Легендата се враќа и не заминува: Нов триумф на Фјодор Емелјаненко

Валериј Шарифулин/TASS
„Последниот император“ на свои 45 години ја одржа 40 победа во ММА. Пред почетокот на борбата се добиваше впечаток дека тоа е неговиот последен меч, но се чини дека повеќе не е така.

Не може да се каже дека резултатот беше предвидлив. Додуша, се знаеше дека најверојатно мечот ќе биде завршен пред последниот гонг, бидејќи сите последни борби на Фјодор беа кратки. Тој се труди да ја реши работата по кратка постапка. Има брзи рефлекси и многу силен удар, така што практично секој контакт со противникот истовремено може да биде и крај на мечот. А има и искуство да ја заземе вистинската позиција за напад или контранапад, нешто што најдобро му оди од рака.

Фјодор веќе одамна не користи боречки зафати, а не би било ни паметно да се прејде во партерот со покрупен и потежок противник. Пред десет години тоа не беше проблем, но сега Емелјаненко е свесен дека во овие години и со старите повреди е поефикасно да се користи чувството за дистанца и тајминг.

Тоа не гарантира победа, се разбира. А ни Тимоти Џонсон не беше аутсајдер во овој меч. Додуша, не беше ни фаворит, но лани веќе победи еден фаворит, Чик Конг (во реваншот по изгубениот меч). Поради тоа многумина во Москва со трепет го исчекуваа исходот на оваа борба.

За две минути Фјодор и Тимоти успеаја да си го „опипаат пулсот“ еден на друг. Американецот напаѓаше со серија удари и токму во еден таков напад налета на тупаницата на Фјодор, потоа на уште една, по што му остана само да удри со главата во подот, нешто што тој и го стори.

По подолга пауза Фјодор Емелјаненко повторно се бори и повторно победува. Тимоти не е големина според која ќе се мерат успесите на „Последниот император“, но оваа победа е доволен доказ дека легендарниот Русин со потполно право ужива углед на најголемиот ММА-борец на сите времиња.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња