Кои стандарди на руската убавина останале непроменети низ сите времиња?

Краснојарски музеј на убави уметности В.И. Суриков
Традиционачна Русија ги ценела телесно раскошните и силни жени, а современата тeнките и претприемчивите. Но, низ сета историjа можат да се издвојат пет особености коишто отсекогаш биле пожелни за секоја Русинка.

Крв со млеко – физичко здравје

(руски фразеологизам со значење: румен, кој пука од здравје)

Во времето пред Петар Велики женското здравје било синоним за телесна пополнетост. Жените на болјарите и на стрелците (припадници на престижните руски воени единици) биле, како што би се рекло денес, приврзаници на „бодипозитивот“, што мошне директно го забележувале странците: „За женска убавина тие ја сметаат дебелината. […] Мали ноџиња и витка половина се доживува како грдотија […] Се смета дека слабите жени се нездрави“, со чудење напишал дворскиот лекар Семјуел Колинс. Притоа сите странци истакнуваат дека руските жени се телесно мошне убави: „Жени со среден раст, воопшто убаво градени, со нежно лице и тело“, има запишано во триесеттите години од 17 век патникот Адам Плеариус. „Жените во Московија имаат складен стас и убаво лице“, му се приклучува на пофалбите дипломатот Јаков Рејтенфелс.

„Кутрата Лиза“,1827, Орест Кипренски

Ваквиот однос кон женската убавина во Русија бил карактеристичен за сите слоеви на општеството. Животот на селанките бил преполн со тешка физичка работа која изискувала исклучителна сила. Идеалот на убавина била телесна развиеност и крупност, односно способност да се продолжи родот. И додека меѓу благородништвото овој идеал на убавина во 18 и во 19 век се сменил и се приближил кон европските стандарди, меѓу народот уште долго останал на сила. „Еталон за убавина на девојката е мек од, скромен поглед, висок раст, густа коса, крупност, заобленост и руменило“, има запишано на почетокот на 20 век кнезот Тенишев за селанките од Владимирската губернија.

И самите руски девојки сакале да бидат такви, на што укажуваат зборовите од голем број бајалки: „Од сите треви сум повисока, од азурното цвеќе позрела, од сите побела и порумена“, „во рамена широка, во гради обилна, во лице тркалезна, во образи румена“.

„Чедна и челад храни“ – добра домаќинка

Чешкиот језуит Јиржи Давид, кој живеел во Москва околу 1680 година, има запишано дека Русинките „меко чекорат во високи чизми, поради кои не можат да трчаат и да одат брзо“. Меѓу особеностите на богатите жени мекоста на движењето и на одот била на висока цена. На ваквиот од тие се учеле од детство. Притоа во изворите не се споменува дека Русите кај жените го ценеле безделништвото. Напротив, извори за историјата на трговскиот сталеж, на пример, покажуваат дека жените често самите управувале со капиталот и со производството, како и во времето пред Петар Велики. Во селските општини „бољушките“, старици кои биле глава на семејството, биле полноправни учеснички на селскиот збор.

„Куќа во Вологодската губернија“, 1925, Николај Терпсихоров

Како што пишува историчарката на руските жени Наталија Пушкарјова „идеалот за сопруга бил ориентиран на жена која не била професионално ангажирана, која вредно работела низ дома, 'чедна и челад храни', 'го прави животот меден' и носи 'многу корист во домот'.

Притоа како задолжителни особини на вистинска жена се ценеле скромноста и религиозноста („тивкост“). Како што пишува Пушкарјова „под 'добра жена' се продазбирала жена 'покорна, смирена, тивка'“. Овој идеал го следеле и благородничките и трговските жени во времето на Руската Империја. Кај младите благороднички се негувала скромноста, префинетоста и незасиленоста во однесувањето, додека трговските ќерки и жени биле мошне побожни.

„Нежно лице и тело“ – лична хигиена

Сите руски жени без оглед на имотната состојба се грижеле за своето лице и тело. Се разликувале само средствата што ги користеле. Руска сауна (бања) имало секое семејство, дури и најсиромашното. Во бања 1-2 пати неделно одело цело семејство. Освен тоа, во текот на летните месеци во неа човек можел да се избања, без да ја користи како сауна. Во текот на студените месеци, без ложење и греење на бањата, човек можел да се избања во печката дома кога огнот ќе се изгаснел, а таа уште држела топлина, со тоа што пепелта која стоела во водата се користела и за перење алишта и за бањање.

„Пред огледалото. Автопортрет“, 1909, Зинаида Серебрјакова

За тонусот и за белината на лицето и на телото се користеле народни средства: сурутка, расол, билни чаеви. Едно од најдобрите народни средства за природно руменило било, според мислењето лично на царицата Екатерина Втора, триењето на лицето со мраз. Како што има запишано нејзиниот секретар Адријан Грибовски, таа наредила лицето да ѝ се трие секој ден за време на прицврстување на шапката. Ирката Марта Вилмот која ја посетила Русија во времето на Екатерина има запишано: „Секое утро ми носат плочка мраз со дебелина на стакло и јас, како вистинска Русинка, со него ги тријам образите, од што, како што ми велеа, ќе имам убава боја на лицето“.

„Плетенка – украс за девојки“ – посебен однос кон косата

„Девојка со плетенки. Портрет на А.А. Добринскаја“, 1910, Василиј Суриков

Ќешел од дрво или од коска за девојка било исто толку скапоцен како чешел за брада за мажите. Чешлите биле украсени со соларни симболи, а девојките ја пуштале косата да расте сѐ подолга, секој ден долго ја чешлале и ја плетеле во плетенка, а мажените во две. Доколу мажот ненадејно умрел, овие плетенки жената ги сечела како знак за жалост. Чинот на плетење две плетенки на невестата, кој го правеле нејзините другарки, бил еден од древните овреди на женска иницијација.

Девојките ја негувале косата, ја миеле со кисело млеко, со варен квас, ја плакнеле со чај од коприва или камилица. Притоа било значајно на мажените жени да не им се гледа косата зашто била покриена со украсна капа или со шамија. Само мажот имал право да ужива во убавината на косата на својата жена, па дури и да ја чешла.

„Секојдневно мачкајќи се, тие успеваат човека да го доведат во заблуда“ – значењето на козметиката

Стара Русија речиси не познавала пудра, кармин, белило за лице и други козметички средства. Тие станале популарни кај жените дури во 15-16 век, кога врз руската мода влијаела модата на кнегињите на Златната орда и блискоисточните убавици.

„Московска девојка од 17 век“, 1903, Андреј Рјабушкин

„Мажот е должен на жената да ѝ обезбеди бои заштоРусинките имаат обичај да се мачкаат со нив; тоа е толку вообичаено меѓу нив што воопшто не се смета за срамота“, има запишано Англичанецот Ентони Џенкинсон во 16 век. „Тие така ги премачкуваат своите лица што речиси на растојание можат да се видат налепените бои на нив: најдобро е да се споредат со жените на мелничарите зашто изгледаат дека покрај нивните лица се истресени вреќи со брашно; вежите ги бојат во црно“.

Денес располагаме со определени материјали за тоа зошто Русинките биле принудени да носат многу шминка и како оваа мода е напуштена. Сепак, и во 19 век и во современа Русија, убавиците се издвојувале и се издвојуваат по тоа што умеат да користат шминка. Уште англискиот поет Џорџ Турбервил кој ја посетил Русија во 16 век има запишано: „секојдневно мачкајќи се, тие успеваат боите да ги постават така што и најразумниот човек ќе го доведат во заблуда ако им поверува на своите очи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња