Југот на Русија ќе им понуди на туристите преку 70 зимски плажи

Артур Лебедев/Sputnik
Краснодарскиот крај на Русија подготвува за отворање преку 70 зимски плажи, соопшти Министерството за бањи, туризам и олимписко наследство на овој регион.

„Во туристичките места во Краснодарскиот крај се подготвуваат преку 70 специјализирани места за одмор“, се вели во соопштението на Министерството.

Се наведува дека најголем број такви простори ќе бидат отворени во Сочи. „Таму во зимскиот период за туристите ќе бидат отворени 36 плажи“, изјавија претставници на министерството.

Уште десет плажи се подготвуваат во Геленџик, шест во Анапа, седум во Туапсинскиот реон, по пет во Новоросијск и во Темрјучкиот реон и три во Ејскиот реон. Секоја од нив треба да биде уредена и опремена за удобен престој на туристите.

„Специјално опремените простори на брегот на морето ќе опфатат зони за одмор, инсталации за фотографирање и забава“, објаснуваат од министерството. На плажите ќе има клупи, натстрешници и спортски терени.

Властите на регионот потсетуваат дека во Краснодарскиот крај овој проект се спроведува веќе трета година. Во првата сезона беа опремени 32 плажи. Тие ги привлекуваа туристите кои го посетуваат Краснодарскиот крај во зимскиот период, а станаа и препознатливо обележје на туристичките места. Годинава бројот на зимски плажи е зголемен за повеќе од двојно - сега ги има 72.

Се истакнува дека во Краснодарскиот крај секоја година расте интересот на туристите за одмор во преодниот и зимскиот период. Според податоците на регионалните власти, во моментов капацитетите на црноморското приморје се исполнети околу 60%. А за новогодишните празници се очекува да бидат пополнети 90% од местата во хотелите.

Во претстојната зимска сезона на туристите им се нудат 220 илјади места во 2 илјади објекти. Во планинските центри на Краснодарскиот крај за гости се подготвени 25 илјади места во 149 објекти. Дополнително, во новата сезона ќе биде проширена скијачката инфраструктура: вкупно ќе функционираат 66 ски-лифтови и жичарници и 116 скијачки патеки.

Во претстојната зимска сезона туристичките градови во регионот очекуваат околу 2,5 милиони туристи. Меѓу другото, за новогодишните празници регионот ќе биде подготвен да прими над 370 илјади гости. Во декември се очекуваат околу 700 илјади туристи, од кои најголем број ќе го посетат Сочи.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња