10 фасцинантни шаховски гарнитури од руските мајстори (ФОТО)

Куќа за накит ANNA NOVA
Русите се страсни љубители на шахот. Во Русија има голем број занаетчии кои изработуваат неверојатни шаховски табли и фигури од камен, благородни метали, па дури и од... бреза.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

1. Музејот на шах и порцелан во Санкт Петербург има необични експонати: шаховски гарнитури од порцелан од целиот свет. Освен традиционалните црно-бели примероци, тука може да се видат и шахови со тематски дизајн. Овој комплет е посветен на одбраната на Севастопол во средината на XIX век.

2. Оваа шаховска гарнитура од истиот музеј ги прикажува ликовите од руските бајки. Белите фигури се богатирите, царот, ковачот и царицата, додека црните претставуваат најразлични словенски митолошки суштества, како што се русалки (водени самовили) и лешиј (шумски дух).

3. Брезата е, се разбира, најважното руско дрво! Не е ни чудо што во Русија ова дрво, поточно кората од бреза, се користело за изработка на вакви шаховски гарнитури. Ги направи Владимир Капељко од Краснојарск во 1992 година. Денес се изложени во Музејот на шахот во Москва.

4. Калининград на брегот на Балтичкото море е познат по изработката на предмети од килибар. Овие шаховски фигури се изработени во втората деценија на XXI век од килибар и сребро од компанијата „Сувенири на Балтикот“.

5. Шаховската гарнитура наречена „Александар I и Наполеон“ е посветена на Татковинската војна 1812 година. Направена е од метал во доцните 1990-ти. Изложена е во Серускиот музеј на декоративна, применета и народна уметност во Москва.

6. Шаховската гарнитура „Црвено и бело“ ја прикажува конфронтацијата на новото постреволуционерно општество (Црвените) и старата елита. Изработена е од порцелан и насликана со злато во 1925 година во Петроград (денешен Санкт Петербург). Автор е мајсторот за керамика Наталија Данко, која учествуваше и во украсувањето на метро-станицата „Театраљнаја“ во Москва.

Овие шаховски гарнитури можете да ги видите во истиот музеј.

7. Мајсторите од Тоболск, старата престолнина на Сибир, се познати по резбаните предмети од мамутски бивни. Оваа шаховска гарнитура е изработена од познатиот занаетчија Терентиј Песков во 1936 година. Фигурите прикажуваат номади. Можете да видите цело семејство со нивните ирваси и чумот. Се чува во Музејот на уметноста и занаетчиството.

8. Овој шаховски комплет од сребро и злато потекнува од XIX век. Дел е од поставката од 2013 година во Успенската камбанарија на Московскиот кремљ.

9. Овие рачно изработени шаховски фигури се насликани во гжелски стил (еден од најпознатите руски народни декоративни стилови) со акрилни бои во работилницата „Ручној лис“ (Припитомена лисица) во Москва. Шаховската табла и фигурите се изработени од бука со филц во внатрешноста и од долната страна на фигурите.

10. Овие фигури украсени со скапоцени камења се направени од оксидирано сребро и злато од 25 мајстори од работилницата за производство на накит „Анна Нова“ од Санкт Петербург. Тие ги прикажуваат учесниците во Татковинската војна од 1812 година.

Меѓу фигурите можете да ги препознаете рускиот цар Александар I, Наполеон Бонапарта, маршалот Михаил Кутузов и генералот Михаил Барклај де Толи. Како пиони се прикажани војниците на Преображенскиот полк и воените музичари.

Секоја фигура се состои од околу 150 ситни елементи и е украсена со дијаманти, рубини и сафири. Изработката на оваа шаховска гарнитура траеше три години.

 

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња