Московскиот Хачико: приказната што ги трогна срцата на милиони советски граѓани

Komsomolskaya Pravda/Global Look Press
Познатиот јапонски пес Хачико речиси 10 години го чекаше својот покоен сопственик на станица. И во СССР постоеше еден таков је „Хачико“.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон!  Cо „Телеграм“ сме секогаш со вас! 

Тоа беше 1974 година во Москва, на аеродромот „Внуково.“ Патниците се качуваа во авионот Ил-18 кој леташе за градот Норилск (крајниот север на Советскиот Сојуз). Еден патник покрај авионот долго и жолчно се расправаше со стјуардот, додека покрај него на поводник стоеше германски овчар.

Очигледно разговорот не се одвиваше онака како што очекуваше патникот. На крајот тој, многу нерасположен, се оддалечи од стјуардот, му пријде на кучето и му го симна поводникот. Германскиот овчар помисли дека е пуштен на слобода, па почна весело да си трчка по пистата.

Воопшто не забележа дека сопственикот се качува во авионот, дека се скалите се тргаат, а вратата се затвора и авионот се подготвува за полетување. Најпосле се тргна и јурнува по авионот што одлетува, а потоа долго остана да гледа по него додека Ил-18 конечно не исчезна зад хоризонтот. Така започна приказната што ги трогна срцата на милиони советски граѓани.

Отфрлен пријател

Подоцна излезе дека сопственикот немал ветеринарни документи за песот и едноставно го оставил на аеродром. Следните две години тој германски овчар живееше на аеродромот „Внуково“.

Најде местенце во близина на паркингот за авиони и секој ден трчаше на пистата. Го запамети обликот на Ил-18, па му приоѓаше на секој авион од тој модел што слетуваше на аеродромот, очекувајќи дека токму со него ќе се врати и човекот кого песот го сакаше најмногу на светот.

Набргу на волчјакот му обрнаа внимание пилотите и аеродромските работници. Најпрвин се обидуваа да го фатат, но не успеваа. Претпазливото куче никому не му пречеше, така што персоналот на „Внуково“ го остави на аеродромот и се грижеше за него, иако тоа беше кршење на сите можни правила.

Луѓето му оставаа храна на волчјакот, но песот никому не му приоѓаше. Се обидуваа да му го погодат името, па испробуваа разни варијанти. Песот реагираше на имињата Алма и Аљма, а на крајот изборот падна на името Палма.

Палма на аеродромот „Внуково“

Палма секој ден упорно ги пречекуваше авионите Ил-18, игнорирајќи ги и снегот и дождот. Некој од техничкиот персонал се сети на сцената од расправата меѓу сопственикот и стјуардот во близина на авионот, но не можеше да најде некој друг детаљ.

На крајот пилотот Вјачеслав Валентеј се обрати до редакцијата на весникот „Комсомолскаја правда“ и ја раскажа приказната за прекрасниот германски овчар. „Да не беше Валентеј, никој немаше да дознае за Палма“, се сеќава подоцна новинарот и фотограф Јури Рост.

Рост отиде во „Внуково“ лично да го запознае необичното куче. „Сега сите го храниме“, му раскажа рекол еден аеродромски работник: „Од никого не зема храна од рака и никому не дозволува да му пријде освен техничарот Володин. На некој начин се согласува со него, но ни со него нема да си замине од аеродромот. Веројатно се плаши дека ќе го пропушти авионот“.

Палма на аеродромот „Внуково“

Нов дом

Набргу потоа во „Комсомолскаја правда“ се појави белешка за Палма наречена „Две години чекање“, каде што на сопственикот му беше упатен повик: „Можеби оваа белешка ќе ја прочита човекот кој поради еден сплет на несреќни околности го остави песот на аеродромот и одлета со авион „Ил-18“, веројатно мислејќи дека миленикот веќе го заборавил. Тој човек нека земе одмор веднаш, да најде пари и да допатува во Москва“.

Приказната за Палма ја возбуди целата земја. Во редакцијата пристигнуваа илјадници писма во кои луѓето изразуваа желба да го вдомат толку верниот и предан пес.

Се најде и сопственикот на песот. Тој отишол на Север да работи. Во писмото се правдаше дека „се појавија проблеми, се заплеткав во нив и заборавив“. Тој воопшто не изрази желба да се врати по песот. Не го ни спомена името на несреќниот волчјак, така што Палма остана.

Се бараше нов сопственик за кучето, и изборот падна на Вера Котљаревскаја од Киев, доцент на Педагошкиот институт и праправнука на познатиот украински поет Иван Котљаревски. Таа темелно пристапи кон припитомување на плашливиот германски овчар.

Зеде еден месец одмор и се смести во „Внуково“. Секојдневно го посетуваше кучето секој ден и набрзо ја стекна неговата доверба.

На крај Котљаревскаја успеа на Палма да му стави преку храната апче за спиење. Следниот ден волчјакот беше многу изненаден кога се разбуди во непознат стан во главниот град на Советска Украина.

Палма не искажа ниту агресија ниту паника. „Многу стабилен пес, со урамнотежен нервен систем, навикнат на човек и живот во стан. Дома ѝ пријде на ќерката додека спиеше, ја лизна по образот и внимателно ја „грицна“ за увото“, напиша Котљаревскаја во дневникот. Па сепак, германскиот овчар цело време се обидуваше да побегне, така што Вера мораше постојано да ги држи терасата и прозорците затворени.

Дури после половина година Палма се смири и конечно го прифати својот нов дом и новиот сопственик, кому му ги подари сета своја љубов и преданост.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња