Што сака да постигне Русија на самитот за климатски промени во Глазгов?

Андреј Василев/TASS
Што планира Русија да стави на дневниот ред на самитот СОП26 во Глазгов како четврта земја во светот по емисијата на гасови со ефект на стаклена градина со цел светот да избегне климатска катастрофа?

Според новата анализа што ја извршија експертите на сајтот Carbon Brief, посветен на климатската аналитика, Русија од 1850 година има исфрлено во атмосферата 6.9% од вкупната емисија на јаглерод диоксид на планетава.

Полицијата и демонстрантите на протестот „Побуна против изумирањето“ на улицата Бјукенен за време на самитот СОР26 во Глазгов.

Ако ова не е доволно, податоците на Унијата на загрижени научници ја покажуваат ситуацијата од подобра перспектива. Тие велат дека Русија е четврта земја во светот според годишната емисија на јаглерод, а ако се земе предвид вкупната емисија од доиндустрискиот период, Русија е на трето место, а пред неа се само САД и Кина.

За среќа, во Руската Федерација многумина стануваат свесни за вистинските климатски промени. Во видеообраќањето на самитот Г-20 кој се одржа во Рим, претседателот Владимир Путин изјави дека Русија е побрза од земјите од Г-7 во намалувањето на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина.

Пасиште со фабрички оџаци во позадината.

Сепак, овој оптимизам може да се прифати со определена доза на внимателност, со оглед на тоа што РФ смета на своите шуми и мочуришта кои треба да апсорбираат доволно количество гасови со ефект на стаклена градина со цел климатските цели да бидат постигнати, но притоа ќе ја зголемува емисијата на јаглерод диоксид до 2050 година, пишува рускиот бизнис-весник „Комерсант“, повикувајќи се на проект од стратегијата на Министерството за економски развој на РФ.

Што ќе предложи Русија на самитот СОР26?

Вицепремиерот на руската влада Алексеј Оверчук.

Руската делегација ја предводи заменик-премиерот Алексеј Оверчук, а како членови се јавуваат:

  • Максим Решетников (министер за економски развој)
  • Александар Козлов (министер за природни ресурси и екологија)
  • Руслан Едељгериев (специјален претставник на претседателот на РФ за прашањата поврзани со климатските промени)
  • и Анатолиј Чубајс (специјален претставник на претседателот на РФ за врски со меѓународните организации).

Претседателот Путин на самитот ќе има обраќаме по пат на видеолинк.

Самитот во Глазгов по својата природа е сличен на Парискиот климатски договор, каде станува збор за пари, а не за емисијата на гасови, вели Алексеј Кокорин, доктор по филозофија и раководител на програмата за клима и енергетика на Светската фондација за природа во претставништвото на Русија.

„Ваквите самити имаат за цел да им обезбедат помош на сиромашните и загрозени земји, така што тука има две групи земји: педесетина развиени, кои се обврзуваат да дадат помош, и 100-120 од оние што треба да примат помош. И на крајот, постои мошне мала група земји кои не примаат помош, а кои би можеле да стават на располагање помала парична помош на доброволна основа. Русија е во оваа трета група. Според тоа, ние треба да сфатиме дека основните цели и резултати на самитот не се директно поврзани со Русија и дека таа нема да има никакви економски придобивки во овој случај. Ние на таквите средби учествуваме со цел да ја демонстрираме нашата солидарност, напредните идеи итн. Русија учествува во составувањето техничка документација за меѓународни проекти зашто некои од нив би можеле да бидат реализирани и на територијата на нашата земја. Но, во целина гледано, овој самит не е наменет за Русија“, објаснува Кокорин.

Шумски пожар во Република Мари Ел

На пример, во еден од првите поголеми договори постигнати на СОР26 над 100 светски лидери ветија дека до 2030 година ќе го запрат сечењето шуми и ќе ја поттикнуваат нивната регенерација, што подразбира 19.2 милијарди американски долари државни и приватни инвестиции. Но, тие средства ќе бидат издвоени за тропските шуми, така што за Русија оваа инвестиција е „нешто убаво, зашто зачувувањето на тропските шуми е добра работа“, додава Кокорин.

Други важни прашања на конференцијата ќе бидат посветени на она што е направено од 2015 година, откако беше потпишан Парискиот климатски договор, па ќе се констатира дали и во која мера светот успеал да избегне катастрофа.

„Ние веќе имаме одговор на ова прашање. И генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и Грета Тунберг велат дека е направено мошне малку и дека сега се наоѓаме на точка од која повеќе нема враќање“, вели Михаил Канишчев, директор на Ансељма, научно-истражувачки проект насочен кон подобрување на енергетската ефикасност и намалување на емисијата на штетни гасови.

Според него, Русија има свои сопствени национални приоритети од кои зависи и нејзиниот настап во Глазгов. На прво место е целта нуклеарната и хидроенергијата да се прогласат за „зелена енергија“: Русија е водечка земја кога станува збор за изградбата на нуклеарни електрани, така што „зелениот“ статус на нуклеарната енергија би отворил нови можности за изградба на нуклеарки ширум светот, со што во голема мера би се дополнил државниот буџет за наредниот долгогодишен период.

Сајано-Шушенската хидроелектрана на реката Енисеј.

Друга важна тема е подготвеноста на Русија да ги земе предвид проектите за секвестрација во рамките на трансграничното обештетување за зголемена емисија на јаглерод диоксид и генерално во создавањето единствен систем на трговија со карбонски единици, ако не во глобални рамки, тогаш барем во Европа. Козлов за агенцијата Ројтерс соопшти дека руската делегација во Глазгов ќе инсистира на тоа безрезервно да се земат предвид капацитетите на руските шуми кога станува збор за нивната моќ на апсорпција.

„Во врска со оваа иницијатива може да има проблеми“, вели Канишчев. „Европејците ниту самите го немаат пресметано апсорпцискиот капацитет на шумите и начинот на кој тоа може да се земе предвид, така што тие не се подготвени за ваков разговор со нас [со Русија]“.

Уште една голема амбиција на Русија на самитот на ОН во Глазгов е укинувањето на санкциите. Канишчев смета дека дискусиите за спречување на климатски промени е можност за Русија да инсистира на ослободување на „зелените“ проекти од санкции, што би ѝ дало пристап до „зелените“ финансии и технологии. Пред заминувањето во Глазгов Руслан Едељгериев не ја исклучи можноста руската делегација да го постави прашањето за укинување на санкциите за „зелените“ проекти.

„Со оглед на опасноста од катастрофа, навистина е поедноставно да им се стават на руските компании на располагање технологиите што ќе го намалат нивното влијание на природата, како и поволни финансии кои ќе овозможат да се реализираат овие проекти, така што никој да не трпи загуби“; вели Канишчев.

Меѓутоа, Кокорин е скептичен во поглед на иницијативата на руската делегација. Ако Русија го подобри својот имиџ благодарение на оваа конференција, тоа може на определен начин да влијае на укинувањето на санкциите, но веројатноста од ваков исход е мошне мала. Тој смета дека „руската делегација навистина има цел да остави што подобар впечаток на другите земји со цел на нашите пријатели да им биде полесно да инсистираат на укинувањето на санкциите. На пример, Италија инсистира на укинувањето на санкциите, така што таа сега може да каже: 'Погледнете колку Русија стана еколошки почиста'“.

Ние сме она што го градиме

Индустријата, сообраќајот и земјоделството најчесто се споменуваат како „виновници“ за климатските промени, но  градежниот сектор е одговорен за околу 40% од емисиите на штетните гасови во светот. Во Русија градежниот сектор емитува 21% од вкупното количество јаглерод диоксид поврзан со енергетиката.

Чад од оџакот на термоелектраната ТЕЦ-2 во Новосибирск.

Од таа причина зградите и инфраструктурата заземаат важно место на списокот еколошки теми, покрај обновливите извори на енергија и сечењето шума.

Во јануари 2019 година Русија имаше 21.432.000 станбени згради, од кои 17.213.000 беа воведени во експлоатација пред 1995 година без нормативи поврзани за заштеда на енергијата, вели Константин Борисов, водечки научен соработник на Центарот за енергетска ефикасност на 21 век (CENEF).

„Зградите што се воведени во експлоатација пред важечките нормативи поврзани со заштеда на енергијата се главна причина за високата потрошувачка на грејни и енергетски ресурси и за високите емисии на гасови со ефект на стаклена градина“, додава тој.

Градежниот сектор има значаен потенцијал кога станува збор за намалувањето на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, и Русија на тој начин би можела да даде голем придонес во борбата против климатските промени. Меѓутоа, и покрај сите истражувања кои зборуваат за потребата од решавање на овој проблем, темата за градежниот сектор, според сè, не е на дневен ред на руската делегација во Глазгов.

Колку темата за климатските промени е значајна за Русија?

Русија се загрева 2.5 пати побрзо од останатиот дел на планетата, а особено брзо се загреваат нејзините арктички региони, изјави претседателот Путин во видеообраќањето на самитот на Г-20. Само во текот на изминатата деценија просечната годишна температура во Русија се искачила за 0.5 степени според Целзиус, така што во сè поголемата климатска криза Русија се соочува со многубројни опасности, меѓу кои се и ширењето на неплодниот пустински ареал, ерозијата на тлото и топењето на пермафростот, рече Путин, додавајќи дека југот и истокот на Русија во овој поглед се особено загрозени.

Министерството за природни ресурси и екологија направи список на можни последици на климатските промени, и овој список е долг: „Зградите, патиштата и другата инфраструктура побрзо ќе пропаѓаат поради деформациите на температурата и влажноста... Со интензивирање на врнежите се зголемува и веројатноста за подигање на речниот водостојот и на поголемите текови, што ќе предизвика и уништување на крајбрежната инфраструктура“.

Русија секоја година троши 4-6% од својот бруто домашен производ (БДП) за санирање на последиците од еколошките катастрофи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња