Како живее водниот крт, најреткото и најчудно животно во Русија

John Cummings (CC BY-SA 3.0)
Ова ѕверче со необичен изглед живее на планетата околу 30 милиони години, и денес опстојува само во Русија. Но со голема мака.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Рускиот воден крт не личи на ниту еден цицач. Тој е слеп како обичниот крт, но живее во вода и има пловни кожички на нозете како клунар. Неговата муцка е необична, во вид на сурличка и му служи наместо сетило за вид. Со неа водениот крт го опипува патот до дувлото. Неговата опашка е како на стаорците, само што е подебела во коренот и е специфична по тоа што лачи остар мошусен мирис, толку силен што воопшто не е лесно да се биде во близина на ова животно.

Водниот крт не е отпорен на стрес. Може да умре од страв, од силен звук, од самото навестување на борба против друга единка или од мирисот на лепак.

И конечно, тоа е единствениот цицач на чие име може слободно да се додаде епитетот „руски“. Овој животински вид  се појавил на Земјата пред триесетина милиони години. Постоеле пет подвидови, од кои четири исчезнале пред повеќе од милион години, а рускиот воден крт преживеал само на територијата на Русија.

Жив фосил

Сибирскиот воден крт на руски се нарекува „выхухоль“ или „хохуля“. Многу е изискувачки во однос на живеалиштето. Може да живее само во водоплавни водни резервоари. Станува збор за езера во речно корито кои се излеваат за време на пролетните дождови и се спојуваат со речната вода. Тој период овие животни го користат за размножување. Потоа единките се запознаваат и основаат семејство и така доаѓа до нивно мешање во рамките на популацијата.

Многу е важно езерцето да не замрзнува во текот на зимата и да има високи брегови, бидејќи во нив водниот крт рие систем од ходници со излез низ водата. Делови од дувлото се користат за различни намени. Во едни водниот крт ги одгледува младенчињата, во други се одмара од нив, а во трети излегува од водата за да земе воздух бидејќи не може да остане под вода подолго од 5 минути.

Движењето по толку комплициран подземен систем на ходници го олеснува издолжената муцка со мустаќи (долги цврсти влакна), како и специфичниот мирис што го испушта мошусната жлезда во опашката. Со неа водниот крт го „означува“ патот. Со муцката во вид на сурла тој истовремено го „вшмукува“ калливото дно во потрага по храна. А се храни со инсекти, ларви и мекотели.

Палеонтолошките податоци покажуваат дека водниот крт не се сменил милиони години. Затоа се вели дека овие животни се „живи фосили“. Меѓутоа, останати се многу малку. Во 2020 година само шест илјади единки беа регистрирани во природата, а ареалот на нивното живеење е сведен на речните басени на централна Русија. Овој вид е внесен во Црвената книга во категоријата 1, „опасност од истребување“. Под него е само категоријата нула, „веројатно изумрен“.

Парфем и крзно

Поради слабиот вид и бавноста, водниот крт е практично незаштитен од грабливци, иако сите претпочитаат да го избегнуваат поради мошусниот мирис. Од друга страна, токму тој мирис е причината за загрозеност на видот уште од средниот век. И пак за сé е виновен човекот. Имено, водните кртови биле ловени поради мошусната жлезда, им биле сечени опашките, сушени и оставани во плакарите со костуми и постелнина како средство против молци.

Докторот на Академијата на науки Иван Лепјохин, во своите белешки во 1768 година напишал: „Лепливата супстанца што се наоѓа во меурчињата на опашката во облик на крушовидно задебелување, на самата основа на опашката, има толку силен мирис што човек може да го толерира само ако е особено навикнат на тоа. Ми се чини дека е многу појак од млазот на дабарот. Во секој случај, мене тој мирис ми беше толку тежок што не можев ни пет минути да го држам во раце водниот крт а да не ме здоболи главата“. Таквото средство против молци имало и недостаток во смисла што костумот го впивал силниот мирис и, како што пишува Лепјохин, човек можел да седи во близина на „водни кртици“ (личности што користеле опашки на водни кртици) само ако има силна кивавица.

Докторот споменува и дека кожата на водниот крт никого не интересира бидејќи и таа силно мириса. Меѓутоа, сето тоа се променило во XIX век. Крзното на водниот крт станува скапоцен украс на костумот бидејќи е сјајно, густо и водоотпорно, со различна структура на влакната – тие не се подебели во близина на коренот, туку кај врвот. Тоа му овозможува на овој ѕвер да излезе од вода, да се истресе и веднаш да стане со суво и пуфкасто, фино меко влакно. Неговото крзно било ценето повеќе од она на дабарот и било скапо. Покрај тоа, во XIX век, секретот што го лачи животното станал ценет и надвор од круговите на „водените кртици“. Почнал да се извезува во Франција, каде производителите на парфеми го користеле како фиксатор на мирис. Поради крзното и парфемот започнал неконтролиран лов на водните кртови и така за прв пат станал загрозен вид.

Смртоносни мрежи

Популацијата на овие животни ја загрозувале и од други фактори: одводнување на водоплавните површини, изградба на хидроелектрични централи (поплавени се места каде што порано живееле водните кртови), сеча на шумите, пасење на стока, загадување на водите и климатските промени. Во 1920 година, советската власт го забранила ловот на водни кртови со цел да го обнови нивниот број. Тоа имало ефект, па забраната била укината, но потоа бројот на овие животни повторно почнал да опаѓа, така што во 1957 година повторно биле земени под заштита. Меѓутоа, тогаш се појавила друга опасност.

„До 1990-тите, популацијата на водни кртови броеше околу 70000 единки и беше повеќе или помалку стабилна“, раскажува Алексеј Зименко, директор на Центарот за заштита на природата. А потоа беше десеткувана од кинеските мрежи од жици за јадички, кои ловокрадците ги користеа за риболов. „Мрежите често се фрлаат, а водата ги носи кога ќе надојде за време на обилните врнежи. <...>  Поради нив, на почетокот на 2000-тите бројот на водни кртови падна на 25000 единки“.

Опаѓањето на нивниот број беше забавено по забраната за увоз на готови мрежи и електрични јадички, но не запре. Сè уште е дозволен увоз на материјали од жици за јадички.  

Водниот крт го убива сé

Еден од начините за зголемување на бројот на водни кртови е да се прогласат нивните живеалишта за зони под посебна државна заштита во резервати или да се одгледуваат во одгледувачници. Вторава варијанта не е лесно изводлива, бидејќи водниот крт во заробеништво може да го убие речиси сè што се случува.

„Водните молови се многу чувствителни. Еден умре само затоа што го зедов во раце. Еднаш дупчев нешто во подрумот и два водни крта се разболеа и умреа, веројатно ги исплашила вревата. Имаше случај кога нешто залепив и водниот крт умре од мирисот на лепак“, раскажува Марија Онуфренја, која од 1975 година заедно со сопругот го проучува овој животински вид и се обидува да одгледува водни кртови во одгледувачница.

Водниот крт не смее да се фаќа за телото, туку само за опашката. Тереба да се храни на исто место и на ист начин, бидејќи во случај на каква било промена станува нервозен, почнува да се тепа со соседите или да боледува. Може да се разболи само затоа што не му одговара храната, и тогаш губи на тежина и умира. „Кога е болен, му се навлажнува крзното, венее и губи на тежина. Се гледа дека му е лошо. И секој пат мора да се испита што е во прашање. Доколку дошло до метаболичко нарушување, може да му се даваат соодветни витамини и минерали. Но, се случува причината воопшто да не е јасна“, вели Марина Рутовска, доктор на биолошки науки.

Пред да се степаат два водни крта, тие стануваат на задните шепи и се „вкочануваат“. Судирот може да биде смртоносен дури и пред да почне. „Еднаш двајца мажјаци паднаа во стапица. Почнавме да го вадиме кафезот, кога едниот застана на задните шепи со намера да го нападне другиот. Но, не успеа ни да го допре, тој падна мртов“, раскажува Онуфрења.

Главната тешкотија е што водниот крт не сака да се размножува во заробеништво. Доколку тоа сепак се случи, тогаш за научниците е голем предизвик да го зачуваат леглото. Водниот крт од стрес може и да ги изеде своите млади. Покрај тоа, овие животни се моногамни и избираат доживотен партнер. Ако едниот умре, другиот ќе тагува и на крајот најверојатно и самиот ќе умре.

Од 2010 година, научниците се обидуваат само да ја следат популацијата (да ги бројат единките и да им обезбедат поволни услови во резерватите), а не да ги ловат и да ги преселуваат во други живеалишта. Така, во 2020 година на 120 езера се забележани само 190 единки, што е исклучително мало. Никој не сака да доведе во опасност ниту една единка. А се случува научниците и волонтерите во експедиции да трагаат по воден крт и во текот на сезоната дури и да не сретнат ниту еден единка. Во такви околности во научните кругови кружи мрачна шега во вид на прашањето: „А дали воопшто постои рускиот воден крт?“

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња