Како живее највисокиот човек во Русија

Евгениј Разумни/Ведомости/TASS
Во метрото мора да се наведне, во авион бесплатно го преместуваат во бизнис-класата, а порано најтешко му беше да купи соодветна облека.

И покрај неговата извонредна големина, Сергеј води сосем обичен живот: оди на работа, се занимава со домашните обврски, се дружи со пријателите. Единствената разлика е што сите го препознаваат „од авион“.

Кошаркарски живот

Сергеј Иљин е роден 1987 година во обично семејство, во Смоленската област, во градот Вјазма. Мајка му е висока 170 см, а татко му 185 см. Сергеј ненадејно почнал да расте во 9-то одделение по 10 см годишно! Кога неговата висина не запрела на 2 метри 19 сантиметри, во хипофизата му бил пронајден бениген тумор со големина на орев. Тој вршел притисок врз хипофизата, поради што таа прекумерно лачела хормон на растот. Кога туморот беше отстранет, младиот човек порасна уште неколку сантиметри и запре таму.

Најголемата висина на Сергеј беше 225 см, но со возраста, тој, како и сите луѓе, малку се намали. „Кога ме мереа за „Книгата на рекорди на Русија“, во стоечки став беше 223 см, а во лежечки 227 см“, вели Сергеј. „На крајот запишаа цифра од 224 см. Ме мереа и во Италија, тоа беше 'пред сто години'. Тие измерија 227 см. Сé зависи од тоа како мерите“.

Во младоста се пронајде себеси во кошарката. Прво играше за репрезентацијата на Вјазма, а потоа и за московскиот клуб „Динамо“. За време на својата спортска кариера, Сергеј играше за кошаркарски клубови во Русија, Киргистан, Казахстан и Турција, стана мајстор на спортот и научи неколку странски јазици. На 29 години мораше да го напушти професионалниот спорт поради повреда на ногата, па реши да се врати во Москва.

Највисок човек во Русија

Сергеј неколку години беше на чело на Центарот за физичка култура и спорт во Москва, потоа се занимаваше со дистрибуција на кафе, а сега има постојана работа во канцеларија и на терен, а покрај тоа има и свој сопствен мал бизнис - шие облека по мерка за високи луѓе. Во почетокот тоа беа чорапите со личниот бренд „225“.

„Ако ви треба фустан или капут, наоѓам кројачи кои ја шијат облеката“, вели тој. „Излегува дека не е многу поскапо отколку во продавница, само што сé се прави по индивидуална мера. Сите мајстори кои вршат услуги за шиење живеат во Русија.

Сергеј вели дека неговата облека била единственото нешто што му правело проблеми. „Не можете лесно да најдете облека со големина 3XL Tall, мора да пребарувате онлајн-продавници или самите да си го сошиете она што го сакате. Не трчам по трендови, важно е да ми биде удобно. Шијам по нарачка за себе и за други“.

Иљин живее во Подмосковје, во стан со обичен мебел. Ништо не морал да преправа ни да прилагодува на својата висина, освен што бирал стан со плафон висок 3,1 метар.

„Воопшто не сум пребирлив“, вели Сергеј.

Низ Москва патува со јавен превоз или со автомобил. Неодамна доби возачка дозвола. „Понекогаш ја наведнувам главата во вагонот на метрото, но тоа и не е толку страшно.

„Човек се навикнува на сé“, вели Сергеј. „Во авион, на пример, бирам седишта во близина на излезот за итни случаи, а понекогаш ме префрлаат во бизнис-класата, каде што има повеќе простор. И во воз се снаоѓам некако, не ми е проблем“.

Сергеј Иљин на церемонија на доделување награди, ресторан „Турандот“, Москва.

Во 2019 година Сергеј дозна дека неговиот пријател Павел Подколжин, кошаркар од Новосибирск, бил впишан во „Книгата на рекорди на Русија“ како највисок човек во земјата. Тогаш ѝ напиша писмо на редакцијата, а кога го поканија на состанок, тие забележаа цели три рекорди: најголема висина (224 см), најголемиот распон на рацете (228 см) и најголемата големина на стапалото (34,5 см лево, 35,2 см десно, т.е. број на чевли 55-56).

Во моментов, според Гинисовата книга на рекорди, највисока личност на светот е Султан Косен, фармер од Турција, со 251 см. Сергеј го виде во една тв-емисија. Тој е цела глава повисок од Сергеј!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња