Од најдолги нозе до мајка на 69 деца – рускиот свет на фасцинантни рекорди!

Kolnya Tattoo/ Youtube.com; Anna Arzamastseva/Barcroft Image /Barcroft Media/Getty Images; Altezza Travel
Во Гинисовата книга на рекорди Русите се застапени во најразлични области. Собравме неколку примери на необични рекорди што ги имаат поставено Руси.

Најдолги нозе на светот

Во 2020 година Екатерина Лисина беше прогласена за жена со најдолги нозе на светот. Нејзините долни екстремитети се навистина исклучително долги, дури 132,8 левата и 132,2 десната нога. Како ученичка на училиште ја задевале, а тоа била една од причините зошто Екатерина решила да се пријави и да го регистрира рекордот. Сакала да „биде инспирација за девојчињата кои не се сигурни во себе“.

Поради должината на нозете девојката, навистина, подоцна имала само корист. Лисина настапи за репрезентацијата на Русија во кошарка и во 2008 година го освоија бронзениот медал на Олимписките игри во Пекинг. Кога го напушти спортот стана баран професионален модел. Но, има и уште една предност: „Можам да одам многу побргу од поголемиот број луѓе“, вели таа.

Најголем број деца што ги родила една жена

Овој рекорд пред околу 200 години го има поставено една руска селанка и досега никој не успеал да го собори. Нејзиното име е непознато, во различни извори се наведува како Валентина или Фјодора, а била жена на селанецот Фјодор Василев од Шујскиот округ. Таа се пораѓала 27 пати: 16 близнаци, 7 тројки и 4четворки – вкупно 69 деца. Притоа само две починале како новороденчиња, додека останатите доживеале зрела доба. Веста за овој уникатен случај во Москва е стасано од Никољскиот манастир во 1782 година и самата царица Екатерина Втора беше запознаена со овој феномен.

Најдолгото анабиозно животно

Во 2018 година научните кругови ја потресе веста: руските научници оживеаја нематоди (валчести црви) од сибирското вечно замрзнато тло стари 42 илјади години. Тоа е најдолгата анабиоза на животно кое некогаш било забележано, апсолутен рекорд. Црвите оживеале, започнале да јадат и да се размножуваат.

Пред ова откритие најдолгата состојба на анабиоза (привремен прекин на сите животни процеси во организмот) за повеќеклеточни животни беше 30-40 години. Со други зборови, научниците не очекувале дека е можно да се оживеат повеќеклеточните организми по толку години. За тоа како црвите се пронајдени и што се случило со нив дознајте тука.

Одење по жица на најголема висина – помеѓу згради кои се повисоки од Ајфеловата кула

Слеклајн претставува одење по жица која е затегната помеѓу две точки. Оваа вештина има голем број варијанти и нивоа на сложеност, но од овој рекорд сигурно ќе се исплашат сите оние што имаат страв од висина. Во 2019 година седуммина слеклајнери преминаа преку оптегната жица помеѓу облакодерите на Москва-сити на висина од 350 метри над земјата, што е повеќе од Ајфеловата кула.

Одењето беше забележано како „градско одење по жица со безбедносна врска“ на најголема висина. Учесниците го минаа патот од кулата ОКО, зграда која е втора по височина во Европа, до кулата Нева, која тогаш сè уште се градеше, а требаше да биде највисокото здание на континентот. Меѓу членовите на меѓународната група имаше четворица Руси.

Најплатениот јутјубер

Уште еден официјален Гинисов рекорд од Русија кој го постави Анастасија Раѕинскаја. Таа стана најплатениот јутјубер на светот. Но, знаете што? Кога го постави овој рекорд имаше само 5 година! Девојчето заработува до 500.000 американски долари месечно на групата на каналот „Лајк Настја“.

За време на раѓањето на Настја ѝ беше дијагностициран тежок облик на церебрална парализа. Лекарите велеа дека нема да може да оди, ниту да зборува. Родителите сите сили ги насочија кон лекување и тоа даде резултати. Еден од облиците на терапија беше работата со камера. Така ја учеа на интеракција со околината. Кратките видеоснимки со Настја како се радува на нештата, како се лути, како скока на трамбулина или како се подготвува за на училиште собра милиони прегледи ширум светот.

Колку долго може да се прави тетоважа?

Одговорот е: 60 часа и 30 минути непрекината работа. Најдолгата сесија на тетовирање ја изведе 23-годишниот Александар Пакостин во септември 2019 година кога правеше тетоважа на 12 модели и направи вкупно 15 големи цртежи. Максималната пауза што ја правеше беше пет минути, а времето строго го следеа независни набљудувачи.

Неверојатно качување на Килиманџаро

Вулканот Килиманџаро, висок 5.895 метри, претставува предизвик дури и за младите алпинисти со крепко здравје. Но, Ангела Воробјова, учителка во пензија, успеа да се избори не само со висината, ами и со годините. На врвот на планината во Африка таа се искачи на 86 години, поставувајќи светски рекорд. На височина од 4.600 метри, каде на многумина туристи им станува напорно поради висината, Ангела имаше неверојатни показатели: концентрацијата на кислород ѝ беше 89%, а пулсот 70.

„На висина од 4.000 метри јас и водичот дури и одигравме танго. А, на 5.000 метри го дочекавме изгрејсонцето! Изгрејсонце над облаците. Тоа е импресивно! Исто така го изгубив гласот и не можев да зборувам, но да се вратам назад? Не, за тоа дури и не размислував“, изјави таа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња