Зошто Русите јадат сладолед на ладно време?

Cavan Images/Getty Images
Надвор е минус триесет, а пред киоскот за сладолед редица. За странците глетката е речиси неверојатна, а за Русите ништо невообичаено. Како да се објасни овој феномен?

Британскиот премиер Винстон Черчил ја посетил Москва есента 1944 година. Било многу студено, зимата таа година подранила. Додека во колоната возила се движел низ градот, Черчил низ прозорецот на автомобилот видел човек како мирно си јаде сладолед надвор. Премиерот го прашал дипломатот што го придружувл дали навистина човекот јаде сладолед на толку студено време, а овој одговорил со кревање раменици, во стилот, па што е проблемот?

Черчил тогаш наводно рекол: „Народ кој на таков студ јаде сладолед е непобедлив“. Иако не постои документирана потврда за неговите зборови, љубовта на Русите кон сладоледот и во лето и во зима непрестајно предизвикува недоумици кај странците.

Омилен десерт

Зима во Москва, 1971.

Во Русија луѓето навистина го сакаат сладоледот. Фабричкото производство започна во средината на триесеттите години на минатиот век, кога народниот комесар за прехранбена индустрија Анастас Микојан донесе во младата советска држава опрема за фабрика за сладолед од Америка (за неговото патување прочитајте овде). Се разбира, сладоледот имало и порано во Русија, но се правел рачно и тоа само во летната сезона. Особено популарен бил „пломбир“ - кремаст сладолед со вкус на слатка павлака. Рецептот пристигнал во Русија уште на почетокот на деветнаесеттиот век, од Франција.

И самиот Микојан бил голем љубител на сладолед. Во првата фабрика во Москва во Фиљи во 1938 година дневното производство на сладолед изнесувало триесет тони. А во 1972 година 125 тони!

Се продаваше во текот на целата година, во препознатливи киосци што никнаа во градовите низ Советскиот Сојуз. Продавачите насекаде носеа иста униформа и работеа во текот на целата година.

Најпопуларни беа ескимо, сладоледот во корнет-чашка и пломбирот во брикети. Чинеше во просек дваесет копејки (за споредба, цената на билетот во московското метро беше пет копејки, а килограм салама „Докторска“ беше две рубли и триесет копејки). Освен тоа, сладоледот се правеше по советски стандард, од природни состојки и секогаш беше достапен.

Сладолед зиме е исто што и чај лете

Во Русија денес годишно се произведуваат околу 470 тони сладолед, а секој Русин јаде 3,3 килограми сладолед годишно, односно околу 40 корнет-чашки. Не изгледа многу, но има една специфичност, во Русија не е вообичаено да се купуваат големи пакувања, како во Америка или западноевропските земји. Сладолед се купува спонтано, за задоволство.

Во Русија и денес сладолед не се продава само во обичните продавници, туку и во киосци на улица, покрај кои тешко се поминува а да не се купи. Лете таквото купување е сосема разбирливо, но зошто сладолед во зима?

Работата е многу едноставна. Сладоледот во зима е исто како чајот во лето, или да речеме, одење во парна бања, односно така се постигнува температурен баланс со околината. Кога јадете сладолед веќе не ви е толку ладно. Некои тоа го прават интуитивно, а некои на тој начин се челичат. Јадењето сладолед може да се спореди со зимското пливање во реките и езерата чии љубители се нарекуваат моржови.

Членови на клубот за челичење „Спектар“ и федерацијата за пливање во ладна вода „Поларни делфини“ јадат сладолед по новогодишното капење. Новосибирск

Покрај тоа, сладоледот, како и другите слатки, влијае на производството на ендорфин, односно го намалува нивото на стрес и нé прави среќни.

Секако, најдобро е да го јадете дома на топло, бидејќи оние неподготвените лесно можат да настинат и да си поминат лошо.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња