската операција. „Во моментов веќе не станува збор за блицкригот на ИД на територијата на Сирија, па и на Ирак", изјави Исаев за „Руска реч на македонски". „Повеќе може да се каже дека ИД се обидува да ги задржи претходно освоените територии".