Кон средината на јануари Сахалин (регион на рускиот Далечен Исток) беше погоден од многу силен циклон. Поради невремето беа откажани авионските летови, а регионалните патишта затворени. Луѓето не одеа на работа, а учениците се префрлија на онлајн-настава. Во такви околности, кога возрасните не смееја ни чекор да направат надвор од дома, беше организирана голема потрага по 10-годишната Вика Зарубина од градот Углегорск (околу 300 километри од Јужно-Сахалинск). Девојчето исчезна на 13 јануари за време на ручек, токму кога циклонот се разбеснеа и ветрот почна силно да дува, пишува локалниот весник „Комсомолскаја правда“.
Девојчето не се вратило дома од училиште на време, а батеријата на телефонот ѝ се потрошила. Мајката побрзала во полиција и по само еден час била организирана потрага по детето со учество на членови на семејството и волонтери. Надвор ветрот толку беснеел што и возрасните паѓале од неговата сила.
Чудото се случи следното утро, на 14 јануари во 7:30 часот. Волонтерите, спасувачите и полицајците продолжија да ги испрашуваат жителите во реонот каде што може да биде детето. Одеднаш, некој од нив се сетил дека видел девојче како си игра покрај куќичка со куче (кучето е скитник, но некој му направил куќичка во дворот на станбената зграда, а станарите заеднички го хранеле).
Се покажа дека тоа е место помеѓу училиштето и станот, на околу километар и половина од станот. Сите побрзаа на таа страна, и таму ги затекнаа девојчето и кучето во нејзината прегратка. Ветерот не навеал многу снег таму бидејќи зградата прави заветрина, а близу има и улица што постојано се чисти и гази. За среќа, засолништето не беше претворено во „дувло“.
„Тоа што девојчето преживеа такво невреме е навистина чудо!“, вели волонтерот Анатолиј Иванов, еден од сведоците на чудесното спасение (името е сменето по негово барање). „Баравме цела ноќ, не се гледаше прст пред носот, рацете во ракавиците ни мрзнеа страшно, не можев да ги исправам прстите“.
„Сето тоа е сплет на среќни околности - и нејзината љубов кон животните (како што раскажаа нејзините родители), и песот што го познавала и кој ја пуштил во куќичката, бидејќи е очигледно дека често си играла со него“, додаде тој.
Вика беше веднаш пренесена во болница, но се покажа дека не ѝ е потребна медицинска интервенција, бидејќи се чувствуваше добро. Спасувачите велат дека ловците или туристите можат да преживеат неколку дена дури и во шума, во голем навев, ако имаат куче со нив, бидејќи меѓусебно се греат.
А што се случи со песот-спасител? Откако се дозна за овој случај, луѓето му носат секакви деликатеси, а во куќичката ставиле топла подлога, за на тој начин да му се заблагодарат на најдобриот пријател на човекот!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче