А, зошто московјаните во 19 век бегале во природа? Пред сѐ поради правот и песокот кои, кога започнувало топлото време, ги покривале улиците на старата престолнина. Дури и во центарот само неколку улици биле покриени со калдрма, додека сите останати потсетувале на селски земјени патишта. По минувањето на секоја кочија се кревал облак од жолт прав. Затоа луѓето барале места за уживање во предградијата од тоа време: во пределот на Сокољники или во Петровскиот парк.
Царицино, Кусково, Воробјови Гори, Кузминки и Коломенское не биле ни предградија, но приградски паркови и шуми.
Ги наведуваме петте најпопуларни места за забава на населението на Москва од времето пред Октомвриската револуција.
Место: современ Новински булевар – Смоленски кеј
За кого: за сите општествени слоеви
Вид на забава: за обичниот народ панаѓурски претстави и слатки, за благородништвото возење со кочии
Веселбите се одржувале во текот на неделата по Велигден во делот на денешниот Новински булевар, на пространата полјана на брегот на реката Москва (денешен Смоленски кеј). Центар на настаните за обичниот народ била шатрата со зелена елка на врвот, што било знак дека таму се продава алкохол.
На полјаната биле поставени крчми, подвижни менажерии, панаѓурски шатри, се продавале слатки. Еден современик во 1841 година има запишано дека тука работеле два рингишпили, 11 нишалки, 10 панаѓурски бараки со различни понуди. Забава имало дури и за најсиромашните. Имено, третиот ден сите возења и претстави биле бесплатни.
Четвртиот ден од веселбата во Новинско бил резервиран за високото општество. На специјално организирана тркалезна патека се правело возење со кочии и тоа во текот на денот за трговци, а навечер за аристократската елита. Пјотр Вистенхоф вака го има опишано овој ден. „Редици кочии заминуваа во Новинско, најпрво трговците, а малку подоцна благородништвото, и возењето со кочии траеше сѐ до заоѓањето на сонцето. Момчињата, како птици на гранки, седат по оградата во круг, вреват, критикуваат, ги гледаат убавите московјанки, им приоаѓаат на кочиите и ако им се допадне некоја дама, тогаш се налактуваат горделиво на вратата од кочијата и живописно зафрлајќи ги преку рамо скутите на својата модерна наметка, момчето ќе ѝ пријде на кочијата и ќе ја опсипа дамата со своите француски комплименти, понекогаш со сериозни граматички и емотивни грешки“.
Место: Петров парк и неговата околина
За кого: благородништво
Вид на забава: покажување на кочиите, на коњите и на самите себе
Паркот официјално настанал за време на обновата на Москва по пожарот во 1812 година според планот на шкотскиот пејзажен архитект Адам Менелас. За таа намена се откупени имотите што го опкружувале Петровиот „попатен“ дворец (подигнат во добата на Екатерина Велика во 1782 година), направени се три патеки со дрвореди и изградени се павилјони во готски стил.
Паркот бил наменет исклучиво за аристократијата. Сѐ до средината на векот во него било забрането да се градат крчми и павилјони со алкохолни пијалаци, со цел да не се собира обичниот народ. Дури и кон средината на 19 век на ова место се појавиле пред сѐ елитни ресторани, а не шатри со алкохол. Недалеку се наоѓал познатиот „Јар“ (дел од денешниот хотел „Советски“), каде што оделе да се забавуваат децата на тогашните богаташи. Зградата на рестораните „Мавританија“ и „Елдорадо“ исто така се зачувани до денешен ден.
Освен тоа, по указ на царот Николај Први на територијата покрај Паркот (токму така, со голема почетна буква бил познат во Москва) државата давала кредит од 5 илјади рубли на десет години на оние што се подготвени „за три години да изградат еднокатна куќа со добра архитектура со мезанин, горни полукатови и железен покрив“. Оттогаш во паркот се појавиле убави викендички, на пример вилата „Црн лебед“ на семејството Рјабушински, зачувана до денес.
Во центарот на паркот се наоѓала кружна патека за кочии, како и во Новинскиот парк. Трговецот Александар Ушаков (псевдоним Н. Скавронски), кој бил во паркот во шеесеттите години од 19 век, запишал: „Паркот е угледно место. Кочии, коњи, луѓето во поголемиот дел се беспрекорни. Се зборува на француски, модата, особено машката, е со англиски крој. Паркот има свое друштво кое посебно се издвојува во работните денови. Тоа главно не дозволува мешање со толпата. Луѓето во паркот се забавуваат префинето, се возат во скапи кочии или полека шетаат во шарена поворка, трудејќи се некого да престигнат или да се одвојат од оние што не се дел од нивното друштво“.
Во паркот е исто така подигнат забавен летен павилјон за театарски претстави и за концерти под називот „Воксал“. „Покриени широки тераси, прекрасни галерии, чисти убави простории и огромна сала со вистински префинета архитектура“, вака ова здание го има опишано современикот Михаил Загоскин. „Добра храна, музика за љубителите на танцот, одличен цигански хор за оние што сакаат цигански песни, воена музика и огномет за сите“.
Место: парк „Спокољники“
За кого: за сите
Вид на забава: пиење чај и алкохол, прошетка пеш или во кочии, гледање претстави
„Занаетчиите и поголемиот дел од трговскиот сталеж го сакаат Петровиот парк“, има запишано Михаил Загоскин. Народот повеќе ја сакал забавата во Сокољники којашто започнувала на 1 мај. Уште од времето на Петар Велики московските Германци го избрале ова место за прослава на Мајското дрво. Постепено ова станало исто така омилено место за масовни веселби како и Новинско.
На полето ќе поставеле шатра во којашто ќе дошол губернаторот и ќе ги почестел избраните посетители од благородничкиот род со звукот на воен оркестар. Уважените гости тогаш ќе седнеле во кочиите и ќе почнеле да се возат околу полето на кое се веселел народот.
Програма на еден ден од ваквата прослава изгледал вака:
„Акробат Егорка Шалапут ќе оди по жица со врел самовар на глава;
Танчарот на руски танци Федја Удалој;
Григориј Колчан – бас од Павловски Посад;
Голтачот на мечеви и магионичар Ариготи голта пламен и пие смола;
Ондрјушка и Митродора ќе испеат селски песни со танц, Чакригин ќе ги придружува на хармоника;
Песната 'Портокали, убави лимони' ќе ја испее Лазарев, дискант од Мартиново;
На балалајка ќе свири Феоктистов;
Хор од 18 члена ќе пее и ќе игра 'Руско пространство'“.
Обичниот народ во Сокољники имал обичај да пие чај, седејќи на земја. Како што пишува Вера Бокова, мештанка, обично вдовиците на војниците и граѓаните од средниот сталеж, на сите им нуделе веќе загреани самовари, а со нив чај, шеќер и садови.
„Рускиот човек по својата природа не сака извештаченост, нему му е тесно, скучено во ограничена градина, од сѐ најнепријатна му е оградата зад грмушка; тој, напротив, сака шума, поле“, истакнувал Александар Ушаков. „Оние што одат на прошетка наутро со себе носат храна и пијалак за речиси цела недела“, има запишано тој. Како што има забележано еден друг московјанин, тенорот во опера Павел Богатирјов „овие веселби се одржуваа во прав кој ќе го исполнеше воздухот, среде џагорот луѓето заминуваа опиени од вино, од толпа и од врева“.
Место: Марјина шумичка (Марјина Рошча)
За кого: за обичен народ
Вид на забава: пиење чај и алкохол, прошетка пеш и со кочија, гледање претстави
Марјината шумичка го има добиено називот според легендата за страшниот водач на разбојници Марја. Бил составен речиси во целост од брези. Веселбите тука се одржувале првобитно како стар обичај за помен на починатите на седмиот четврток по Велигден, три дена пред Родителската сабота.
Ова изворно не бил православен празник, ами пагански, а централно место на него заземала брезата. На неа се плетеле „венци“. Познавачот на историјата на Москва Татјана Бирјукова пишува: „Најпрво ќе ја занишале брезата, ќе фателе некоја нејзина висока гранка и ќе ја поврзале со гранка од друго дрво во близината. Така се добивал венец. Потоа девојките во двојки минувале под овие гранки трипати, разменувале лесни бакнежи 'се скумувале' и разменувале крвчиња. Венците останувале заплетени цела недела. На дрвото долго никој не му приоѓал, луѓето често го заобиколувале, зашто се сметало дека во сплетените гранки седат русалки“. Под русалки тука се мисли на душите на покојните кои во текот на една недела по Троица „талкаат по земјата“ и кои треба да се испратат со бучна трпеза за помен – во тоа верувале Русите во претхристијанските времиња и овие верувања долго се одржале и подоцна.
Затоа во текот на една недела по празникот Троица, на почетокот на јуни, московјаните откако на гробишта ќе отслужат помен за своите починати, заминувале да се веселат и да се гоштеваат. Недалеку од Марјината шумичка се наоѓаат големи гробишта – Лазаревските (денес на нивното место е Фестивалскиот парк), каде што исто така се погребувале самоубијци и непознати покојници. Древните обичаи главно ги чувал обичниот народ. Затоа веселбите во Марјината шумичка биле исклучиво народни. Благородништвото одело таму за да ги види бодрите селански танци во големо оро.
„Во оваа Марјина шумичка сѐ врие од живот и сѐ потсетува на смрт. Тука, меѓу старите гробови, грми разуздан хор Циганки; таму, на гробната плоча, стои самовар и шишиња со рум, се веселат трговците“, запишал Михаил Закоскин. „Тука, кај самиот насип, зад кој се издигнуваат гробните крстови на Лазаревските гробишта, се слуша бодра песна; наоколу мртвите спијат во сон без будење, а куп живи, безгрижно гледајќи на таа долина на плачот, на жалоста и на пропаѓањето, се весели, се гоштева и лудува, не помислувајќи на смртта“.
Место: околина Симоновог манастира
За кого: за сите
Вид на забава: прошетки со поглед кој се дава од високиот брег на реката Москва
Симоновиот манастир бил една од најважните московски светињи. Тука биле погребани останките на двајца учесници на Куликовската битка, Пресвет и Осљаба. Во триесеттите години на 20 век поголемиот број манастирски градби биле урнати, а на нивно место е сместена делумно фабрика, а делумно територијата на Домот на културата „ЗИЛ“, така што тоа денес не е особено добро место за прошетка. Но, во 19 век полињата околу Старо Симоново биле омилено место за забава и за прошетка на жителите на Москва – од селани до угледни граѓани. Зошто?
Од ова место, имено, се давал поглед на Москва од високиот брег на денешниот Крутицки кеј. Тоа бил исто така познат „видиковец“ како Воробјови гори, само многу поблизу до центарот. Освен тоа, можело да се искачите и на камбанаријата висока 90 метри, повисока од камбанаријата Иван Велики во Кремљ!
„Откако се искачивме на врвот на кулата, долго не можевме да си дојдеме на себе од восхит пред разноликоста и убавината на манастирската околина. Од самата река до подножјето на Симоновото брдо се дава пространа зелена долина со мали езера; среде неа меѓу песочните брегови се криви реката Москва; а по неа сѐ до Даниловскиот манастир се протега Серпуховскиот дел на Замоскворечје со своите градини и огромни фабрики. Од десната страна се издига како амфитеатар дел од градот зад реката Јауза со камени зданија и со величествени цркви. Ако се завртите на другата страна, пред вас наместо високи брда со расфрлени куќи се даваат пространи полиња, мрачна борова шума, ниви, живописни шумички, неколку села, Перервинскиот манастир и во далечината, на самиот крај на хоризонтот, прочуеното село Коломенское“, вака според описот на Михаил Загоскин во тоа време изгледала панорамата на Москва од камбанаријата на Симоновиот манастир.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче