До 1917 година во Руската Империја постоела широка понуда префинета долна облека. Во царско Русија поголемиот дел се шиел по нарачка. Тоа било знак за добар вкус во благородничките и во трговските семејства. Излозите во градовите биле преполни со модели од нежна тантела и свила. Додека сериското производство на долна облека се однесувало само на војската, на морнарицата и на затворениците.
Меѓутоа, сето тоа започнало да се менува по Револуцијата. Создавањето нов „советски човек“ не се ограничувало само на читање на „Капиталот“ од Маркс и на членувањето во партијата. Идеологијата продрела длабоко во приватноста на човекот, буквално до гаќите. Кон средината на дваесеттите години државата ги национализирала успешните фабрики за производство на облека и претпријатијата од лесната индустрија. Таа така станала и главен „дизајнер“ на долната облека за советските жени.
Префинетоста почнала да се смета за луксуз на буржоазијата. Во земјата во 1926 година објавена е брошурата на психологот Арон Залкинд „Сексуалното прашање во условите на советското општество“, во која е дефиниран јасен однос кон жената и нејзината сексуалност: се негувал имиџ на нова жена – со лопата и со виљушкаст клуч, која е силна и рамноправна со мажите. Додека страста кон префинетата долна облека вешто се третирало како сексуална изопаченост.
Со одлука на властите во 1926 година основана е нова организација под називот „Главодежда“. Нејзина главна цел била производство на воени униформи. Но, паралелно шиела и долна облека за широките народни маси. Тие биле сериски, еднотипски производи, целосно и еднозначно непривлечни. Граѓанките на Советскиот сојуз долго можеле да набават само 2-3 модели гаќички и чакшири и еден модел градник.
Сите разговори за „модата“ завршувале со изборот на боја. Една од дикусиите во врска со ова довела до тоа на извесно време во продажба да се појави „модерна“ и „идеолошки проверена“ женска долна облека со слики од трактори, авиони, срп и чекан, црвени ѕвезди.
Фината долна облека сега можела да се набави само на едно место – во фабриката „Москвошвеја“ во Москва по индивидуални нарачки. Но, нивните производи биле резервирани само за жените на партиските и на воените раководители. Имало и шнајдери кои тајно работеле дома, но нив во секое време можела да ги уапси финансиската инспекција, зашто било забрането да се работи дома.
„Женската долна облека од времето на СССР не била наменета за убавина и за заведување. Нула еротика. Најважно било да биде хигиенска, практична и топла. Во таквата долна облека жената била подготвена за работа, за реализација на петгодишниот план за четири години“, вели директорката на Музејот на советското секојдневие Ирина Светоносова. Накусо, околу женската долна облека е формиран имиџ на разумни ствари кои служат на својата намена. Како што велел советскиот авангарден уметник Александар Родченко, стварите станале „другари“.
Меѓутоа, претставата за подобноста што ја имаа оние што ги избираа моделите исто така беше релативна. Многу жени сметаа дека долната облека премногу ги стега и дека е неудобна. На пример, градниците, кои во народот се нарекуваа „торпеда“, непријатно штрчеа под секој фустан и создаваа мошне необична контура (советската индустрија долго не успеваше да осмисли технологија за изработка на „корпа“).
Кон крајот на четириесеттите години се појавил стандард за долна облека која предвидуваше само три големини на гради: 1, 2 и 3. Моделот и понатаму беше еден ист, без завршна обработка.
Наместо денешните модели гаќички се носеа гаќи до колена. Освен обични, од памук, советските дами добија и гаќи од подебело платно и од фланел (за назима). Удобноста и заштитата од студот и понатаму беа приоритет пред естетиката.
До пресврт доаѓа дури во 1957 година. По Светскиот фестивал на младината кој низ „железната завеса“ пушти 35.000 странци, министерката за култура Екатерина Фурцева објави: „Секоја советска жена има право на убава силуета!“ На нејзин предлог во Москва и во Ленинград се изградија фабрики за долна облека, иако состојбата со ткаенините и со деталите и понатаму беше незавидна.
Сепак, од Источна Германија СССР набавува постројки за шиење градници „Анжелика“, за кои во Главната стоковна куќа жените стоеја во редици: не може да се проба, секој може да купи само по едно парче, така што жените ги купуваа сите големини, а потоа ги разменуваа. Притоа изборот на големини се зголеми на шест, додека по седумдесеттите години од минатиот век ги имаше веќе девет.
Со зголемувањето на изборот на големини, се зголемува и изборот на модели кои ја минуваа цензурата и се појавија во продажбата. Во седумдесеттите и во осумдесеттите години на полиците беа изложени и модели од Источна Германија, од Полска, од Унгарија и од Југославија. Тие слабо потсетуваа на она што советските жени го носеа дваесетина години претходно.
До распадот на СССР пазарот беше преплавен со сексапилна, евтина и боцкава синтетика од Кина, која „другарската“ долна облека засекогаш ја истера од полиците.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче