8 егзотични видови овошје и зеленчук што растат во Русија

Russia Beyond (Photo: Getty Images)
Многу странци мислат дека во Русија речиси секогаш е -50°С и затоа таму успеваат само компири и цвекло. Во некои региони навистина владее сурова клима, но на многу места не е така. Составивме листа на неочекувано овошје, зеленчук и зачини кои растат овде.

Киви

Се смета дека татковината на кивито е Кина, научниците така и го нарекуваат: „кинеска актинидија“. Освен Кина, на листата на најголеми извозници на овој извор на витамин С се и Италија, Нов Зеланд, Чиле, Грција и Франција. Во Русија, киви се одгледува во Краснодарскиот крај и на Крим. А неколку видови помали плодови на Далечниот Исток.

Куркума и шафран

На прв поглед, шафранот и куркумата (или таканаречениот „индиски шафран“) се многу далеку од руската кујна. Во светот најпознати се индискиот кашмирски, шпанскиот, иранскиот и мароканскиот шафран. Сепак, и куркумата и шафранот успешно се одгледуваат во јужните региони на Русија - на Кавказ и Крим. Притоа во такви количини што има доволно и за извоз.

Маракуја

Јужноамериканското овошје со темновиолетова или жолта кора и слатка внатрешност сака топла клима. Во Русија маракујата најде соодветни услови во Краснодарскиот крај. Овде маракујата може да расте дури и на отворено. Според локалните одгледувачи, плодовите по големина и сладост не заостануваат зад тропското овошје. Вистина, моментално се сади на експериментално ниво, сè уште не стигнало до индустриско одгледување.

Амарант

Амарантот, или, како што се нарекува и „пченица на Ацтеките“, интензивно се одгледува во јужноамериканските земји, Кина, САД, некои земји во Африка и Европа. Интересно е што во Русија амарантот се користел во кујна и религиозни обреди уште од времето на Стара Русија - тогаш симболизирал сила, напредок и бесмртност. Но, во XVIII век, за време на владеењето на Петар I и под западно влијание, ја изгубил својата важност, отстапувајќи им го местото во кулинарството на пченицата и оризот.

Интересот за амарантот повторно се појави во последните дваесет години – на него се сетија како исклучително корисна намирница. За среќа, климата во средниот појас на Русија, на југот на Сибир и на Далечниот Исток е сосема погодна за одгледување на ова растение. Таму може да расте и созрее за 90-120 топли денови.

Артичока

Ова е вообичаен зеленчук за европските земји, но засега не е многу распространет во Русија. При што не може да се каже дека е непознато. Како што се зборува, уште Петар I по посетата на Европа ги засакал артичоките и не сакал да седне на ручек доколку ги нема на трпезата. Во Русија денес се одгледуваат во домаќинства претежно во Краснодарскиот крај.

Горчлива диња

На југот на Русија успешно се одгледува и егзотична лијана со потекло од тропските области на југоисточна Азија, позната како горчлива диња. Се нарекува и „индиска калинка“ бидејќи под „крокодилската“ кожа се кријат зрна слични на зрна калинка. Нејзиниот вкус потсетува на горчлива тиква, што сепак не е пречка да се користи за подготовка на вкусни јадења.

Папау дрво

Азимина или папау дрвото потекнува од Северна Америка и за Русија останува егзотика, иако ова растение не бара многу во одгледувањето. Азимината со своите големи плодови со кремаст вкус расте на сиромашна почва, па дури и поднесува студ до -30°С. Затоа најхрабрите градинари ја садат и во Подмосковјето. Сепак, најдобро се чувствува на црноморското приморје.

Јујуба

Јујубата или кинеска урма, како што популарно се нарекува, не е љубител на руската зима. Минимумот што ѝ треба е -15°С. Затоа, иако се одгледува на Далечниот Исток и Сибир, најдобри приноси има на југот на земјата (во областите на Кубан и Северен Кавказ). Тоа е популарна сорта од централна и северна Кина. Ова растение не бара многу за одгледување. Расте и на сиромашна почва, не мора да се заштитува во зима, садниците се садат на отворено. Така се добиваат ситни, но слатки плодови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња