Колку храна фрлаат Русите?

Виктор Толочко/Sputnik
Неодамнешното рангирање што го направи компанијата „Бош“ (Bosch) ги издвојува земјите според тоа колку отпад од храна фрлаат секоја година. Кина, Индија и САД се меѓу првите на листата, додека Русија е меѓу најекономичните нации кога станува збор за отпад од храна од домаќинство со само 33 килограми по човек. Зошто е тоа така?

Но, најпрвин да објасниме зошто фрлањето храна е толку лошо за животната средина.

Сите знаеме дека фрлањето храна е морално лошо кога во светот сé уште има толку многу глад. Меѓутоа, во последниве години, се истакнува уште една загриженост кога станува збор за отпадот од храна: неговото влијание врз животната средина.

Храната која завршува на депониите при распаѓањето произведува големи количини метан, оранжериски гас кој е 80 пати поштетен од CO2. И бидејќи земјоделството троши 70% од водата во светот, фрлената храна исто така претставува голема потрошувачка на вода. Милиони литри нафта, исто така, се трошат секоја година за производство и транспорт на храна што нема да се изеде.

Како Русија се рангираше толку добро?

Разговаравме со експерти кои најпрвин беа прилично изненадени од резултатите на рангирањето на компанијата „Бош“.

„Навистина? Шокирана сум!“ - изјави Ана Балахонцева од компанијата за еколошки кетеринг „Храната ќе го спаси светот“ кога ја прашавме за коментар.

Баланхоцева смета дека теоретски тоа би можело да биде последица на воените години и 1990-тите, кои беа обележани со глад и сиромаштија во Русија. Денешните возрасни луѓе во Русија ги воспитувале луѓе кои морале да штедат на храна.

„Од нашите баби наследивме многу рецепти за употреба на производи кои често се сметаат за нејадливи“, додава Балахонцева.

Ана Успенска, основач на организацијата „Фудшеринг во Москва“, се согласува дека сеќавањето на војната е сè уште живо и додава дека во Русија, како и во целата Заедница на независни држави, стандардот на живеење сè уште не е толку висок за да луѓето можат да си го дозволат луксузот на фрлање храна.

Истражувањето меѓу студентите на Московскиот универзитет „Висока школа за економија“, исто така, го истакнува фактот дека луѓето го изедначуваат фрлањето храна со фрлањето пари и храната ја гледаат како резултат на нечија работа (така што фрлањето храна покажува непочитување на работата на другите луѓе), како и растечкиот тренд на етичка и одржлива консумација на храна меѓу младите жители на градовите, како и православните вредности во кои храната се смета за светост.

Дали ситуацијата е навистина толку добра како што изгледа?

Можеби во споредба со другите земји Русија котира добро, но тоа не значи дека таа е општество за пример кога станува збор за избегнувањето отпад од храна. Во светот годишно се фрлаат околу 884 милиони тони произведена храна, од кои 17 милиони тони во Русија.

Според извештајот на Центарот ТИАР за отпадот од храна, во Русија речиси целата фрлена храна (94%) завршува на депониите, каде што станува извор на загадување на почвата, водата и воздухот. Околу 2,4 милиони тони метан се ослободуваат поради отпадот од храна во Русија, како и други гасови како што се амонијак и водород сулфид. Покрај штетата што ја предизвикува во однос на загадувањето, фрлената храна ја чини Русија околу 30 милиони оброци годишно.

Следни чекори во борбата против фрлањето храна во Русија

За среќа, постојат неколку работи што потрошувачите и компаниите би можеле да ги направат.

„Пред сé, производителите и продавачите треба да нудат повеќе производи без пакување или со минимална амбалажа или со пакување што може да се рециклира. Продавниците треба да проучат колку од одреден производ купувачите најверојатно ќе купат и врз основа на тоа да дизајнираат големина на пакување за различни потреби. Многу производи може да се испорачаат во продавниците без никакво пакување, а продавниците генерално треба да се трудат да го минимизираат отпадот“, истакнува Балахонцева.

Рестораните, кои се уште еден голем извор на фрлена храна, треба да ги намалат своите менија и да не купуваат премногу производи, како и да користат помали фолии и кеси за вакумирање. Целата преостаната храна може да им се подели на организациите за фудшеринг храна или на вработените.

Кога станува збор за обичните луѓе, Балахонцева вели дека тие треба добро да ја осмислат листата за купување за да избегнат претерано купување.

„Важно е националната траума од глад полека да се надмине и да се подобри животниот стандард, а овие причини да ги заменат попозитивни причини, како што се трендот на свесна потрошувачка и еколошките вредности. Можеме да видиме дека такви вредности се појавуваат, но првенствено кај младите во градовите“, заклучува Успенска.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња