10 НАЈНЕОБИЧНИ стандардни бетонски згради

Антон Денисов/Sputnik; Mos.ru
Фолклорни орнаменти, разнобојни графити, па дури и советски симболи на терасите. Погледнете како руските архитекти ги декорираа монотоните бетонски градби.

Многу руски градови се преполни со меланхолични згради од бетонски панели од советско време. Тогаш, имено, беше потребно да им се обезбеди на луѓето станбен простор што побргу.

Но, меѓу овие стандардни градби можете да наидете на многу интересни примери за дизајн со кои се издвојуваат од останатите.

1. Фолклорни орнаменти во Сиктивкар 

Еден станбен реон во северниот руски град Сиктивкар е преполн со станбени згради со орнаменти на народот Коми.

2. Срп и чекан во Улан Уде

Во Улан Уде, главниот град на Бурјатија, ќе најдете станбени згради украсени не само со традиционални симболи, туку и со советскиот срп и чекан! И тоа не е некоја надградба, туку оригинална архитектонска идеја.

3. Советска зграда во Калининград во пруски стил

Оваа спектакуларна градба во Калининград е всушност обична зграда од бетонски панели. Меѓутоа, во подоцнежните години градот одлучи да го редизајнира своето советско наследство.

Пред Втората светска војна, Калининград беше прускиот град Кенингзберг и овој дизајн потсетува на неговата долга историја.

4. Мурали во Салехард

Салехард е единствениот град што се наоѓа на Северниот поларен круг. Климата на крајниот север е сурова и тамошните згради обично се обоени во светли бои. Во Салехард типичните советски згради направени од бетонски панели се украсени со прекрасни мурали на кои можете да видите мразокршачи, лисици и ирваси.

5. Поларни бои во Норилск и Дудинка

Ирваси и поларни бувови - зградите во Норилск и соседниот град Дудинка (на северот на Русија) се исто така украсени со мурали со поларна тематика.

6. Скијашки графити во Мурманската област

Овој станбен реон се наоѓа во близина на ски-центарот во Мурманската област. Изгледа многу необично во контраст со околното сивило!

7. Зграда-хармоника во Калуга

Локалните жители ја нарекуваат оваа зграда во Калуга (недалеку од Москва) „хармоника“ поради нејзиниот необичен изглед. Вакви згради инаку најчесто се градат на Камчатка. Овој облик на градба може да издржи зголемена сеизмичка активност на далекоисточниот полуостров.

Но, големото прашање е како таква зграда се нашла во Калуга. Локалните историчари претпоставуваат дека архитектите се обиделе да внесат разновидност во типичните градби.

8. Кружна зграда од бетонски панели во Москва

Две кружни бетонски згради на југозападот на Москва се појавија во пресрет на Олимпијадата 1980 година. Првичниот план беше да се изградат пет такви згради (како олимписки прстени), но експериментот беше прекинат по само две, бидејќи се покажа дека оваа форма е непрактична поради проблеми со звучната изолација и одржувањето. Денес ги нарекуваат „Ѓевреци“. Секоја зграда има над илјада станови и 26 влеза.

9. Зграда на авијатичарите во Москва

Во Москва има неколку бетонски станбени згради кои стојат на столбови. Главниот град на Русија не е познат по земјотреси, поплави или вечен мраз, па зошто тогаш советските архитекти се одлучиле за ова решение?

Овие згради беа изградени на улицата „Береговаја“ во 1970-тите како хотел за гостите на Олимпијадата. На крајот сепак беа населени со работници на воздухопловната индустрија и затоа зградата се нарекува зградата на авијатичарите.

10. Зграда со влез во метро, Новосибирск

Во седум руски градови постои метро. Некои од станиците се наоѓаат директно под станбените згради. Влезовите во метрото во приземјето на зградите се појавија најпрвин во Москва, а потоа во другите градови.

Во Новосибирск постои современа зграда чии станари можат да влезат во метрото користејќи ги своите скалила. Како ви се допаѓа оваа идеја?

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња