Како во Русија отровните печурки се користат за убавина и за здравје?

miljko/Getty Images
Трендот на вечна младост ги поттикна технолозите да обрнат внимание на козметиката со печурки.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Производителите на козметика смислија како да произведат кремови и мевлеми од речиси сите достапни природни состојки, вклучувајќи ги и екстрактите од печурки. Ретко кој ќе се зачуди ако во составот на кремот открие лисичарка (ја хидрира кожата), буковка (ја подобрува бојата на лицето) или шитаке-печурка која придонесува за отстранување на пигментните дамки. Но, сите овие печурки можат да се јадат. Сепак, ретко кој е подготвен на својата кожа да стави отровна мувоморка или паповка, иако за страв, излегува, дека нема причина. Притоа некои видови паповка можат да го забават процесот на стареење, додека паразитската габа чага може не само да го уништи дрвото на кое што расте, ами и поседува смирувачки својства.

За црвената мувоморка, пак, излезе дека е извор на корисни материи кои ја хидрираат кожата и ги намалуваат брчките. Корисните својства на оваа печурка се објаснува со биолошки активните полисахариди во нејзиниот состав. Инаку, полисахаридите се одговорни за влажноста на кожата и го забрзуваат процесот на нејзината регенерација.

„На целата територија на европскиот дел од Русија црвената мувоморка веќе со векови традиционално се користи не само за подготовка на течности против муви, ами и како лек“, има запишано познатиот миколог Михаил Вишневски во книгата „Нејзиното височество мувоморката“.

„Мацератите и облогите од оваа печурка помагаат во зараснување на раните, кај шинување, ревматизам, заболувања на желудникот, болести на нервниот систем, отечени жлезди, туберкулоза и низа други болести. Резултатите од биохемиските експерименти покажаа дека во црвениот пигмент од шапката на мувоморката има антибиотска супстанца мускаруфин, јарко портокалов пигмент кој го блокира развојот на туморот. Значајни лековити својства поседува и месото од оваа печурка“, истакнува Вишневски.

Народни рецепти

Во старите времиња шаманите на западен Сибир јаделе сурови отровни печурки или од нив вареле чаеви за своите окултни цели. Ова, сепак, не било широко распространето. Мувоморката, притоа, масовно се користела за правење замки за муви, за стеници и за други инсекти, поради што и го добила своето име.

Од 19 век се проширила надворешната примена на оваа отровна печурка. Мацератот од мувоморка во ленено масло започнал да се применува за триење на болните што страдаат од ревматизам. Во Московската област за таа намена се подготвувал солен чај од мувоморка, а во Санкт Петербург отечените зглобови се триеле до зацрвенување со полуизгниени шапки од оваа печурка.

Исто така се правел мацерат од мувоморка во вотка, како лековито средство за туберкулоза, за заболувања на нервниот систем, за тумори – се користело внатрешно. Меѓутоа, сите експерименти со примена на мацерат од отровни печурки се опасни по здравјето и животот, така што не сите болни имале среќа да го преживеат ваквото лекување.

Се користеле и други печурки: со сок од млечница и со мацерат од чага се лекувале кожни забoлувања, со чај од труд се миела косата за да добие сјај.

Бизнис со мувоморки

Евгениј Фјодоров и Викторија Шевченко во 2015 година ја отвориле семејната фабрика „Бизорјук“ во Краснодар за производство на козметика од билни и природни состојки, вклучувајќи ги и отровните мувоморки. Суровината за оваа козметика доаѓа од Краснодарскиот крај и од северен Кавказ.

На пример, кремот за лице од мувоморка овозможува хидратација, обновување на кожата, ги намалува брчките и го отстранува воспалението. Цената на едно вакво повеќенаменско средство е навистина скромна: шишенце од 30 милилитри чини 300 рубли (околу 4 евра). Освен маслениот мацерат од мувоморка, кремот содржи и хиалуронска киселина, кокосово масло и уште десетина масла и други корисни компоненти кои сигурно нема да ја оштетат кожата. Исто така мувоморката е присутна и во кремата за нозе против варикозни вени и отоци, како и во мелемот за зглобови. Нивните производи, според тврдењата на производителот, се барани на пазарот.

Оваа брачна двојка не е единствениот производител кој ги промовира лековитите својства на мувоморката во Русија. Компанијата „Ерилам“ од Новосибирск ја има изработено антиејџ-линијата „Мухомор против“. Таа е составена од десетина кремови за лице, за раце и за нозе. На пример, крем-масло за пети против пукнатини и сува кожа обезбедуваат помека кожа на стапалата и заштита од бактерии. Освен екстратот од мувоморка, во нејзиниот состав има и масла од рујница, печурка што може да се јаде. Според производителот, тоа има „омекнувачко својство кое е поделотворно од праската“, додека мацератот од печурката чага и кора од жална врба во составот на кремовите го намалува потењето. Покрај екстрактите од печурки во составот на кремовите влегува и чај од брусница, сок од алое и тегавец, морска сол, алфа хидроксилни киселини и цитрат на сребро. Така оваа е крем кој претставува комбинација на народната медицина и современите технологии во едно пакување.

Побарувачка за мувоморка

Можеби помисливте дека користењето на мувоморка во домашни услови е далечно минато, но не е така. Бабите од селата до денешен ден кога одат на берба на печурки со себе носат дополнителна кеса за мувоморки. Овој драгоцен материјал го потопуваат неколку дена во алкохол или во вотка, па со овој мацерат ги тријат зглобовите.

На пазарите исто така можат да се купат мувоморки на мерење. А, во подмосковските шуми во сезона можат да се најдат истакнати огласи за откуп на шапки од мувоморки. Навистина, не се знае дали подоцна тие се користат за лекување.

На Интернет можат да се најдат снимки на кои се прикажува како да се направи маска или мевлем од мувоморка, но не би требало тоа да го правите самостојно. Чувствителната кожа може да развие алергиска реакција или може да дојде до сериозно оштетување во случај отровната супстанца да дојде до слузокожата. При професионалното производство печурките минуваат низ чистење и се води сметка за потребното количество печурки во кремовите.

Официјалната медицина дозволува само надворешна примена на мацерат или на мелем од мувоморка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња