Реномираниот руски фотограф Фјодор Савинцев, чии работи се објавувани во реномирани меѓународни весници и списанија, најде нова страст за време на пандемијата на Ковид-19: советските дачи.
„Проектот „Кратовска дача“ [наречен по приградската населба Кратово во близина на Москва] започна кога се вратив во куќата на моите родители за да им помогнам за време на пандемијата. Некако почнав со документарен проект за старите дачи во московските предградија“, вели Фјодор Савинцев.
Фотографот бил фасциниран од народната архитектура на советските дачи: луѓето кои ги изградиле пред многу години се потпирале на својата визија, а не на мејнстрим академската традиција или професионалните архитектонски упатства. Резултатот е специфичната фолклорна естетика која Савинцев сакаше да ја долови со својата камера, при што куќите ги третира како живи предмети.
„Станав архивар кој собира информации и документи. Јасно е дека не можам сé сам. Теоретски, тоа би требало да го прават професионални архитекти. Но, започнав еден фасцинантен тренд кој се прошири и во другите градови. Гледам дека има сé поголем интерес за историското проучување на културата на дачите“, вели Савинцев во интервјуто.
Процесот на премин од човечки субјекти кон неподвижни објекти во неговото творештво се случил спонтано.
„Во мојата кариера, човечките субјекти беа доминантни над архитектурата. Но, јас ги гледам куќите низ формата на портрети. Правам портрети на куќи“, вели Савинцев.
Фотографот методично пристапил кон задачата да најде нови субјекти. Ја поминал секоја улица во населбата и ги избрал интересните куќи, а ги барал и сопствениците или луѓето кои знаат нешто за историјата на куќата, за покрај фотографиите да ги раскаже и нивните приказни.
Не беше лесно да се најдат некои сопственици и Савинцев се обрати до пошироката јавност преку „Инстаграм“, барајќи помош, распрашувајќи се дали некој ја знае историјата на одредена куќа или нејзините сопственици.
„Инстаграм е медиумска алатка која не само што ми овозможува да споделувам фотографии со мојата публика, туку и ми дава можност да воспоставам значајни контакти така што луѓето можат директно да ми се обратат. Тоа се случи многу пати кога сопствениците ми се обратија, откако некој трет им ја препратил мојата објава, а тие решиле дека би сакале да разговараат со мене“, вели фотографот.
За документарниот фотограф, чиј примарен метод на истражување е личната комуникација, прашањето за достапноста е од големо значење. Па така, сите фотографии во проектот „Кратовски дачи“ се направени со помош на „Ајфон“, кој овозможува максимален пристап до објектот.
„Живееме во време кога луѓето се чувствуваат исплашено и непријатно ако видат професионална опрема, сметајќи дека тоа ја нарушува нивната приватност. „Ајфонот“ помалку предизвикува ваква реакција“, вели Савинцев.
Савинцев моментално помага во реновирање на пет куќи. Вели дека планира да основа и фондација (или друг вид организација) која систематски би се занимавала со реставрација на уникатни приватни викендички.
„Вака би ја формулирал задачата на идната фондација: зачувување на архитектонското богатство на дрвената архитектура, или, дури може да се каже, индивидуалното домување. Државата не издвојува средства за одржување на објекти во приватна сопственост. Луѓето не можат на овие куќи да им ја обезбедат потребната грижа и така тие едноставно исчезнуваат. А тие, според мене, се значајни од аспект на културното наследство, иако се приватна сопственост. Така што идејата на фондацијата е да им помогне на приватните имоти, вклучувајќи и реставрацијата на куќите, со намера тие да го задржат својот изглед“, вели Савинцев.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче