Во Русија живеат околу 147 милиони луѓе (податоци од 2021 година) и околу 200 народи, меѓу кои се и староседелците, и народите од поранешните советски републики. Практично во секој град на земјата живеат Ерменци, Азербејџанци, Таџици и Киргизи. Граѓаните на многу постсоветски земји имаат можност да влезат во Русија без виза. Токму тие ги сочинуваат најбројните дијаспори. Иако најстарите дијаспори во Русија датираат од XVI век, денешната официјална руска статистика дозволува само груба претстава за различните национални заедници и нивната бројност.
Во февруари 2022 година заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев изјави дека големите дијаспори во Русија бројат од 1 до 5 милиони луѓе.
Ерменската дијаспора е една од најстарите и најголемите во Русија. Според различни проценки, во Русија живеат меѓу 1,7 и 2,5 милиони Ерменци. Повеќето од нив живеат на југот на Русија: во Краснодарскиот и Ставрополскиот крај, како и во Ростовската област. Големи ерменски заедници има и во Москва и Санкт Петербург.
Со оглед на бројноста на населението на самата Ерменија (околу 3 милиони луѓе), Русите сакаат да се шегуваат дека изгледа сите Ерменци се преселиле во Русија. Тоа не се само луѓе кои се преселиле во Русија во постсоветскиот период, туку и потомци на Ерменците кои живеат во земјата уште од царско време. Во Москва, на пример, ерменската заедница се појавува кон крајот на XVI век.
Тоа се одразило и врз топонимите. Тука се и Ермнескиот сокак во центарот на градот и неколку улици со имиња на познати Ерменци. Во Санкт Петербург останале старите ерменски гробишта на Василевскиот остров. Во Русија има и околу 120 ерменски храмови, најмногу на југот на земјата, а најмалку на Далечниот Исток.
Руските Азербејџанци се еден од домородните народи на Дагестан (република на рускиот северен Кавказ која се граничи со Азербејџан). Во оваа кавкаска република азербејџанскиот е еден од официјалните јазици. Меѓутоа, ширум Русија денес исто така живеат илјадници Азербејџанци. Според пописот од 2010 година, повеќе од 600 илјади Азербејџанци живеат во Русија, иако некои податоци покажуваат дека бројката е значително повисока: до 2 милиони. Историски големата дијаспора живее во Астрахан од XIX век. Имено, Азербејџанците таму се занимавале со вадење нафта. По распадот на СССР, во Русија се формираа азербејџански заедници кои главно се занимаваа со трговија со овошје и зеленчук. „Ако не сте пробале азербејџански домати, значи дека не знаете што е вистински домат“, смета Шахин Шихлински, лидер на азербејџанската дијаспора на Урал.
Масовната миграција на Узбеците во Русија започна во 2000-тите, кога во земјата веќе почна економскиот напредок. Претставниците на овој народ најчесто доаѓаат да работат во смени. Се занимаваат со градежништво, трговија, сервисно чистење, праќајќи ја платата дома. Според проценките од 2017 година, во Русија живеат околу 2 милиони мигранти од Узбекистан, како и нешто помалку од 300 илјади луѓе кои добиле руско државјанство.
Повеќето Узбеци живеат во Московската област, Санкт Петербург, на Урал. Тука постојат регионални здруженија кои им помагаат на Узбеците за добивање работни дозволи и решавање на правните прашања. Исто така, узбекистанската дијаспора често учествува на разни фестивали на народите на Русија, сервирајќи им го на посетителите традиционалното јадење плов и лепиња од печка. Патем, узбечката кујна е многу популарна во Русија и во секој поголем град може да се најдат национални ресторани.
Како и Ерменците, Грузијците спаѓаат меѓу најстарите дијаспори во Русија. Во Москва одамна постоела грузиска населба (Грузиска слобода), место каде што живееле Грузијци (отприлика во реонот на денешната зоолошка градина) и до денес таму се наоѓа познатиот храм на „Св. Георгиј Победоносец“, духовен центар на Грузијците во главниот град. Грузија, се разбира, се појавува и во имињата на улиците.
Според пописот од 2010 година, во Русија живеат речиси 160 илјади Грузијци, иако експертите проценуваат дека реалната бројка е околу половина милион. Грузиската дијаспора поврзува голем број регионални заедници и одржува различни културни форуми, главно во Москва. Се разбира, грузиската кујна е најпопуларна во Русија уште од советско време, затоа што околу педесет видови хачапури можат да го освојат сечие срце.
Таџиците, како и Узбеците, почнаа да пристигнуваат во Русија во 2000-тите. Денес ги има околу милион (300 илјади се во Московската област), но прецизни податоци не постојат, бидејќи тие доаѓаа само на привремена работа. Во големите градови на Русија постојат голем број таџикистански организации кои им помагаат на своите сонародници да најдат работа, да ги регулираат документите и да се прилагодат на животот во нова култура.
„Се трудиме нашите земјаци, кои поради различни причини се далеку од својата татковина, да не се чувствуваат осамено“, велат раководителите на организацијата „Нур“ (Светлина) во Москва, една од најголемите во дијаспората. Соработниците на организацијата им помагаат на децата на мигрантите да се подготват за училиште, да полагаат испити според руските норми и да се вклопат со локалните деца. Сето тоа го прават бесплатно.
Според различни податоци, во Русија живеат од 200 до 600 илјади Молдавци. Поради тешката економска ситуација луѓето почнаа да ја напуштаат Молдавија на почетокот на 2000-тите, а главно заминуваа за Русија, која им е најблиска по менталитетот и обичаите. Младите од Молдавија често доаѓаат во Русија после училиште за да го продолжат своето образование и да најдат работа. Исто така, меѓу Молдавците има и гастарбајтери кои се на привремена работа во земјата. Руски зборуваат 99% од Молдавците во Русија. Во исто време, Молдавците кои живеат во странство учествуваат во различни здруженија, па дури и одржуваат свој „Конгрес на молдавските дијаспори“ со цел да ги зачуваат обичаите и врските со земјата на потекло.
Украинците ја сочинуваат една од најголемите дијаспори во Русија. Ги има од 2 до 5 милиони, како руски државјани, така и имигранти. Украинскиот јазик е меѓу 10-те најраспространети во Русија, при што најголем број негови говорители живеат на северот на земјата: на полуостровот Јамал и во Тјуменската област, каде што има населби за работа во смени за добивање нафта и гас.
Белоруската заедница во Русија брои над половина милион луѓе (според податоците на ОН во 2017 година биле преку 760 илјади), и тоа е најголемата заедница на Белоруси во странство. Интересно е што културните центри на овој народ се наоѓаат далеку од нивната граница: во Новосибирск, Самара, Јарославл, Нижни Новгород.
Според податоците од 2018 година, во Русија живеат околу 650 илјади претставници на киргискиот народ и 100 заедници. „Јужните Киргизи ја врзуваат својата иднина само за Русија“, тврди Амир, сопственик на салон за убавина во Москва.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче