10 занимливости за сибирските мачки, максимално отпорни на снег и мраз

Legion Media
Овие домашни мачки се огромни, пуфнасти и не се плашат од зима. Можат да преживеат во дивина и знаат како да разговараат со луѓето.

Сибирската мачка е најпознатата руска раса на домашни мачки на светот. На прв поглед изгледаат како цел ден да ловеле во шумата и штотуку се вратиле дома да ги поздрават своите сопственици. Во Русија понекогаш навистина можете да ги видите во дивината и тие дефинитивно не се расположени да ја напуштат својата слобода и да станат домашни миленици. Но, да се обложиме дека би сакале да имате една од нив за пријател.

1. Имаат азиско потекло

Сибирските мачки постојат барем од XVII век. Строго кажано, во старо време сите мачки донесени од Сибир во Централна Русија се нарекувале сибирски. Тие биле најчестите ловци на глувци во куќите, со најразлични бои и должина на влакното. Предците на овие мачки биле азиските (бухарските) мачки, кои трговците ги донеле во Сибир заради контрола на популацијата на стаорци во новите населби. Во текот на следните неколку векови мачките се свикнале на студената клима и го развиле своето карактеристично крзно. Тие, исто така, се прошириле низ целата земја, бидејќи се верувало дека сибирските мачки се најдобри ловци.

2. Прва руска раса  

Сибирската мачка е официјално признаена како раса дури кон крајот на 80-тите во Советскиот Сојуз. Потоа, во 1992 година, таа беше признаена на меѓународно ниво, со што стана првата руска раса регистрирана од меѓународните организации. Видот е опишан како голема тешка мачка со полудолго влакно и заоблена глава. Може да биде во различни бои - од тигреста до еднобојна или со портокалови и црни дамки (вид на боја познат како желкаста). Сибирската мачка се карактеризира со подолго влакно околу нозете и на градите. Обично имаат светлозелени очи. Професионалците го нарекуваат овој вид сибирска шумска мачка.

3. Еднобојните со темни краеви на телата го добиле името по Петербург

Сибирската мачка има подвид кој го носи величественото име невска маскарадна мачка (Нева е најголемата река во Санкт Петербург, а маскарадата се однесува на бојата на муцката на мачката, која личи на маска). Оваа обоеност се појавила пред неколку векови, а била препознаена како варијанта во исто време со сибирската мачка. Од 1989 година невската маскарадна мачка се одгледува во одгледувачницата во Санкт Петербург. За разлика од сибирската шумска мачка, невската маскарадна има сини очи, но по карактер е сличен на обичната сибирска мачка.

4. Снегот и мразот не претставуваат проблем за неа

Се смета дека сибирската мачка е најотпорна на студ меѓу домашните мачки. Тоа може да се припише на нејзиното крзно, кое е долго, густо и отпорно на влага. Нејзините уши се исто така „термички изолирани“ со прамени. Ова крзно ги штити нејзините силни шепи и масивното тело од студ и мраз, што ѝ овозможува да остане на отворено на температури од -10, -15 степени Целзиусови. Истовремено крзното не ѝ прави проблем ако живее во домашни услови (освен што се митари, се разбира).

5. Тешка е како две обични мачки

На сибирската мачка ѝ треба повеќе простор за огромните шепи и опашката! Возрасна женка тежи околу шест килограми, додека мажјаците растат и до 10 килограми, а понекогаш и до 12. Тоа се вистински руски богатири!

6. Го ценат својот личен простор

Овие мачки ја ценат својата слобода дури и кога живеат во куќа. Не очекувајте цел ден да ви седат в скут. Имаат да направат многу нешта додека сте на работа и заработувате пари за нивната храна и играчките. Сибирките не сакаат непознати лица и ретко им дозволуваат да ги погалат. Ако ги пуштате в двор, немојте да се изненадите ако повремено ви носат „подароци“, бидејќи тие се одлични ловци. Можат да уловат дури и мала риба!

7. Ги сакаат децата

Иако се држат до јасни лични граници, сибирските мачки ги разбираат семејните односи. Мажјакот може да се грижи за мачињата како и женката. Тие исто така ги сакаат човечките деца и ќе ги штитат како свои. Социјалните мрежи се преполни со симпатични видеа од мачки како чуваат бебиња.

А дали сте ја слушнале приказната за сибирската мачка Маша? Таа пронајде новороденче напуштено во стан, со својата топлина го спаси од студот, а потоа повика луѓе на помош.

8. Секогаш имаат план

Една од главните карактеристики на сибирската мачка е нејзината висока интелигенција. Бидејќи видот се формирал во услови на суровата сибирска клима, нејзината способност да размислува и планира била важен дел од нејизниот опстанок. Мачките разбираат што сакаат луѓето од нив и дури можат да научат некои команди како „фаќај“, како и да отворат врата со шепите или да запалат светло. Овој вид избегнува конфликти и попрво ќе најде засолниште отколку да се тепа.

9. Разговара со луѓето

Дали сакате да разговарате со вашата мачка за тоа како сте си го поминале денот? И ние! Сибирската мачка не само што ги слуша луѓето, туку дури и им мјаука како одговор користејќи различна интонација. Имавте напорен ден на работа? Мачката ќе мјаукне со сочувство. Или денот ви бил одличен? Мачката ќе мјаука со радосен глас. Понекогаш тоа изгледа како дијалог, но научниците сè уште не сфатиле што всушност мисли мачката за луѓето.

Погледнете ја оваа снимка со мачорот Никифор кому му е забрането да лежи на шпоретот, но тој неуморно се расправа со својата газдарица за тоа.

10. Го спасија музејот Ермитаж

Во центарот на Тјумен има плоштад посветен на сибирските мачки. Подигнат е знак на сеќавање на опсадата на Ленинград за време на Втората светска војна. Главниот руски музеј „Ермитаж“ тогаш бил полн со стаорци кои се заканувале да ги уништат вредните експонати, па жителите на другите советски региони решиле да му помогнат на градот, организирајќи собирање на мачки на неколку локации. Еден од најголемите собирни центри бил Тјумен, со вкупно 5000 сибирски мачки од Тјумен, Омск и Иркутск, кои биле собрани и испратени со воз во Ленинград. Сите стаорци брзо биле истребени, а потомците на овие мачки и денес живеат во Ермитаж и го држат под контрола бројот на штетници. 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња