Зиме во Русија се појавува „ледено сало“ – еве за што всушност се работи (ФОТО)

@natalia_krasnova_ / @dmitry.vitushkin
Секоја година на замрзнатите реки и езера во различни градови во Русија се појавуваат необични шари на водните површини. Жителите ги споредуваат со јорган, шлаг, па дури и со преварени пељмени, но многумина не знаат како настанува оваа појава.

„Веќе дванаесетта година живеам покрај „големата вода“. Шетав до Фонтанка и го набљудував тоа нешто (што според моите лични закони на универзумот нема право на постоење) и си размислував: „Се надевам дека не е радиоактивно“...“, пишува Јулија Котелникова, жителка на Санкт Петербург на нејзиниот инстаграм-профил.

Овој природен феномен се случува на почетокот или крајот на зимата, првенствено во Санкт Петербург на реката Нева. Во 2020 година згуснат мраз кој потсетува на апстрактни шари се појави и на реката Амур во Благовешченск и во Москва.

Корисниците на социјалните мрежи ги споредуваат овие шари со шлаг, површината на Јупитер, ќебе, јорган, млечна пена, мермер, па дури и со габата комбуха.

„Некој заборавил да ги извади пељмените од Нева“, пишува еден корисник.

„Необичен мраз денеска. Како некој да нацртал огромни божури на Мојка. Токму такви имаше под прозорецот на нашата стара викендичка, а ги одгледуваше мојата прабаба Манефа Петровна. Таа многу сакаше цвеќиња. Јас тогаш бев сè уште толку мал што божурите беа поголеми од мене, а секој нивен цвет беше речиси колку мојата глава. Денеска на Мојка го почувствував нивниот одамна заборавен мирис“, пишува Дмитриј Витушкин.

Овие шари имаат свое име: „ледено сало“.

Всушност, се работи само за густ слој од ситни кристали мраз кои се формираат на површината на водата при првото заладување.

Така изгледа првата фаза од формирањето на ледената кора.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња