Мерјачење – чудна болест кај жителите на рускиот Север која никогаш не беше објаснета

Russia Beyond (Photo: francescoch/Getty Images)
Кон крајот на 19 век на северот од Русија се прошири мистериозна болест на која ѝ беше даден називот „мерјачење“. Луѓето паѓаа во транс и го прифаќаа влијанието од своето опкружување, како да се под хипноза. По нападот болниот практично не се сеќаваше на своите постапки.

„Свеста станува нејасна, се појавуваат застрашувачки халуцинации. Болната го гледа ѓаволот, страшен човек или нешто слично, почнува да вика, да пее, ритмично да ја удира главата од ѕид или да клати со неа од едната на другата страна и да си ја кубе косата“.

Лапландска експедиција А. В. Барченко (1922). Оддесно налево: Лапонецот водич, А. В. Барченко, Н. Барченко, Л. Н. Шишелова-Маркова, Ј. В. Струтинска

Вака на почетокот од 20 век советскиот лекар Сергеј Мицкевич го опиша типичниот напад на неистражената и мошне чудна болест од која заболела една жена во Јакутија. Болеста го има добиено називот „мерјачење“ од јакутскиот глагол „мирјачи“, односно да се биде опседнат, во состојба на лудило. Првите случаи се забележани кон крајот на 19 век, и тоа само во подрачјата на северен Сибир, додека во централните и во јужните делови на Русија немало ниту еден „заразен“. А, на северот луѓето паѓале во безумен транс на прв поглед без никаква причина. Понекогаш поединечно, а понекогаш напади добивале цели групи луѓе.

Симптоми

Сите заболени имале слични симптоми: човекот ненадејно го губи контактот со надворешниот свет и паѓа во транс. Нападот е проследен со грчеви и спазми. Етнографот Вацлав Серошевски ги набљудувал силните физички и душевни страдања на овие лица. Тој пишува: „Болниот стенка, вика, лелека, зборува бесмислици, нешто го удира, го фрла од еден во друг агол, и сето тоа се одвива додека не заспие од исцрпеност“.

Во текот на нападите болниот импулсивно ги повторува зборовите и постапките на лицата околу себе и лесно ги исполнува наредбите што му ги даваат, дури и ако тоа се некои бесмислени или опасни дејствија. Тој може да фрли на земја кршлив предмет кој самиот многу го цени, па дури и детето, ако го држи во раце, само ако некој во неговото опкружување фрли нешто на под“, истакнуваат истражувачите на овој феномен. Од друга страна, ако некој се обиде да ги ограничи постапките на опседнатиот, тој обично здивува и покажува сила која инаку не му е својствена. Постојат многу сведоштва за тоа дека таков човек, дури и момче, не можат да го зауздаат неколку возрасни луѓе.

Нападите кај поединци би можеле да се објаснат со привремена ментална аберација, психичко растројство или со шега, но кога 70 луѓе истовремено добиваат таков напад, тогаш тоа предизвикува сериозна загриженост. Токму тоа се има случено во 1870 година во одредот козаци на Нижноколимската единица за време на строевата обука. Четата одненадеж почнала да ги повторува наредбите на командирот кој ги кара. Командирот страшно се налутил и почнал да им се заканува, а тогаш се вчудовидел кога слушнал како војниците ги повторуваат неговите закани. Сите истовремено ги фрлиле пушките на земја.

Експедиција во строга тајност

Лапландската експедиција на А.В. Барченко (1922). Одлево надесно: Лапонец водич, А.В. Барченко.

Дури во 1922 година беше одлучено дека мерјачењето треба сериозно да се испита. Тогаш веќе се беа собрале голем број сведоштва за ова северно лудило. За појавата се заинтересира и академикот и психијатар Владимир Бехтерјев кога доби соопштение од лекарот Григорјев (името не е познато), поранешен робијаш од подрачјето на Ловозеро на Колимскиот полуостров. Следејќи ја спонтаната појава на болеста кај локалните жители, Григорјев забележал дека нападите се јавуваат во исто време и во соседните населени места, па тоа го поврза со појавата на поларната светлина (поради тоа оваа болест и се нарекуваше „повик на поларните ѕвезди“). Мерјачењето е последица на некакво надворешно влијание на природата, тврдеше Григорјев.

Владимир Бехтерјев

Бехтарјев беше основач и раководител на Институтот за човечки мозок каде покрај проучувањето на физиологијата и на психичката активност се занимаваше и со барање научно образложение за телепатијата, за кинетиката и за хипнозата. Тој на Колскиот остров испрати експедиција на чело со Александар Барченко, познат истражувач на езотериката. Првата цел на оваа експедиција и не беше поларната психоза, ами потрагата по остатоци од митската хиперборејска цивилизација (таа се бараше и во нацистичка Германија како прататковина на Ариевците). Меѓутоа, за психозата се заинтересираа советските чекисти. Експедицијата ја поддржа лично и претседателот на Серуската вонредна комисија Феликс Ѕержински. Поради тоа Барченко по доаѓањето на островот две години детално собираше податоци за болеста за на крајот и самиот да стане нејзина жртва.

А.В. Барченко (горе лево) со учесниците на експедицијата на езерото Ловозеро на влезот во „светиот“ лапонски подземен премин, 1922 година.

На подрачјето на Ловозеро се обиде да се договори со локалните шамани за дозвола експедицијата да го посети светиот остров Роговој. Не доби одобрение од нив, но групата сепак замина на островот. По пат, во близина на езерото Сејдозеро, започнаа да наидуваат на обработени правоаголни гранитни карпи слични на пирамида, а исто така и поплочени делови на патот (тие мислеа дека тоа се остатоци од древен пат), за на крајот да наидат на необично тесен премин кој води по земјата. Групата не успеа да се симне во овој премин зашто, според нивните сопствени сведоштва, истовремено ги обзел некаков необјаснив паничен страв, поради што не биле во состојба да се контролираат.

Кога се врати, Барченко на затворен состанок поднесе извештај за мерјачењето, но не изведе заклучок за причината за психозата. На извештајот беше ставен печат на државна тајна. Современите истражувачи се распрашуваа за овој извештај во Федералната служба за безбедност. Им беше речено дека сета документација е уништена во 1941 година кога Германците беа на приодите на Москва. Самиот Барченко беше обвинет за шпионажа во корист на Англија и за создавање масонска контрареволуционерна организација, и беше стрелан истиот ден, на 25 април 1938 година. Другите учесници на групата исто така беа репресирани кон крајот на триесеттите години од минатиот век.

Зголемена сугестивност на жителите на северот

Жителите на северот сметаат дека мерјачењето е почеток на таканаречената шаманска болест, зашто масовната опседнатост за време на магиските ритуали во голема мера потсетува на луѓето во состојба на мерјачење. И двете појави се објаснуваат со тоа што во човекот се вселил дух, но додека шаманот го повикува духот по сопствена волја и може да му заповеда, кај мерјачењето духот, наводно, против човековата волја се вселува во него.

Шаман, снимено во првата деценија на 20 век.

И психијатрите гледаат врска со шаманизмот, но ја поврзуваат болеста со општите предиспозиции на чувствителност на локалното население на психички епидемии. „Присуството на голем број лица со зголемена сугестивност во традиционалните заедници на Северот и на Сибир создавало нарочна психолошка клима која придонесува за подигнување на значењето на шаманизмот. Не случајно смртта на шаманот често предизвикувала нагло ширење на психогенски заболувања <...> Епидемиите престанувале кога еден од заболените ќе стане шаман. Така се воспоставувало устројството на светот кое било нарушено од смртта на шаманот“, истакнуваат научниците.

Тие укажуваат на сличноста со други признаци на хистерија кај таканаречените примитивни народи: лата (кај Малајците), џампинг (кај северноамериканските Индијанци) и имбуко (кај Ајните). Покрај тоа, повлекуваат паралели и со „кликушеството“, односно вид хистерија во која покрај веќе споменатите симптоми (гласно викање, подражавање, халуцинации) се додава и религиозен поттекст, зашто кликушите не поднесуваат христијански атрибути и молитви и не можат да пристапат на причест.

Претерано сурови услови

Специфичната психолошка клима се нема појавено туку-така, сметаат научниците. Првата експедиција заминала да го проучува мерјачењето на Ловозеро, а тоа се наоѓа во самиот центар на Колскиот полуостров. Насекаде наоколу има тундра, мочуришна тајга, и овде-онде голи возвишенија. Во поголемиот дел од годината тука царува зимата. Поларната ноќ трае еден месец и тогаш сонцето воопшто не се појавува. Поларниот ден трае 52 дена и тогаш сонцето воопшто не заоѓа. Сето тоа врши притисок врз нервниот систем и влијае на здравјето. За ова има пишувано и психијатарот и етнограф Павел Јакоби, наведувајќи дека психичката епидемија „се развива само кај нервно исцрпените жители, кои се ослабени физички, морално и ментално“.

Во логорот на Лапонецот, винтажна гравура.

Етнографот Василиј Анучиј потсетува на очигледниот пример со политичкото прогонство во Туруханскиот крај (подрачје во источен Сибир, денес територија на Краснојарскиот крај) кое мошне се практикувало по првата руска револуција од 1905 година. Прогонетите се жалеле на несоница, мигрена, аритмија, болки во желудникот, халуцинации кај видот и слухот, и на раздразливост. Од 112 лица, колку што тогаш биле протерани во Турхунскиот крај, веќе по една година шестмина завршиле во Томската психијатриска болница“, пишува Анучиј, истакнувајќи дека царската власт на крајот го укинала прогонството во Туруханскиот крај, проценувајќи дека тој е „претерано суров“ (во советско време е обновена практиката на протерување во ова подрачје).

Поларна светлина (Aurora Borealis), 1900 година.

Појавите на психоза за време на поларната светлина исто така можат да се доведат во врска со особината на организмот да реагира на промените на магнетосферата (најсилната поларна светлина се појавува за време на геомагнетните бури). Не е случајно тоа што северните шамани планираат ритуалите и мистериите да паднат токму во тоа време. Според тоа, мерјачењето, според сè, е последица на неколку фактори: климатски, социјални и географски. Не заболувале само мештаните, ами и дојденците, луѓето кои подолго време престојувале на север.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња