Колективна хистерија или опседнатост со демон: Како се ширеше епидемија на „икотка“

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media; Public domain)
„Икотката“ за првпат се споменува во извори од 16 век. Луѓето, претежно жени, еден подруг почнувале да тврдат дека во нив се населило туѓо битие. А, во 19 век научниците започнале да бележат цели бранови епидемија на онаа појава. За што всушност станува збори и какво објаснување за овој феномен нуди науката. За тоа разговаравме со стручњакот за социокултурна антропологија Ољга Христофорова.

Ситната, старичка старица Степаница Вихарева од селото Гришта на границата на Пермскиот крај и Удмуртија, на вообичаен начин наизменично зборува за своите деца, па за времето. Неочекувано во разговорот се уфрла „икотка“ (акцентот е на и). Гласот на старицата станува посилен од вообичаеното, но како да не доаѓа од грлото, ами од некаде пониско, од градите. Овој нејзин друг глас го прекинува нејзиниот обичен говор како што еден човек прекинува друг. Час пцуе, час колне, час кука и лелека или дури и се кара со својата „станодавка“.

По таквото мешање на „икотката“ жената извесно време замолчува, а ако нешто каже, тогаш тоа е тивко и отежнато. Очигледно дека нападот ѝ одзема многу сила – се менуваат мимиката и изразот на очите. Потоа потребно е многу време за да закрепне.

„Икотката“ со неа живее од седумнаесеттата година, речиси сиот живот. Таа ѝ кажува што да прави и што да не прави. „Најпрво таа не ми дозволуваше да пијам никакви лекови. А, сега еден лек ја надмина“, вели таа. Се случувало икотката да урла и дење и ноќе, да не ѝ дава да спие. И често би ја фаќала за време на молитва, ѝ пречела да се моли, воздивнувала, говорела само користејќи куси извици. Од таа причина Степанида на молитва често ја стегала главата со плетениот појас, што малку ѝ помагало. Затоа луѓето од селото сметале дека „икотката“ ѝ живее во главата.

Кадар од серискиот филм „Територија“

Овој случај на опседнатост од страна на таканаречената „икотка“ или пошипка“ е еден од многуте кои се опишани од страна на етнографите на рускиот Север (северниот дел на европскиот дел на Русија), на Урал и во Сибир. Називот „икотка“ доаѓа од зборот икать со значење „вреска“. Лицето што страда од „икотка“ доживува болка во различни делови на телото, се однесува како со него некој да управува и наметнува поинаков вкус при изборот на храна, поинакви навики и однесување, го принудува да изговара пцости и погрдни зборови или да пие алкохол. Понекогаш оваа појава е проследена со „икање“, неконтролирано испуштање звуци, непрекинато зевање или грчење на грлото, при што гласот на лицето се менува до непрепознатливост.

Приказните и сведоштвата за оваа состојба предизвикана од суштество кое се вселило во човекот – под назив „икота“ – лекарите започнале да ја забележуваат од крајот на 19 век, кога во земјата една по друга започнале да избиваат епидемии на оваа необична болест од која понекогаш страдале цели села.

„Порано икотката беше многу пораспространета од денес. До епидемии доаѓало во различни области на Русија, вели за Russia Beyond Ољга Христофорова, антрополог и стручњак за фолклор, професот на Рускиот државен хуманистички универзитет и научен соработник на Руската академија за народно стопанство и државна администрација, која долго се занимавала со овој феномен. „Кон крајот на 19 век се случиле две големи епидемии во Смоленската и во Новгородската губернија. Во Подмосковје последната забележана епидемија била во 1926 година во Подољск. А, една од последните во 20 век се случила во 1970 година во Пинешкиот реон на Архангељската област. Таму биле испраќани партиски работници за да држат предавање за тоа како религијата не постои и како злите духови исто така не постојат. А, лекарите и научниците за тоа време го проучувале овој феномен“.

Меѓутоа, во руската народна култура „икотката“ се споменува многу порано, започнувајќи од 16 век. Луѓето што страдале од неа биле уверени дека се жртви на црна магија.

Како се шири заразата

Степанида јасно се сеќава како се заразила. Одбила да испие алкохол што ѝ го понудил извесен човек по име Агеј, гостин на нејзините роднини. Пиењето алкохол пред возрасни, особено за млада девојка пред маж, од заедничкиот сад значело кршење на општествените и на религиските норми. Навредениот Агеј ѝ рекол: „Ќе ме запамети таа“. Потоа на езерото видела зунзара и оттогаш започнале нејзините напади.

Влегувањето на икотката во некого во облик на мува, која може само да се види или случајно да се проголта, е популарен мотив во приказните за „опседнатост“. Но, всушност тоа може да биде што било на што врач фрлил магија, вели Христофорова. Луѓето веруваат дека врачот понекогаш може во некого да всели „икотка“ и без никаков контакт.

„Тоа може да биде мува на која врачот изговорил бајалка и во неа ја вселил икотката. А, може да биде маѓепсано зрно прав што некој ти го има ставено во квас и ти тоа си го испил. Или комарец кој ти влегол во уста, во нос или во око – низ кој било отвор на телото – и оттогаш расте во човекот“, вели таа.

За икотката да созрее и да се покаже понекогаш е потребно многу време. Според жените „икотници“, таа може да се покаже и неколку децении подоцна. За тоа време икотката во човекот наводно го менува обликот во зависност од повеќе фактори. „Кај една жена икотката за себе рекла: Влегов како мува, потоа растев, ми порасна крзно и бев голема колку мачка, а сега веќе сум човек и се викан Ана Андревна“, вели Христофорова.

Икотката секогаш зборува наопаку

Се смета дека икотката „шета“ по внатрешноста на човекот и дека ги „гризе“ неговите внатрешни органи, се храни со нив, постепено правејќи го човековото тело дел од себе и од тоа расте и го менува биолошкиот тип. На пример, се претвора од мува во глушец или во мал човек. И колку што е подолго во човекот, толку поседува поизразена телесност. Кај некои „икотници“, како што е Степанида, таа на крајот дури и почнува да зборува. Според нивното сведочење „икотката“ ја добиле кога биле млади, но проговорила дури на старост.

„Говорот на икотката е највпечатлив симптом на нејзиното присуство. Доаѓа до грч во грлото и човекот започнува да зборува наопаку. Имено, ние обично зборуваме додека издишуваме воздух, а кога зборува икотката во човекот, таа зборува така што вдишува воздух. Психијатрите тоа го нарекуваат пароскизма на говорниот апарат“, објаснува Ољга Христофорова.

Често за луѓето со икотка што зборува во културата им се припишува видовитост и способност за претскажување на иднината. Кај нив луѓето доаѓаат со прашања за исчезнати, за украдени или за изгубени предмети, за тоа дали ќе успеат да купат крава, дали мажот ќе се врати и слично. Одговорот на „икотката“ се доживува како предвидување. За тоа пророштво на „икотницата“ треба да ѝ се плати.

Во едно село на староверците Верхокамја ваква слава стекнала Прасковја Максимовна. Живеела на крајот од селото и кај неа за предвидување на иднината доаѓале од сите соседни села. Ѝ плаќале со намирници. На друга жена ѝ носеле само тутун. Нејзината „икотка“, имено, имала машки глас, се викала Фјодор и барала исклучиво тутун за своите претскажувања.

Но не сите „икоти“ зборуваат и со тоа делумно се објаснува зошто претставите за вселување на некое суштество во човека се толку распространети. „Многумина сметаат дека нивната икота е нема. Немата икота едноставно шета низ телото и предизвикува болки. Затоа теоретски секој човек може да помисли дека има икотка ако нешто го боли“. Вели Христофорова.

Зошто жените најчесто заболуваат?

Руските староверци-беспоповци од Пермскиот крај „икотката“ ја толкуваат во контекст на христијанството. Заразеноста со „икотка“ кај нив се поврзува со демоните што Исус според Евангелието ги истерал од „бесомачениците“ во земјата гегерсинска. „Демоните,низлегувајќи, отидоа во стадо свињи. И навали целото стадо свињи од брегот во море и се удавија во водата“.

Меѓутоа, верувањата за опседнатост на човекот од страна на непознати суштества кај народот Коми во Пермскиот крај, кои живеат покрај староверците, лишени се од христијанската интерпретација. Таа не постои во културите на другите народи од угро-финската група. Според мислењето на антропологот, укажува на следново: верата во „икотката“ како натприродно битие постоела кај угро-финските народи пред нивното доаѓање во земјата на Источните Словени. Притоа, „икотката“ во овој случај не се доживува секогаш како зол дух и некои нејзини жртви коегзистираат со неа сосема мирно.

Според овие древни верувања, „икотката“ може да биде истерана од човека само од страна на врач. „Според приказните на луѓето, кога врачот ја истерува икотката, таа излегува во облик на аморфна ствар, нешто слично на печурката комбуха. Се истерува на различни начини. На пример, врач во сауна изговара бајалка над чаша вотка, човекот ја пие и потоа го фаќа силна мачнина. Ако жртвата е жена, таа икотката ја раѓа како дете. Ова е мошне чест мотив во приказните за икотката. И со тоа се објаснува зошто жените се почести жртви од мажите. Кај мажите таа ретко се прима, зашто тој демон сака да излезе надвор, сака да се роди, а не да умре заедно со домаќинот“, вели Христофорова.

Степанида ја има раѓано својата икотка. Кога зборува за нејзината големина, покажува некои 20-30 сантиметри. Претходно мислела дека е бремена. „Се роди, ја зедов, ја замотав во крпа и ја оставив под скалите. Следното утро станав. Ја нема. А, таа повторно се вовлекла во мене“, вели таа. На прашањето како влегла во неа, жената не знае да одговори. Но, може да го опише она што го видела: икотката беше тркалезна и личеше на бели дробови на животно.

Таа не успеала да се ослободи од икотката. Се смета дека повеќе не постојат толку моќни врачеви кои можат да го спроведат ритуалот на истерување на „икотка“. Затоа луѓето се навикнуваат на мислата дека, доколку „икотката“ еднаш се всели, со неа ќе живеат до крајот на животот. Всушност, како што сметаат истражувачите, всушност оние што веруваат дека имаат „икотка“ не сакаат да се ослободат од неа.

Причини за опседантост

Кадар од серискиот филм „Територија“

„Икотката“ не е само психичка, ами и сложена социо-културна појава. Пред сѐ, тоа е начин негативните чувства (непријателството, зависта, омразата, навредата) да се претстават во облик прифатлив за општеството.

„Понекогаш не е лесно да се изрази својот однос кон луѓето. Верувањето во врачевите е всушност начин своите лични замерки кон некој да се направат легитимни. Човек не може да каже: Иван Иванович е лош човек, нему тука не му е местото. Но, може да го обвини со гласот на икотката, да го нарече вештер, лош човек, и за тоа да не сноси одговорност. Зашто тоа не го зборува самиот човек, ами демонот во него“, објаснува Христофорова.

Во прилог на тоа зборува и фактот што „икотниците“ (колку и да изгледаат понекогаш застрашувачки нивните напади) во Русија никогаш не се прогонувале. Ги сметале за жртви на црна магија. Тие, всушност, биле оние што ги обвинувале другите дека фрлиле магија на нив. А, потоа тие луѓе биле прогонувани.

Но, „икотката“ не секогаш била насочена кон стекнување општествена корист. „Старите луѓе ја обвинуваат икотката за проблемите со здравјето. Како прво, затоа што веруваат во Бога и во ѓаволот, а како второ зашто минале тежок живот, многу работеле и организмот им е рано истрошен. Луѓето своите болести ги објаснуваат со икотката зашто тоа им е полесно да го прифатат. Особено во местата каде што има малку лекари или каде што медицинската помош е тешко достапна“, вели Христофорова.

Епидемиите со „икотка“ во науката исто така релативно едноставно наоѓа објаснување. Кон крајот на 19 век ваквата појава се нарекувала масовна хистерија. Ваквите состојби – кога луѓето почнуваат да го имитираат непримерното однесување на другите – се забележани ширум светот. Епидемии на „танцова манија“ неколку пати се појавувале во Европа во периодот од 14 до 17 век. Стотици граѓани танцувале, немоќни да запрат: некои умирале од срцев удар или од изнемоштеност. Или, на пример, епидемијата на смеење во Танзанија во 1962 година. Таа започна со кикотење на три ученички, а заврши со тоа што за една година зафати над илјада ученици, кои се смееја и плачеа истовремено, немоќни да запрат. Овој случај се најде и во учебниците како класичен пример на масовна хистерија.

„Како конкретно ќе се однесуваат луѓето зависи од нивната културна традиција. Некаде тоа ќе биде смеење, некаде валкање по земја. Затоа во науката ваквите појави се нарекуваат културно специфичен синдром, што е всушност повторување на моделот на однесувања типични за определена култура. Во случајот со икотката тоа е модел на верување во опседнатост. Тој различно ќе се нарекува во зависност од локалната средина – икотка, шева или пошипка – но секогаш ќе станува збор за опседнатост со некакво суштество“; вели Христофорова.

Психијатрите имаат наведено различни услови на појава на епидемија со „икотка“. Во седумдесеттите години од минатиот век ваква состојба е забележана како во случаи на сосема здраво лица (кога суеверен човек, набљудувајќи такви напади кај некој, и самиот почнува да доживува слична состојба), така и во случаи на заболени лица на психичко или на физичко ниво. Речиси секогаш икотката се појавува по преживеан стрес.

Научниците долго време се обидуваа да докажат дека моделот на опседнатост им помага на слабите, зависни членови на општеството да го компензираат својот незавиден социјален статус. Опседнатост дури и е наречена „оружје на слабите“. На пример, забележано е дека често на неа се подложни немажени жени кои живеат во страв од неисполнување на општествените очекувања. Болеста и магијата им давале извесна предност како што е отстранување од работа, грижа и внимание од страна на заедницата, па дури и моќ (секогаш биле почитувани оние што можат да ја претскажат иднината).

Во 21 век икотката како појава се има задржано во некои селски подрачја, во кои постои силна традиција. Пермските психијатри и понатаму ја забележуваат оваа појава ширум Пермскиот крај, но повеќе не ја нарекуваат епидемија. А, во Архангељската област, вели Христофорова, таа практично е исчезната: „Генерациите се менуваат, луѓето одат во градовите и овие културни модели речиси никој од младите не ги прифаќа. Луѓето се пообразовани, а медицината е поприсутна“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња