Како Русија го решава проблемот со отпадот

Кирил Зиков / Агенција "Москва"
Секоја година човештвото произведува над две милијарди тони отпад од домаќинствата, што значи дека постои опасност нашата планета да стане една голема депонија. Во Русија овој проблем е исто така значаен, особено што земјата заостанува кога станува збор за рециклирањето и за преработката на отпадот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Во Русија секоја година се фрлаат околу 70 милиони тони отпад, што е тежина споредена со 12 големи пирамиди од Гиза. Површината на официјалните депонии се зголемува секоја година за 400.000 хектари, што е повеќе од територијата на Москва и Санкт Петербург заедно. Ако не се преземе ништо, до крајот на деценијата депониите ќе бидат двојно поголеми од површината на Азовското море.

Во 2018 година од страна на руската влада беше започнат националниот проект „Екологија“. Најважната цел на овој план е создавање одржлив систем за управување со цврстиот домашен отпад. До 2024 година треба да бидат формирани 220 нови современи комплекси за преработка, складирање и отстранување отпад. Покрај тоа, до 2030 година се планира количеството отпад што стасува на депониите да се преполови и 100% од отпадот да се сортира, со што ќе се подобрат условите за функционирање на системите за рециклирање.

До крајот на деценијава над една третина од домашниот отпад ќе добие нов живот како суровина за правење други корисни производи. На пример, 400 алуминиумски конзерви можат да се искористат за изработка на детски велосипед, а само 25 пластични шишиња за јакна од флис. Во моментов, меѓутоа, во Русија се рециклира само 5-7% од отпадот.

Во блиска иднина „Екологија“ ќе направи мапа со информации за центрите за собирање на отпадот, така што секое лице ќе може брзо да го најде најблиското место во регионот за одлагање стакло, хартија, батерии итн. Освен што на граѓаните ќе им биде олеснет процесот на рециклирање, „Екологија“ има за цел да ги едуцира за важноста на концептите како што се одржливата потрошувачка, циркуларната економија и нулта отпадот, што треба да доведе до минимално производство на отпад.

Долг пат до квалитетно отстранување на електронскиот отпад

Електронскиот отпад е составен од различни облици електрична и електронска опрема што сопствениците повеќе не ја користат или која повеќе не ја извршува својата првобитна функција на задоволувачки начин. Отпадот е последица на напредокот на технологијата, поради што се појавуваат застарени компјутери, лаптопи, телевизори и други уреди кои бараат специјални методи за рециклирање поради токсичните нус-производи. Поголем дел од светскиот електронски отпад се рециклира во земјите во развој, каде се вообичаени неформалните и опасни инсталации за екстракција и продажба на метал.

Од 1 март 2022 година во Русија е забрането фрлање домашни апарати, компјутери или хардвер во обични контејнери. Овие уреди мора да бидат рециклирани. Меѓутоа, сè уште не е воспоставена инфраструктура која ќе го овозможи почитувањето на новите правила.

„Во руските региони има мошне малку центри за рециклирање кои ги собираат домашните апарати. Денес претставува извесен проблем доколку сакате работите како што се телевизорите, фрижидерите, компјутерите и другата опрема да ги однесете на рециклирање. Постојат неколку претпријатија и компании кои ја примаат оваа опрема од граѓаните, потоа ги одвојуваат скапоцените метали од пластиката и сите делови ги даваат на рециклирање“, објаснува Јулија Тоцка, главна уредничка на порталот ecowiki.ru (онлајн платформа која го промовира еколошки одговорниот начин на живот и развојот на еколошката заедница во Русија).

Општинските власти треба да обезбедат центри за собирање на електронскиот отпад. Според Тоцка, доволни се еден до два вакви центри во една општина. Доколку постои инфраструктура за правилно отстранување на електронскиот отпад, луѓето ќе знаат каде можат да ги однесат своите домашни апарати и да не ризикуваат плаќање казна.

Можностите на пластиката

Додека управувањето со електронскиот отпад и понатаму претставува проблем за Русија, кога станува збор за пластиката Русите се сè поснаодливи и покреативни. Се појавуваат голем број стартап компании и претпријатија кои покажуваат на која начин отпадот на еден човек може да стане богатство за друг.

„Умнаја среда“ („Паметна околина“) е компанија од Калининград која произведува уличен мебел како што се корпи за отпадоци, жардинери и клупи од употребени пластични кеси, фолии и песок. Во Екатеринбург фабриката „Уралтермопласт“ пластиката ја преработува во полимери кои добиваат нов живот како разнобојни плочи за игралишта, огради и мебел за градина.

Компанијата „Аксион Рус“ од Москва произведува иновативни суперструктурни материјали за железнички пруги, како што се железнички прагови од целосно рециклирана пластика и материјал за поправка на композитни и дрвени прагови. Инаку, околу 170 тони материјал се користи за изработка на прагови за еден километар железничка пруга.

Галина Ларина е графички дизајнер, еко-активистка и креатор на брендот Plasticdoom. Самата направила машина за топење пластика со чија помош пластичните кеси ги трансформира во кабаници, ранци, чадори и шешири.

Сепак, тоа е само капка во океанот. Според податоците од Министерството за индустрија и трговија, Русија секоја година произведува околу 3,5 – 5 милиони тони пластичен отпад.

Кон Русија без отпад

Иницијативите како што е националниот план „Екологија“ во Русија се добредојдени. Меѓутоа, Тоцка предупредува дека кога станува збор за амбициозна цел за сортирање на отпадот во сите региони на Русија до 2030 година, треба да се земат предвид некои елементи кои ќе нè спречат да бидеме претерано оптимистични.

„Пред сè треба да се размислува за современата инфраструктура во земја во која се произведува огромно количество отпад. Со цел да бидат сортирани 100% од отпадот, треба најпрво да се изградат стотици постројки за сортирање. Друго прашање е квалитетот на сортирање на отпадот. Тоа се најчесто нечисти компоненти што можат да се сортираат, но прашање е во што можат тие да се претворат. Неопходно е да се воспостават синџири на производство, снабдување и набавка на рециклирани производи. Трето прашање е зајакнување на мерките кои го спречуваат и го намалуваат создавањето отпад. Одговорното купување, преминот на алтернативи кои можат повеќе пати да се користат наместо еднократните пакување и одвојувањето на ѓубрето пред да заврши како мешан отпад. Сето тоа се важни чекори кои можеме индивидуално да ги преземеме. На пример облеката: ако ја фрлиме со друг вид отпад, ќе се извалка и ќе може само да се запали или да се закопа“, вели Тоцка.

За среќа, сè е можно ако се сака. Руското општество е подготвено за промена во сферата на управување со отпадот. Луѓето се загрижени поради состојбата со животната средина. Според истражувањето на Гринпис од 2020 година пластичниот отпад спаѓа меѓу петте најтешки еколошки проблеми на Русија. И, иако треба да се направи уште многу за развојот на потребната инфраструктура за сортирање и за рециклирање во Русија, последниве години многумина Руси решија работите да ги земат во свои раце и да станат еколошки активни, усвојувајќи филозофија на совесна потрошувачка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња