Ова е Анастасија Слободчикова, најпопуларната руска морска сирена

Анастасиja Слободчикова
Медицинска сестра од Владивосток нурка во ледениот океан и сама шие опашки во светли бои меѓу две операции. Во разговорот за нашиот портал откри зошто го прави сето тоа.

Рибари, во долги зимски јакни, седат на замрзнато море околу отвор на мразот. Загрижено гледаат во полугола девојка со долга коса со впечатлива рибна опашка која храбро се вовлекува во соседниот отвор и останува таму околу една минута. Сето тоа го снима фотографот кој дојде со неа.

Вака отприлика 36-годишната медицинска сестра Анастасија Слободчикова од Владивосток го поминува речиси секој свој викенд. „Работам како медицинска сестра во детската болница на ургентна хирургија. Пациентите доаѓаат дење и ноќе, работата е многу тешка. Покрај тоа, продолжив да студирам. Меѓутоа, благодарение на моето хоби, можам да побегнам од сето тоа и да бидам среќна“, вели таа.

Нејзино хоби се манекенството и моржевањето, кои ги комбинирала во вид на морска сирена. На времето се нашла на подводна фотосесија, кога се облекла како русалка (морска сирена) и сама ја направила својата прва опашка така што едноставно ставила ткаенина на пераите за двете нозе. Со текот на времето го усовршила својот имиџ, па опашката станала силиконска и изгледала „природно“. И тогаш почнала да ги прави самата.

„Како дете сонував да станам русалка, многу пливав и нуркав. Тоа очигледно се оствари“, вели таа.

На почетокот Анастасија се обидувала да направи форма на опашка со крлушки и перка од папје-машé, но не ѝ успеало. Затоа нарачала 3Д модел на опашката, според кој била изрежана од пластика. „Тоа чинеше многу, но така добив форми кои ги пополнувам со силикон, а потоа од слоевите, како по шнит, правам опашки, лично мои“, вели таа.

Изработката на една опашка чини околу 70 илјади рубли или 920 долари. Тежи меѓу 13 и 17 килограми, во зависност од дизајнот. „На копно таквата опашка е многу тешка, а во водата е супер, пловиш како вистинска риба“. Анастасија вели дека годишно прави по една опашка. Повеќе не може поради обврските на работа и студирањето.

Пред четири години го открила зимското пливање. Отишла по наговор на пријател. „Долго давав отпор, не можев да се замислам во ледена вода, многу сум зимурлива. Но, кога првпат влегов во ладната дупка во мразот, почувствував толку силни емоции и силна потреба да продолжам да го правам тоа“.

Така со имиџот на русалка почнала да плива во леденото море и да снима тиктокови. На видеата, во истото црвено капче, таа се нурнува во водата, каде што лебдат мразулци и вели „Многу жешко“. Или седејќи на глечер со својата опашка на русалка пржи палачинки и пие чај од самовар. На „Тик Ток“ има 700 илјади следбеници и милиони прегледи.

„Дали си вистинска русалка?“, е најчесто поставуваното прашање во летната сезона. „Децата го поставуваат на свој начин, обидувајќи се да ја „фатат“ дека не е вистинска сирена“, се смее Анастасија.

„А бројот на прегледи на зимските видеа расте благодарение на провокативноста, да бидеме искрени. „Тик Ток“ често ги забранува со образложение „опасни активности“. Прегледите и следбениците дојдоа во голема мера благодарение на хејтерите. Често ми пишуваат дека нема да имам деца, дека немам мозок, но дека ќе добијам циститис. Сепак, никој од тие луѓе не знае ништо за моржевањето и навистина не ги разбираат многу информациите за тоа“, вели таа.

Всушност, Анастасија останува во ледената вода најмногу две минути, но најчесто само една минута. На својата страница на „Инстаграм“ таа пишува многу за придобивките од моржевањето, занимавајќи се со неговата популаризација.

„Накратко, тоа функционира на следниов начин. Кога ќе влезете во ледена вода, организмот се наоѓа во стресна средина и тогаш се активираат заштитните механизми, температурата на телото се зголемува за да се загрее. А кога температурата се зголемува, се произведуваат имуноглобулини, имунолошки протеини кои ги уништуваат вирусите, бактериите и габичките. Ако тоа се прави редовно, имуноглобулините постојано ќе бидат на високо ниво“, вели Анастасија и признава дека порано можела да се разболи од најмал провев, а сега не се сеќава кога последен пат се разболела.

„Порано ја мразев зимата, ми студеше, бев меланхолична и често болна. Сега тоа повеќе го нема, чувствувам дека го живеам животот со полни гради“, вели таа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња