На просечниот руски маж за среќа му требаат 203 илјади рубли или 2640 долари месечно (откако ќе плати данок), а на жената 155 илјади рубли (2016 година, што е за една третина помалку). До споменатите резултати се дојде во испитувањето на јавното мислење што кон крајот на минатата година го спроведе сервисот за вработување SuperJob.
На споменатиот просечен Русин за среќен живот повеќе му требало само во 2017 година - 184 илјади рубли или 2394 долари. Во моментов, просечната цифра за мажи и жени изнесува 178 илјади рубли (2316 долари).
Најголеми желби имале Московјаните, на кои за среќа им требале 228 илјади рубли месечно (2966 долари). Во првата петорка по високи барања, освен нив, влегоа и жителите на големите градови во Русија.
Интересно е што второто место на листата го зазеде Владивосток, а не Санкт Петербург, кој често се нарекува втор главен град на Русија. Владивосток е град во регион далеку од европскиот дел, на Далечниот Исток, каде што логистичките трошоци и цените на многу производи се високи.
Материјалните желби на Русите растат со годините и го достигнуваат својот врв на возраст меѓу 35 и 44 години.
При очигледниот расчекор меѓу просечните плати (околу 55 илјади рубли или 715 долари во 2021 година) и посакуваните приходи, повеќето Руси (84 отсто) се сметаат себеси за среќни, покажува истражувањето спроведено од ВЦИОМ (Серуски центар за истражување на јавното мислење). За Русите на прво место е да бидат здрави, и тие и нивните најблиски (29 отсто). Чувството на среќа е поврзано со фактот да имаат семејство (27 отсто), деца (22 отсто), да чувствуваат генерално задоволство од животот (21 отсто) или да имаат добра работа (20 отсто).
Оние кои не се чувствуваат среќни, како проблеми ја наведуваат состојбата во земјата (8 проценти), недостатокот на материјални средства (7 проценти), отсуството на стабилност (6 проценти) и проблемите во семејството (5 проценти).
„Нивото на среќа не е директно поврзано со нивото на приход“, изјави за „Експерт“ докторот по социологија Андреј Милехин, претседател на холдингот за истражување на јавното мислење „Ромир“ и потпретседател на Меѓународната асоцијација на независни истражувачки агенции Gallup International.
На крајот на 2021 година Gallup International и „Ромир“ спроведоа истражување за индексот на среќа во светот и во Русија (разликата меѓу задоволните и незадоволните од животот). Според нивното истражување, Русија се најде во првите пет земји со најнизок индекс на среќа во светот. Пет отсто Руси се многу задоволни од својот живот, 36 се едноставно задоволни, 17 се незадоволни, а 30 отсто се „ниту задоволни ниту незадоволни“. Само жителите на Гана, Авганистан, Хонг Конг и Ирак се сметаат себеси за помалку среќни.
„Русите традиционално се споредуваат не со своите соседи (како што тоа го прават повеќето граѓани на други земји), туку со ситуацијата во економски развиените земји“, објаснува Милехин.
„Веќе купив стан и автомобил, сé уште не морам да плаќам за школување на децата, па сонувам да летам во вселената како вселенски турист. За да се оствари сето тоа за пет години, според сегашните цени на билетите од 450 илјади долари, треба да заработам 600 илјади рубљи (7800 долари) месечно“, открива за нашиот портал Иван од Москва.
За Елена од Санкт Петербург во овој момент на прво место е прашањето за образованието на децата. „Постариот син веќе заврши факултет, а ќерката се запишува оваа година“, вели таа. „Наскоро ќе знаеме дали ќе студира во Санкт Петербург или ќе оди во Москва. Во вториот случај, треба да се плати изнајмен стан, да се праќаат пари за живот и патување дома. Тоа е најмалку 40 илјади рубли месечно (520 долари), иако самото школување ќе биде бесплатно“.
„Неодамна ми падна на ум да го продадам станот во Владивосток и да се преселам на Крим. Воопшто не ми се допаѓа климата во Владивосток. Почнав да размислувам за продажба на станот и изградба на куќа на југ, ќе имам на располагање шест милиони рубљи (78000 долари)“, пишува на еден од форумите Марутја, жител на Владивосток. Поради природното намалување и миграцијата, бројот на жители во Владивосток последниве неколку години се намалува. Како главни причини неговите жители ги наведуваат нискиот степен на развој на градот и регионот генерално и несразмерноста на платите и трошоците за живот и храна.
Според истражувањето на ВЦИОМ објавено минатата година, на прво место на листата на желби на Русите се здравјето, како нивното, така и на нивните најблиски (9 отсто). Друг сон подобрување на условите за живот на семејството (8 отсто). Пет отсто од нив сонуваат за патувања, а четири отсто за зголемување на животниот стандард и материјалната благосостојба.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче