Кои странски фудбалски клубови им припаѓаат на Руси?

Роман Абрамович

Роман Абрамович

Michael Regan / FIFA/FIFA via Getty Images
За едни тоа беше само бизнис, а за други најголема страст во животот. Да видиме кои Руси во моментов поседуваат странски спортски клубови и колку ги чинеше тоа.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

Роман Абрамович – „Челзи“

Сопственикот на ФК „Челзи“ Роман Абрамович ја слави победата во Лигата на шампиони 2021.

„На самиот почеток сфатив дека клубот во негова сопственост ќе се развива. Зошто? Затоа што во клубот вгради дел од себе “, вели поранешниот тренер на Челзи Жозе Мурињо, зборувајќи за Роман Абрамович, олигархот кој прв меѓу богатите Руси ја воведе модата на купување странски клубови.

Абрамович го стори тоа во 2003 година и сите овие 19 години тоа беше неговата голема страст. „Челзи“ пред доаѓањето на Абрамович често беше на врвот на табелата, но не освојуваше трофеи. Играчите се жалеа на несистематичност во клубот и зборуваа дека ситуацијата е хаотична. Новиот сопственик го промени сето тоа. Воведе систем во клубот и не жалеше пари за купување играчи, но внимателно ги анализираше сите договори и беше подготвен на сé кога треба да се придобие потребниот играч. Така „Челзи“ „процвета“ и стана еден од најдобрите клубови - петпати го освојуваше првото место во англиската Премиер лига и двапати во Лигата на шампионите.

Роман Абрамович

Во 2022 година Абрамович објави дека го продава клубот со цел да се избегнат можни санкции против „Челзи“ во врска со руско-украинскиот конфликт. Покрај тоа, тој му го прости на клубот долгот од 1,5 милијарди фунти. Вети дека ќе ја предаде целата заработувачка од продажбата на фондот на клубот кој од 2010 година се занимава со добротворни и социјални проекти.

Дмитриј Риболовлев – „Монако“

Сопственикот на фудбалскиот клуба „АС Монако“ Дмитриј Риболовлев

Поранешниот сопственик на компанијата „Уралкалиј“ и олигарх (сега на 27 место на ранг листата на „Форбс“ на најбогати бизнисмени во Русија) се впушти во „фудбалската приказна“ инспирирана од примерот на Абрамович. Во 2011 година тој го продаде контролниот пакет акции во „Уралкалиј“, еден од најголемите светски производители на калиумско минерално ѓубриво, се пресели во Монте Карло и стана главен сопственик на локалниот клуб.

„Монако“ тогаш беше во криза и страдаше од хроничен недостаток на средства, а Риболовлев не жалеше средства. Тој вложи над 100 милиони евра во купување на фудбалери (во тоа го надмина само парискиот ФК „Пари Сен Жермен“ во сопственост на катарските шеици), така што веќе во втората половина на наредната сезона „Монако“ се врати во елитата на францускиот фудбал, а во сезоната 2017-2018 стана шампион на Франција.

Риболовљев во една прилика призна дека е потешко да се раководи со фудбалски клуб отколку со „Уралкалиј“. Амбициите на рускиот олигарх малку спласнаа по неколку години поседување на „Монако“. Сега јавно изнесува поскромни цели, а тоа е клубот да биде во врвот на француската лига и добро да настапува во европските натпреварувања. „Ние не сме ниту „Челзи“ ниту „Реал“ и никогаш нема да станеме суперклуб кој секоја година се бори за првото место и победа во финалето на Лигата на шампионите“, изјави тој.

Максим Дјомин – „Борнмут“

Џејми Реднап (лево) и Максим Дјомин, сопственикот на „Борнмут“

Фудбалскиот клуб Борнмут од истоименото англиско гратче на брегот на Ла Манш вегетираше на дното на табелата и беше кандидат за испаѓање од професионалната лига кога во 2011 година беше спасен од долговите и кредиторите од страна на  Максим Дјомин од Русија, финансиски експерт и трговец со нафта, кој заедно со семејството се пресели од Русија во Велика Британија, и тоа токму во Борнмут. Во критичен момент му позајми пари на клубот и тие пари не му беа вратени. Рускиот бизнисмен тогаш доплати 450000 фунти стерлинг и стана сопственик на 50% од акциите на клубот, а две години подоцна ги откупи сите 100%.

Пријателите и партнерите на Дјомин го опишаа клубот како „куфер без рачка“, а купувањето како скапа и бескорисна играчка. Но, не беше така. Рускиот сопственик организираше вистинска револуција во „Борнмут“, која набрзо го доби епитетот „руско чудо“. За три сезони Дјомин инвестираше 25 милиони фунти, најде тренер кој може да решава амбициозни задачи, почна да купува млади локални играчи со цел дополнително да ги усовршува и на прво место ја стави грижата за здравјето на фудбалерите. Така „Борнмут“ го доживеа најголемиот подем во историјата на сите англиски лиги, бидејќи како клуб од Третата дивизија на Фудбалската лига стигна до англиската Премиер лига и го постигна најдобриот резултат од своето основање пред 116 години. Сето тоа се случи во 2015 година. Сега овој клуб игра во Чемпионшип, а тоа е втората најсилна англиска фудбалска лига по Премиер лигата.

Давид Трактовенко – „Сиднеј“

Сопственикот на ФК „Сиднеј“ Давид Трактовенко

Австралискиот фудбалски клуб му „падна в око“ на рускиот банкар Трактовенко кога неговата ќерка Алина се омажи за австралискиот бизнисмен Скот Барлоу. Трактовенко во 2006 година купи 22 отсто од акциите, за две години подоцна да го прошири пакетот на 90%.

Веднаш знаеше што треба да направи со мошне слабиот „Сиднеј“ - истото што го направи на времето кога беше претседател на Управниот одбор на ФК „Зенит“ и од клубот кој беше аутсајдер го претвори во најсилниот клуб во Русија. Трактовенко и овојпат беше успешен - „Сиднеј“ првпат стана шампион на Австралија, и тој успех го повтори пет пати.

Антон Зингаревич – „Ботев“

Антон Зингаревич (десно) и членот на Управниот одбор на компанијата „Илим Палп Ентерпрајз“ Борис Зингаревич.

Синот на рускиот мултимилијардер Борис Зингаревич Антон е познат пред сé како поранешен сопственик на англискиот фудбалски клуб „Рединг“. Антон го купи во 2012 година за 25 милиони фунти. Не беше заинтересиран за него и по само две години го продаде на група инвеститори од Тајланд, и тоа за само една фунта. Новите сопственици ги презедоа сите долгови на клубот, а такви долгови имаше многу. „Рединг“ тогаш беше во мошне лоша состојба, бидејќи во сопственост на Зингаревич испадна од англиската Премиер лига, а потоа веќе не можеше да се врати во дивизиите на најсилните англиски клубови.

Оттогаш протече многу вода, а во меѓувреме по Зингаревич-помладиот беше распишана федерална потерница поради обвинение дека проневерил кредити во вредност од 2,5 милијарди рубли. Случајот беше затворен во 2019 година, а Зингаревич остана еден од најбогатите луѓе во земјата. Според пишувањата на бугарските медиуми, вкупниот имот на двајцата Зингаревичи во 2018 година вредеше повеќе од една милијарда долари. Нивните компании се занимаваат со производство на хартија и целулоза, а се занимаваат и со градежништво и енергетика. Исто така, се смета дека на Антон Зингаревич и неговите партнери им припаѓаат правата на трансфер на околу 2000 фудбалери (претежно од Африка и Јужна Америка). Пред две години се појави информација дека Зингаревич повторно сака да купи европски клуб. Изборот падна на бугарски „Ботев“. Руски бизнисмен го купи во 2021 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња