„Сестра ми скрши стар украс за елка кој многу го сакаше. Дојдов овде со надеж дека ќе најдам ист таков и ќе ја израдувам за Нова година“, вели Андреј, прегледувајќи ги кутиите со стотици, ако не и илјадници советски новогодишни украси.
На два чекора од него лежи стар советски фотоапарат со телескопски објектив, а веднаш до него има полици полни со советски кристални садови. Над сето тоа виси знаме со срп и чекан.
Андреј се наоѓа во најголемата антикварница во Русија наречена „Улица Ленин“. На површина од над 1500 квадратни метри се продаваат предмети од советското секојдневие, почнувајќи од весници, садови и значки, па сé до тешки лустери, мебел и магнетофони.
Автор на проектот е Михаил Матвеев, кој се занимава со откуп на стари предмети, објаснува за Russia Beyond уметничкиот директор на продавницата Кирил Глебович.
Матвеев почнал да собира и продава работи во мала гаража, потоа отворил мала продавница, а потоа и голема стоковна куќа на североистокот на Москва.
„Проектот настана од љубов кон историјата и старите работи. Нашите посетители се луѓе кои се занимаваат со колекционерство и се разбираат од дизајн, како и оние кои чувствуваат носталгија за младоста во СССР. Многу предмети ги потсетуваат на членовите на семејството и пријателите“, вели Глебович.
Вработените во продавницата собираат работи од цела Русија. Ја проучуваат содржината на малите антикварници во внатрешноста и ги следат огласите на обичните луѓе за продажба на стари работи.
Освен што се занимава со продажба, продавницата често изнајмува предмети за снимање филмови, серии, музеи, како и за театарски претстави и музејски поставки, вклучувајќи го и театарот „Мајаковски“ и музејот посветен на овој поет.
Освен работите што ги поседуваа повеќето советски семејства, овде можете да најдете и навистина вредни и ретки експонати.
На пример, комплет значки и медали по повод 60-годишнината на Комсомолот со нотес чини 10 илјади рубли (120 долари).
Кукла од пресувана ткаенина од 20-30 години на XX век со свирче во телото чини 15 илјади рубли (180 евра).
Кристален лустер е 45 илјади рубли (540 евра).
Антикварен стаклен ормар е 110 илјади рубли (1300 евра).
Антикварна лампа чини 59 илјади рубли (709 евра).
Карневалски рачно шиен костим на Харлекин ќе купите по цена од 16 илјади рубли (192 евра).
Уметничкиот директор на продавницата Кирил Глебович се пожали дека во Русија не постои вистински музеј посветен на животот во СССР. Стоковната куќа „Улица Ленина“ и други слични продавници го компензираат овој недостаток.
„Ние вршиме едукативна мисија и често објаснуваме дека тоа не е старудија, туку интересни предмети од секојдневниот живот и артефакти од историјата кои треба да се чуваат“, заклучува Глебович.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче