Во Москва може да се видат архитектонски достигнувања во широк временски опсег, од црквите од XV век, храбрата авангарда од раните години на СССР, сталинистичкиот ампир од 1950-тите до панелните правоаголници на перестројката и огромните трговски центри на „несреќните деведесетти“. А како изгледаат најинтересните згради подигнати во последните неколку години во руската престолнина ќе дознаете од нашиот текст.
Новиот спортски центар е отворен 2019 година. Центарот е изграден под раководство на главниот архитект на Москва Сергеј Кузнецов, а го доби името по Ирина Винер Усманова, познат тренер по ритмичка гимнастика, чии ученици се и Јулија Барускова и Евгенија Канаева. Палатата на гимнастиката беше изградена за само неколку години. Вниманието го привлекува покривот во вид на гимнастичка лента. Спортскиот центар има арена со трибини и која може да прими 4000 посетители.
Палатата веќе има освоено неколку национални награди за архитектура како најдобар спортски објект во земјата, но и меѓународни признанија, како што е MIPIM во категоријата „Најдобар спортски и културен објект“ во 2020 година (BEST CULTURAL AND SPORTS INFRASTRUCTURE).
Проектантите најдоа инспирација во руската авангарда и феноменот на поместени тектонски плочи. Зградата е обложена со панели кои ја менуваат бојата во зависност од осветлувањето.
Зданието изгледа асиметрично, внатре има многу отворен простор во кој се наоѓаат канцеларии.
„Сето тоа личи на играта џенга, куп наредени книги или торта со споени слоеви“, запиша рускиот урбанист Иљја Варламов кој ја смести зградата на листата на најдобри згради во Москва 2016 година.
Ова училиште од општообразовен тип се наоѓа во реонот Хорошево Мневник на северозападот на Москва. Клучниот збор во неговиот концепт е „транспарентност“. Однадвор огромни прозори од подот до плафонот, панели со стебла на дрвја, во ентериерот „лебдечки“ скалила со стајлени елементи.
Во проектот на овој образовен комплекс, покрај архитекти, беа вклучени и педагози. На крајот беше одлучено да се напуштат стандардните школски училници и беа смислени простории кои можат да се приспособат за различни образовни процедури. Тука има училници-лаборатории, слушални за настава по роботика, компјутерско моделирање, фискултурна сала, базен и многу повеќе.
Се работи за таканаречена паметна зграда. Во првите пет години од своето постоење училиштето доби неколку архитектонски награди, меѓу кои и Re-Thinking the Future во категоријата „Концепт на општеобразовна установа“ („Concept of General Education Institutions”).
Уште едно необично училиште во Москва може да се види на подрачјето на поранешната фабрика за автомобили „ЗИЛ“ во близина на станбениот комплекс „ЗИЛАРТ“. Проектирано е како систем на кампуси. Покрај училници, има и таканаречени хај-тек работилници каде се одржува настава по природни науки и ИТ-технологии, како и неколку спортски сали.
Отворено е во 2019 година, а градските власти го прогласија за најдобра градба од образовен тип.
Тоа е најголемото училиште во Русија, наменето за 2500 ученици.
„И јас би сакал да одам во оваа градинка“, се искрените реакции на родителите на децата кои одат во оваа градинка.
Најверојатно најоригиналната градинка во Москва. Се наоѓа во „Мала Полујарославска“ уличка на периферијата на главниот град. Проектот го потпишува архитектонското биро Asadov. Просторот каде што се наоѓа градинката е мал, а за прошетка проектантите го предвидоа покривот. Просторот за пешачење со тераси се наоѓа на вториот и на третиот кат. Зградата наликува на брод.
Реализацијата на проектот не беше воопшто лесна. Требаше да се води сметка не само за надворешниот изглед, туку и за безбедноста на децата. Ниту едно инженерско решение во тој проект не беше случајно. Зградата се состои од два перпендикуларни објекта кои го затвораат дворот и го штитат од ветер, а на западната фасада има полукружна стаклена влошка за вртење на противпожарно возило.
На прозорците има варијации на тема руски украсни прозорски рамки од различни региони.
Внатре има многу простории со заоблени линии кои навистина им се допаѓаат на децата.
На југот на Москва се наоѓа реонот Нагатински залив, сместен на бреговите на реката Москва. Пред неколку години овде никна нов градски блок „Ривер парк“, со брановидни фасади на зградите кои потсетуваат на близината на водата.
Проектиран е и изграден широк кеј на повеќе нивоа, кој освен станарите, може да го користат и сите други, со површини со спортски содржини, градини и кафулиња. Во 2021 година еден од објектите во таа населба победи на конкурсот за најдобри архитектонски решенија Global Future Design Awards во категоријата Residential Architecture Concept.
И овој станбен комплекс се наоѓа на кејот, но во центарот на градот. Изграден е во 2015 година. „Пречистенскиот“ кеј излегува директно на паркот „Горки“, едно од најпрометните подрачја во Москва. Иако не беше лесно да се вклопи новата зграда во постоечкиот стар архитектонски ансамбл, зградата изгледа интересно и не го затвора погледот.
Станува збор за зграда на три ката со авангардна фасада која асоцира на кубизам. Во уредувањето се користени керамички плочи, а во ентериерот дрво и мермер.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче