Кој е Дмитриј Муратов, годинашниот добитник на Нобеловата награда за мир?

Владимир Астапкович/Sputnik
Што е познато за третиот руски државјанин во историјата што ја добил Нобеловата награда за мир?

„Се смеам. Воопшто не очекував. Тоа е лудо. Ја видов поканата од Норвешка, но мислев дека е непожелна покана“, вака Дмитриј Муратов, еден од основачите на „Новаја газета“, во интервју за весникот „Падјом“ ја прокоментира веста дека станал лауреат на Нобеловата награда за мир во 2021 година.

На 8 октомври 2021 година Норвешкиот комитет на Нобеловата награда за мир соопшти дека Муратов е еден од добитниците. Досега меѓу руските државјани оваа награда ја добија борецот за руските права Андреј Сахаров и првиот претседател на СССР Михаил Горбачов.

Муратов е роден на 30 октомври 1961 година во Кујбишев (денешна Самара, илјада километри од Москва). Во 1983 година дипломира на Филолошкиот факултет на Кујбишевскиот државен универзитет. Неговото прво работно место по служењето војска е во весникот „Волшки комсомолец“, потоа преминува во „Комсомолскаја правда“.

Во ноември 1992 година ја напушта „КП“ и основа партнерство на новинари „6 кат“. Тука влегуваат новинари кои не се согласуваа со уредувачката политика на весникот. Тие го основаа весникот „Новаја ежедневнаја газета“, кој подоцна го менува името во „Новаја газета“.

Во 1993 година Муратов ја воведува во весникот рубриката „Рејтинг на лажење“, во која собира случаи кога некој од државниците отворено ќе лаже. Секој месец весникот го прогласува „главниот лажго“. Тогаш Муратов влегува во редакцијата на весникот и станува заменик-главен уредник.

Од декември 1994 до јануари 1995 година Муратов е специјален дописник на „Новаја“ во зоната на воени дејствија на територијата на Чеченија, за време на Првата чеченска војна. Во февруари 1993 година Муратов станува главен уредник на „Новаја газета“ и сé уште е на оваа функција.

Под негово раководство весникот веќе долги години објавува критички написи за корупција, незаконски апсења, изборни измами, полициско насилство и други важни политички и актуелни општествени прашања во земјата.

Во „Новаја газета“ работеше Ана Политковскаја, која пишуваше за војната во Чеченија и честопати ја критикуваше власта. Таа беше убиена во лифтот на нејзината зграда на 7 октомври 2006 година. Истрагата го откри и осуди организаторот и извршителот на убиството, но не беше соопштено кои се нарачателите. Убиството на Политковскаја се поврзува со нејзиното новинарство и борбата за човекови права. Новинарите на „Новаја газета“ под раководство на Муратов водат своја истрага за да утврдат кој го нарачал убиството.

„Немаме заедничка гледна точка кога станува збор за нарачателот на убиството. Во редакцијата неколку луѓе многу детално се занимаваат со трагедијата на Политковскаја. <...> Многупати баравме да се продолжи случајот со цел да се утврди кој го нарачал убиството. На 7 октомври [2021 година година] ќе бидат 15 години од убиството, и тоа е веќе застарено злосторство. Тоа значи дека ако нарачателот можеби и го пронајдат еднаш, повеќе не му се заканува затвор. Сакаме да постигнеме продолжување на рокот на застареност во овој случај со цел да продолжи потрагата по злосторниците“, рече Муратов за истрагата за убиството на Политковскаја во интервју за „Комсомолскаја правда“.

Покрај Политковска, уште петмина новинари на „Новаја газета“ се убиени, а неколкумина соработници преживеаја обид за убиство. По добивањето на Нобеловата награда, Муратов во едиторијалот напиша дека тие ја заслужуваат наградата, а не тој.

Притоа новинарите на весникот се добитници на повеќе од 60 професионални награди, вклучувајќи ја и Пулицеровата награда.

„И покрај убиствата и заканите, главниот уредник Муратов не се откажа од принципот на независност и доследно ги штитеше правата на новинарите да пишуваат на избрани теми, сé додека ги задоволуваат професионалните и етичките стандарди на новинарството“, изјави претседателот на Норвешкиот комитет Берти Реис-Андерсен.

Дел од Нобеловата награда (околу 1,14 милиони долари) Мурато ќе донира во фондот „Круг на доброто“, кој им помага на децата заболени од тешки и ретки болести.

Кремљ, исто така, му честиташе на Муратов за наградата. „Можеме да му честитаме на Дмитриј Муратов. Тој доследно работи во согласност со своите идеали, тој им е приврзан на своите идеали. Тој е талентиран и храбар “, изјави на брифингот со новинарите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Муратов во коментарот по повод добивањето на наградата укажа на тоа дека денес во Русија низа изданија и некои новинари се прогласени за странски агенти и поради тој статус губат реклами, а некои списанија се затвораат.

„Еве што можам да кажам: со оваа награда ќе се бориме за руското новинарство, кое тие сега се обидуваат да го стават под репресија. Тоа е сé. „Ќе се обидеме да им помогнеме на луѓето кои сега се прогласени за агенти, кои сега ги прогонуваат и бркаат од земјата“, изјави Муратов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња