Московските графити низ објективот на руски фотограф (ФОТО)

Василий Кудрявцев/vasiliykudryavtsev.com
Објективот на Василиј Кудрјавцев ги бележи најнеобичните графити на улиците во Москва. Многу од нив веројатно никој досега не ги видел, освен нивниот автор и фотографот.

Василиј Кудрјавцев веќе 30 години фотографира портрети на најголемите ѕвезди: од Даниел Крег кој ја гушка Ева Грин во московскиот Кремљ до Роберто Кавали кој на раце носи своја манекенка. Лејди Гага, Мерилин Менсон, Џред Лето, Фредерик Бегбеде и стотици други позираа за овој фотограф во најразлични прилики. Од 90-тите години неговите фотографии се појавуваа на насловните страници на сите модни списанија во Русија.

Но, освен тоа, овој фотограф патува по светот и го фотографира обичниот живот на улиците, во кој графитите заземаат посебно место. Тие се неговата страст. Така, најнеобичните мурали од Њујорк до Сеул се зачувани на неговите снимки. Во Москва го познаваат сите графити уметници. И тие се горди кога нивното дело ќе се најде на негова фотографија.

„Културата на графити ме привлекува со својата многустраност“, вели Василиј за Russia Beyond. Стиловите и темите на руските уметници се многу разновидни, а нивото на изведба е, според мислењето на овој фотограф, на многу високо ниво.

Василиј е уверен дека руската улична уметност со ништо не заостанува зад западната и дека Русија има голем број одлични уметници на тоа поле. „Нашата кинематографија е полоша и тоа не се менува“.

„Вистинска улична уметност и графити, односно, она што е незаконски, кај нас можеби има и повеќе“, смета фотографот, објаснувајќи го тоа со фактот дека на Запад има премногу простор под контрола, додека во Русија има многу слободен простор за противзаконско улично творештво.

Според него, вистинската улична уметност е скапоцена затоа што, покрај сето останато, е многу минлива. „Некои мурали преживуваат само половина час. Уметникот ќе ги нацрта, а општинските власти веднаш ќе ги префарбаат“, објаснува тој.

За Василиј доловувањето на некој графит е прашање на чиста среќа, бидејќи наидува на нив сосема случајно низ целиот град.

Меѓутоа, овој фотограф знае и на кои места би можеле да се појават нови графити, така што, ако тоа не е далеку од местото каде што оди по некоја работа, задолжително наминува таму за да види што се сменило.

На пример, до метро -станицата „Менделеевска“ има ѕид на кој постојано се појавуваат нови графити. „Овде можеш да покриеш со својата работа било чија слика, а потоа два дена подоцна некој ќе ја покрие твојата. Тука често се случува нешто интересно“. 

Тој ѕид докажува дека постојат феноменални уметници. „На пример, овој зелен ѕвер [на фотографијата долу] е направен фантастично!“

Тој го нема својот Бенкси, вели Василиј. „Но, кај Бенкси повеќе се работи за пораката отколку за вештината, иако тој, се разбира, умее да црта. Во Русија таа бунтовничка етапа е прескокната во текот на повеќе од 20 години. Ние го немавме тоа, но потоа почнавме да правиме навистина многу секакви улични уметности, меѓу другото, и многу интересни работи. Додека на Запа им требаше многу време да стигнат до тоа“.

Минатата година, поради епидемијата, Василиј ги истражуваше напуштените делови на Москва, железничките пруги на приградските возови и други мистериозни места. „Тие места се чуваат и таму е тешко да се влезе, така што никој не ни виде сé што е нацртано таму.“ Василиј смета дека е навистина добро што уметниците го сликаат она што никој не го гледа, можеби затоа што им се допаѓа или просто само така вежбаат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња